јануари 30, 2018

ЈСП со задолжение до сите возачи да го користат звучниот систем за автобуски постојки

Хелсиншкиот комитет за човекови права испрати реакција до Јавното сообраќајно претпријатие Скопје за некористењето на звучниот систем на автобуски постојки. Причината за реакцијата се пријавите од различни лица со оштетен вид и слепи лица за проблемите со кои тие се соочуваат при користењето на јавниот превоз во Град Скопје. Лицата посочија дека во ниту еден автобус на ЈСП во кој се возат не се користи звучниот систем на кажување на автобуските постојки и тие не знаат на која станица се наоѓаат и каде и кога треба да се симнат од автобус, па мора да прашуваат случајни патници. Хелсиншкиот комитет во својата реакција испратена до ЈСП посочи дека некористењето на звучните автобуски постојки е форма на дискриминација, бидејќи лицата со оштетен вид и слепите лица се оневозможени под еднакви услови да ги користат услугите на јавниот превоз поради нивната попреченост. Сметаме дека од особено значење е овие лица да можат самостојно и независно да го користат јавниот превоз, без притоа да бараат помош од другите патници. Предност на набавката на новите автобуси беше токму пристапноста за секого, а користењето на веќе вграден звучен систем за автобуски постојки не бара дополнително финансиско вложување бидејќи веќе постои и неговото користење само ќе ги подобри услугите на јавен превоз на сите патници.

На ваквата реакција, ЈСП испрати допис до Хелсиншкиот комитет со кој нè информираше дека како претпријатие кое го врши јавниот, градскиот и приградскиот превоз на патници во Град Скопје, ќе ги запознае и задолжи сите возачи задолжително да го активираат звучниот сигнал за најава на автобуските постојки, како би им го олесниле патувањето со автобусите на лицата со попреченост.

Ги повикуваме сите граѓани кои во иднина повторно ќе се соочат со проблем при користењето на јавниот превоз поради некористење на звучниот систем на автобуски постојки, истото да го пријават во Хелсиншкиот комитет на еден од телефонските броеви 02/3119-073 и 078/252-812.