Државата има обврска да ги заштити мигрантите
јуни 15, 2015
На 24 април 2015 година, во близина на Велес воз усмрти 14 мигранти-бегалци од кои најмалку двајца беа малолетни лица. На 23 мај, на шините покрај Демир Капија беше усмртен уште еден малолетник. Во последните 10 месеци усмртени беа најмалку 28 странци, вклучително бебиња, деца и жени кои ги напуштаат матичните држави од Западна Азија и Централна Африка и транзитираат преку територијата на Република Македонија. При откривање на овие лица од страна на полициски службеници тие или се депортираат во Република Грција или се притвораат во Прифатниот центар за странци во населбата Гази Баба каде во крајно нечовечки услови поминуваат по неколку месеци.
Во Член 29 од Уставот на РМ е утврдено дека странците уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори. РМ, како потписник на Европската конвенција за човекови права, покрај тоа што има обврска да се воздржи од одземање на животот, мора да преземе и соодветни чекори преку кои ќе ги заштити животите на лицата кои се наоѓаат на нејзината територија. Ова особено се однесува на ситуации во кои државата е запознаена дека постојат ризици кои можат да доведат до губење на човечки животи. Истата обврска се однесува и на превенцијата и заштитата од тортура на сите лица кои се лишени од слобода.
И покрај тоа што МВР е запознаено со опасностите и ризиците на кои се подложни мигрантите и бегалците, државата не презема соодветни мерки да ги заштити нивните човекови права. Пругите се необезбедени, не постои сигнализација или знаци што би укажале на опасност за движење на луѓе, а на мигрантите-бегалци не им се обезбедува ниту најосновната хуманитарна помош. Единствениот Прифатен центар во Гази Баба е пренатрупан и во распаѓање, основна но недоволна здравствена заштита обезбедува единствено Црвениот крст на РМ, а не се обезбедува ниту правна помош. Прифатниот центар е целосно затворен за здруженијата на граѓани и медиумите.
Постапката за притворање се одвива незаконито. Согласно Член 108, став 3 од Законот за странците, МВР донесува решение за привремено задржување на странецот, а во ставот 5 е утврдено дека странецот има право на жалба најпрвин до Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен, а потоа и до Управниот и Вишиот управен суд. Согласно Член 19, став 3 од Законот за управната постапка, учесниците во постапката кои не се државјани на РМ, а не го разбираат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, имаат право на преведувач. Во Член 61, став 5 е предвидено органите пред кои се води управната постапка да одговараат на македонски јазик и на службениот јазикшто го употребила странката. Незаконитоста на постапката за притворање се состои во необезбедување на преведувач од страна на МВР со што мигрантите-бегалци не се во можност ниту да го разберат ниту да го обжалат нивното притворање.
Во текот на месец мај, МВР го објави Нацртот на Закон за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита. Новина претставува можноста мигрантите пред полициски службеник да искажат намера за поднесување на барање за признавање на право на азил. Потоа ќе имаат можност во рок од 72 часа таквото барање да го поднесат. Во периодот од искажувањето на намерата до поднесување на барањето тие нема да се сметаат за нелегални мигранти што ќе им овозможи привремено слободно движење и легално користење средствата за јавен превоз. Се очекува ваквото решение да го намали бројот на криумчари. Иако се работи за генерално добар предлог кој веќе функционира во Република Србија, мора да се нагласи дека измената на Законот сама по себе нема да значи итна примена на решението. Во нацртот е предвидено дека министерот за внатрешни работи најпрвин ќе треба да донесе правилник преку кој решението би се операционализирало. И покрај тоа што Нацрт-законот е подготвен, тој сè уште не е во собраниска процедура.
Хелсиншкиот комитет би сакал да укаже дека во случај кога правните лекови од Законот за странци и Законот за општата управна постапка не се ефективни, односно не функционираат и кога нема друг правен лек, на мигрантите им се отвора можност да поднесат директна тужба против РМ до Европскиот суд во Стразбур. Според праксата на Европскиот суд за човекови права (на пр. случајот Калашников против Русија, Апликација бр. 47095/99, Стразбур, 15 јули 2002, пара.92-103) е утврдено дека и во случаи кога државата нема намера некого да мачи, пренатрупаноста и лошите услови во затворените институции се еднакви на тортура. Поради сите наведени причини, ја повикуваме Владата да ги заштити уставно загарантираните права на мигрантите-бегалци, итно да го усвои Нацрт-законот и веднаш да го испрати до Собранието кое треба да го усвои во скратена постапка и да го скрати рокот за изготвување на правилникот на најмногу 30 дена од стапувањето во сила на законот.