февруари 20, 2017

ДПТУ ДЕЛИКАТЕС ГРУП ДООЕЛ Кочани им исплати на работничките додаток на плата за работа во денови на празници

ДПТУ ДЕЛИКАТЕС ГРУП ДООЕЛ Кочани постапи по задолжувањето на Државниот инспектор за труд ПЕ Кочани и им исплати на работничките додаток на плата за работа во денови на празници и неработни денови, согласно чл. 24, став 2 од Општиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството.

Имено, по добиени сознанија за прекршување на работничките права во делот на исплата на додаток на плата за поминати работни часови на ден на неделен одмор и додаток на плата за поминати работни часови во денови на празници и неработни денови, Хелсиншкиот комитет до Државниот инспекторат за труд подесе барање за спроведување вонреден инспекциски надзор во повеќе конфекции, вклучително и ДПТУ ДЕЛИКАТЕС ГРУП ДОО Кочани. оваа година 24 октомври за сите граѓани на Република Македонија беше прогласен за неработен ден заради одбележување на празникот “Ден на македонската револуционерна борба”, кој се одбележува на 23 октомври. Бидејќи оваа година 23 октомвври календарски се падна во недела, согласно закон, за неработен ден за сите граѓани,беше прогласен следниот ден, 24 октомври. Согласно Законот за работни односи, работодавците кои имаат намера да работат и за празник се должни претходно да го известат подрачниот инспектор на труд. Дополнително работодавците кои ќе работат за време на празниците се должни на работниците кои ќе работат да им ги исплатат наведените додатоци на плата. При извршениот вонреден инспекциски надзор Државниот инспекторат за труд, подрачна единица Кочани, утврдил прекршување на работничките права во ДПТУ ДЕЛИКАТЕС ГРУП ДООЕЛ Кочани. Имено споменатиот работодавач навремено го известил Државниот инспекторат дека одлучил неработниот ден и воедно државен празник да биде работен ден. На тој ден 63 работнички го евидентирале своето присуство на работното место. Работодавачот извршил пресметка и уплата на надоместок на плата за поминати работни часови во ден на неделен одмор, но не извршил пресметка и уплата на надоместок на плата за работа во денови на празници и неработни денови, што е спротивно на Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството.

По спроведениот вонреден инспекциски надзор Државниот инспектор за труд ПЕ Кочани го задолжи работодавачот ДПТУ ДЕЛИКАТЕС ГРУП ДООЕЛ Кочани да изврши пресметка и уплата на надоместок на плата за работа во денови на празници и неработни денови. Рабодавачот веднаш по добивањето на задолжувањето, постапил по истото и на работничките им го уплатил именуваниот надоместок на плата.

Во оваа прилика би сакале да ја демантираме веста која беше пренесена од повеќе медиуми дека работодавачот ДПТУ ДЕЛИКАТЕС ГРУП ДООЕЛ Кочани била санкционирана од страна на Државниот трудов инспекторат. Ваквата вест не е точна, односно работодавачот не е казнет од страна на Државниот трудов инспекторат бидејќи постапил по задолжувањето на Инспекторатот, па од таа причина Инспекторатот не поднел барање за поведување на прекршочна постапка.