Дистанцирање на проф. д-р Беким Кадриу, член на Комисијата за заштита од дискриминација од мислењето за Миленко Неделковски
По соопштението на Мрежата за заштита од дискриминација по повод мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) за Миленко Неделковски, проф. д-р Беким Кадриу, член на КЗД, испрати реакција до Мрежата со која јавно се дистанцираше од мислењето.
На 06.12.2016 година Мрежата за заштита од дискриминација со соопштение до јавноста, мислењето на КЗД со кое не утврдува дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во емисијата „Миленко Неделковски Шоу“ го оцени како спротивно на Законот за спречување и заштита од дискриминација и како несериозно и паушално толкување на законите на Република Македонија со цел пронаоѓање на аргументи за одбрана на Миленко Неделковски. По испратеното соопштение членот на Комисијата, проф. д-р Беким Кадриу се дистанцираше од мислењето:
„Како член на Комисијата за заштита од дискриминација морам јавно да се дистанцирам од „писмото“ напишано и потпишано од Претседателот на Комисијата, со кое писмо се постапува по претставка број 03-1307 од 2016 година.
Прво, ова писмо на Претседателот не е никаков став на Комисијата. Писмото нема форма ниту на одлука, на мислење или на заклучок. Со тоа, ваквото “писмо” не е усвоено на седница на Комисијата туку претставува израз на лична воља на претседателот.
Второ, со завршување на постапката по претставката на овој начин, без усвојување на мислење од Комисијата како колективно тело, Претседателот ја злоупотребува положбата и узурпира надлежност на Комисијата.
Трето, од аспект на содржината, јас како член на комисијата не се согласувам со многу делови од „писмото“, за што, ако истото остане такво какво што е, ќе поднесам и аргументирам издвоено мислење.
Сигурен сум дека со овој мој став се согласуваат и други членови на Комисијата.“– напиша Кадриу
Со ова се потврдија нашите сомневања дека претстдателот на КЗД, Александар Даштевски, работи спротивно на Законот за спречување и заштита од дискриминација, не ја почитува независноста загарантирана со Законот и ја користи својата полжба како претстдател на институцијата за одбрана на дискриминатори биски до власта.
Мрежата за заштита од дискриминација го повикува Сообранието на Република Македонија, веднаш по изборите да го разреши Александар Даштевски како претседател на КЗД, како и останатите членови кои не ги исполнуваат критериумите на независност и стручност и да организира транспарентен избор на нов состав на Комисијата, со цел оваа институција да профункционира согласно Законот и да обезбеди ефикасна заштита од дискриминација на граѓаните на Република Македонија.
По формирањето на новото Собрание, Мрежата ќе испрати барање до пратениците за разрешување на Александар Даштевски, поради злоупотреба на службената положба и нестручно и несовесно вршење на функцијата.