Дискриминирачки награден фонд во првенство во тенис

август 21, 2019

Деновиве на социјалните медиуми беше објавен настанот Отворено првенство на Македонија во тенис – сениори и сениорки кој ќе се одржува од 28.08.2019 – 01.09.2019 година во Велес. На објавата за настанот споделен е и наградниот фонд кој е предвиден за сениорите и сениорките кои ќе освојат некое од првите четири места. Предвидениот награден фонд за трето место за сениори изнесува 6.000 денари, а за сениорки 3.000 денари, за второ место за сениори 12.000 денари, а за сениорки 6.000 денари, додека за прво место за сениори изнесува 24.000 денари, а за сениорки 12.000 денари. Според ова евидентно е дека наградниор фонд за сениори изнесува двојно повеќе од фондот предвиден за сениорки за сите три највисоко рангирани места.

Ваквиот награден фонд е дискриминирачки по основ на пол и род и тоа од неколку причини. Директната дискриминација врз основа на пол се однесува токму на двојно поголемиот фонд предвиден за мажи од оној предвиден за жени, додека дискриминацијата врз основа на род се однесува на претпоставката за спортот како сфера во која поголемо учество имаат мажите, односно како типично родово машка активност. Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за еднакви можности на жените и мажите, забранета е дискриминација врз основа на пол и род во форма на разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа. Со предвидениот награден фонд, организаторот врши директна дискриминација врз овие две основи, целосно непочитувајќи ги принципите на еднакво учество во спортско натпреварување за мажи и жени.

Го повикуваме организаторот Тенис Клуб Борец Велес и Општината Велес чие лого стои на флаерот за настанот како поддржувач, да го повлечат и ревидираат наградниот фонд за Отвореното првенство на Македонија во тенис – сениори и сениорки и да утврдат еднаков награден фонд за мажи и жени.