октомври 19, 2016

Дискриминаторска содржина во учебникот „Општество“ за 4то одделение

Мрежата за заштита од дискриминација смета дека учебникот „Општество“ за 4то одделение содржи дискриминаторски текстови врз основа на брачен и семеен статус, но и врз основа на религија.

Веќе многу родители реагираа дека вежбата во учебникот со која се бара од учениците/чките да залепат фотографија од свадбата на родителите, и уште повеќе да кажат дали истите склучиле брак во црква или во матично е крајно вознемирувачка, исклучувачка и стигматизирачка кон сите оние деца и родители кои живеат во нетрадиционални семејства. Ваквата вежба и текст значат дискриминација за децата кои живеат во еднородителски семејства, кои можат да настанат преку развод на брачните другари, смрт на родителот/ите, деца кои живеат во семејства со други роднини, па дури и кон родителите кои живеат во вонбрачна заедница или родителите кои склучиле граѓански брак, но не направиле свадба. Понатаму, освен вежбата и останатиот дел од учебникот во делот каде се учи за бракот и семејството, има содржини кои ги исклучуваат и стигматизираат нетрадиционалните семејства. Со ваквата содржина во учебниците освен што се дискриминираат и стигматизираат цели групи на деца и родители и негативно се влијае врз развојот на децата од неконвенционалните семејства, исто така се оневозможува пристапот до точни и релевантни информации на секој ученик/чка преку градење на исклучувачка слика за тоа што значи „нормално“ семејство, оневозможувајќи да се осознаат различностите и градејќи негативни стереотипи кај учениците уште од 4то одделение.

Како Мрежа за заштита од дискриминација, се повикуваме на антидискриминациските одредби во Законот за основно образование, Законот за заштита и спречување од дискриминација кој изречно ја забранува дискриминацијата врз основа на семејна и брачна состојба, како и на Законот за семејство кој изречно ја забранува дискриминацијата на децата родени во и надвор од брак. Исто така апелираме до надлежните институции како Државен просветен инспекторат, Биро за развој на образование, Министерство за образование и наука, Народен правобранител и Комисија за заштита од дискриминација, да преземат чекори во нивна надлежност за отстранување на ваквата содржина и замена на истата со соодветна содржина која ќе ги претстави сите типови на семејства и заедници, и со тоа ќе ги исполни целите на образованието и ќе ги почитува законите на Република Македонија. Доколку надлежните институции не постапат по службена должност, Мрежата за заштита од дискриминација ќе поднесе претставки со цел отстранување на дискриминаторската содржина.