септември 16, 2022

Дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет е некомпатибилна со стандардите на Советот на Европа

Публикацијата ,,Стандарди на Советот на Европа за заштита и спречување на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет” од авторките д-р Елена Михајлова-Стратилати и Вики Младенова беше презентирана на 15 септември, во депозитната библиотека на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

 

,,За нас е важно објавувањето на оваа книшка, затоа што не гледам желба за големи промени кај нашите политички структури. Мислам дека тие се подготвени да го исполнат само минимумот кој го бара ЕУ и ништо повеќе. Па барем да сме свесни што е минимумот’’ – изјави Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, кој ја отвори промоцијата, посочувајќи дека изработката на публикацијата е во рамки на одбележувањето на 10-годишнината од отворањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка како подружница на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Професорката на Правниот факултет и една од авторките на публикацијата, д-р Елена Михајлова-Стратилати, истакна дека Советот на Европа ја започна борбата за правата на ЛГБТИ лицата уште во раните 1980ти години.

,,Од усвојувањето во 2010 година на Препораката CM/Rec (2010)5 на Комитетот на министри на Советот на Европа за мерките за борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, во Европа има севкупен значаен напредок во однос на почитувањето на човековите права на ЛГБТИ лицата, но последните години, во број европски држави има забележително назадување во однос на почитувањето на права на ЛГБТИ лицата, често поттикнато од реторика на омраза што ја вршат некои популистички политичари.’’ – нагласи Михајлова-Стратилати, посочувајќи примери на национални и локални политичари кои користат говор на омраза и дезинформации за ЛГБТИ луѓето, честопати прикажувајќи ги нивните права како некаква закана за семејството, па дури и за државниот суверенитет. Според неа, овој пристап предизвикува долгорочна човечка штета во потрага по краткорочна политичка добивка.

„Нашето општество одразува повеќе од овие состојби, каде напредокот постои, но е сегментиран, бавен, па дури понекогаш и се заканува да се врати наназад. Освен конкретни организации за застапување и поединци, речиси и не постои поопшта, граѓанска мобилизација за решавање на родовата и сексуалната омраза. Тоа е затоа што човековите, економските и социјалните права на овие луѓе сè уште се сметаат за дискутабилни. Дискусиите сè уште започнуваат со прашањето „дали сте за или против правата на ЛГБТИ?“ –истакна професорката Михајлова-Стратилати.

 

 

 

На истата линија, во својата презентација авторката Вики Младенова посочи дека криминализацијата и правното вкалапување на субјективитетот на ЛГБТИ луѓето, и покрај тоа што е правно надмината, направила големо влијание кое во различни трауматски моменти ги засилува себе-негирачките чувства. Тие, пак, придонесуваат кон една тешка состојба на афективна неправда, кога целиот регистар на интимни и пошироко, социјални доживувања на секојдневниот живот на квир луѓето не се уважува, признава и препознава како еднакво вреден, кога квир луѓето се истоштуваат во рамки на секојдневните ситуации за да одговорат на нормалното и нормативното, предодредено од хетеронормативни и патријархални одредници.

„ЛГБТИ луѓето, најчесто, се лоцирани како такви непријатели или жртвени јарци, и следејќи ја логиката на еквиваленцијалниот синџир, од водачот или други доминантни групи (партија, религиозна групација итн.), таквиот однос понатаму се распространува омасовено на општествено ниво. Спротивно на ова, потенцијалот за отпор на ЛГБТИ луѓето не ја поддржува само борбата за нивните човекови права, туку се соединува со други борби и може да креира фронт за контра-хегемонска борба во општеството. Имајќи ја силната способност за трансформација, ЛГБТИ движењето ги содржи и брани различните начини, стилови и форми на живот чие отворање и бранење, несомнено придонесува кон поеднакво и поправедно општество, во кое сите и сечие живеење може да биде уважено како еднакво вредно. Од перспектива на правните борби, ЛГБТИ луѓето може да бидат доживеани како „јуридичка авангарда“, која што застапувајќи ги своите права внесуваат нови капацитети во текстот на правото, кои се однесуваат на состојби и релации што потоа и самото право го менува.“

Публикацијата ,,Стандарди на Советот на Европа за заштита и спречување на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет” е обид да се консолидираат  постоечките релевантни акти на институциите на Советот на Европа во оваа област. Селектирани се документи кои претставуваат инструменти за застапување и даваат јасни упатства за правата на ЛГБТИ лицата. Даден е и увид во еволуцијата на еднаквоста на ЛГБТИ лицата низ case law- то на Европскиот суд за човекови права, а посветено е внимание и на одлуките на Европскиот комитет за социјални права.       И конечно, посебен фокус е ставен на Препораките на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ),  која започна со следење на состојбата на ЛГБТИ лицата во 2012 година, како дел од својот редовен мониторинг на сите земји членки на Советот на Европа. Во моментов ЕКРИ работи на својата прва Општа препорака за недискриминација на ЛГБТИ лицата која треба да биде готова до крајот на годината и ќе биде корисен водич за државите во усогласување на своите закони, политики и дејствување со стандардите на Советот за Европа во делот на заштитата на човековите права на ЛГБТИ лицата.

Публикацијата е корисна референца за домашни и меѓународни институции, невладини организации, медиуми, студенти и истражувачи. Достапна е на македонски и албански јазик на веб страната на Хелсиншкиот комитет за човекови права:

на македонски јазик

на албански јазик

 

Оваа публикација е подготвена во рамки на проектот „Towards a More Resilient LGBTI Movement > Know More – Protect Better”, поддржан од страна на ILGA-Europe, а имплементиран од страна на ЛГБТИ Центарот за поддршка во партнерство со Коалиција Маргини. Мислењата и ставовите произнесени во публикацијата не мора задолжително да ги изразуваат официјалните ставови на донаторот.