јули 2, 2024
Дигитална еднаквост и маргинализираните заедници
Во рамки на Самитот за слобода на интернет, Фондација Метаморфозис, на 27 јуни, организираше панел-дискусија за дигитална еднаквост, поттикнувајќи дискусија за заштитата на човековите права онлајн во Северна Македонија и Западен Балкан низ призма на жените и ЛГБТИ+ заедницата.
Наташа Петковска, правна советничка во Хелсиншки комитет за човекови права истакна дека Комитетот активно се занимава со влијанието на дигиталната средина и технологијата врз маргинализираните заедници, вклучително и врз ЛГБТ+ заедницата и жените.
„Нашите напори се повеќеслојни и вклучуваат следење на прекршувањата на човековите права, обезбедување бесплатна правна помош и учество во процесите на креирање политики. Приоритет ни се трите столба кои се и уставно загарантирани – заштита на приватноста на личните податоци во дигиталниот простор, слободата на изразување и дигиталната безбедност“, рече Петковска.
Петковска презентираше како функционираат платформите GovorNaOmraza.mk и zlostorstvaodomraza.com и презентираше дел од нивните досегашни успеси.
Таа потенцираше дека предрасудите кон ЛГБТИ+ заедницата се исклучително силни, а говорот на омраза се зголемува пропорционално со видливоста на оваа заедница. Од прес-конференцијата за најавата на Парадата на гордоста на 26 мај, до Парадата на гордоста на 22 јуни, забележани се коментари кои промовираат омраза, омаловажување, повикување на насилство и елиминација на оваа заедница. Бројот на пријави на платформата www.govornaomraza.mk во овој период се зголеми со извештаи за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и/или родов идентитет со коментари претежно на социјалните мрежи кои ги прикажуваат ЛГБТИ луѓето како неприродни, а истовремено се користеше нацистичка реторика и симболи.