октомври 30, 2024

Денови на медиумска писменост: Како етички да се користи вештачката интелигенција

Од 28 октомври до 4 ноември се одржува шестото издание на Деновите на медиумска писменост во организација на Мрежата за медиумска писменост, годинава под мотото: „Твојата свесност е најважниот филтер“.

Првата конференција насловена како „Политики за медиумска писменост во ерата на вештачка интелигенција“, го отвори Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, заедно со претставници на членките на Мрежата на медиумска писменост. Од името на Хелсиншкиот комитет се обрати Јана Сотировска која истакна дека следејќи ги предизвиците што ги носи дигитализацијата особено оние што ги допираат младите, Комитетот го спроведува проектот  за јакнење на капацитетите кај младите, „Креирање на побезбедна дигитална средина за младите“, поддржан од Смарт Балканс, а финансиран од Кралството Норвешка.  Во тие рамки Хелсиншки комитет организираше летна школа за дигитални права и сајбер безбедност што ги опфати заштитата на лични податоци, говорот на омраза, сајбер малтретирањето, дигиталното родово базирано насилство и медиумската писменост. Креативните активистички дела што ги изработија учесниците на  Школата се изложени во фоајето на Музејот на македонска борба.

Хелсиншкиот комитет за човекови права, годинава,  учествува во Деновите на медиумска писменост со панел дискусијата на тема: Етика во користењето на вештачката интелигенција, која се одржа на 28 октомври, во Музејот на македонска борба за самостојност со учесниците проф. Анис Сефиданис од Факултетот за машинска интелигенција и роботика, Мила Јосифовска Даниловска од Фондација Метаморфозис и модераторката Лилјана Пецова Илиевска.

Иако има големи придобивки од вештачката интелигенција (ВИ), има и определени ризици како на пример, нејзиното користење во т.н. лоши цели кои ја нарушуваат заштитата на приватноста, заштитата на достоинството на човекот. Затоа е неопходно да има јасни регулативи за заштита на човековите права, беше кажано на панел дискусијата.

Вештачката интелигенција не’ соочува со самите себе, односно со човековата моќ, затоа треба да бидеме претпазливи при нејзиното користење кажа професорот Сефиданис.

„ВИ може да изведува увиди кои не постоеле претходно и да биде прецизна во однос на нејзините предвидувања. На пример, автомобилите на Тесла успешно се снаоѓаат со сообраќајни несреќи, на тој начин што се минимизира бројот на човечки жртви, по цена на материјална штета“, рече тој.

Според Сефиданис, едукацијата е единствената алатка за справување со опасноста која постои, а тоа се лошите намери кои со користењето на ВИ може да бидат мултиплицирани во голем број.

„ВИ ќе успее да спречи криумчарење на луѓе и на роба преку граница, на злоупотреба на било каква административна фунцкија. Опасноста постои да нашите лоши намери бидат мултиплицирани во голем број. Булинг порано имало во училишниот двор, а сега може да биде префрлен на Chat GPT и може да стигне до сите учичишни дворови. Затоа едукацијата е единствено оружје со кое може да се справиме против опасностите. Регулатива и правна одговорност треба да постојат, но има и други процеси на колективна свест, каде одговорноста станува се помалку индивидуална“,  вели професорот.

„Мора да има јасни регулативи за заштита на човековите права, но да се внимава да не се задуши технолошкиот развој. Прво треба да ја поставиме основата со почитување и спроведување на сите закони и прописи поврзани со различни дигитални системи, заштита на лични податоци, па потоа да изградиме систем кој ќе го почитува човековото достоинство и нема да дискриминира, нема да наштети на приватноста на никого“, рече Јосифовска Даниловска и додаде дека во однос на заштитата на личните податоци, нашата Агенција за заштита на лични податоци, има изготвено прирачници, платформа за е-учење, кои не се доволно искористени особено од страна на јавната администрација.

На крајот Пецова Илиевска заклучи дека треба да се издвојат два клучни зборови – претпазливи и симулација. „Веројатно се’ додека ја користиме вештачката интелигенција како симулација во одредени процеси за донесување на одлуки и за помош и поддршка при тие процеси можеби тоа ќе биде еден од клучните механизми да бидеме доволно претпазливи за да речеме дека ја имаме контролата во наши раце“.

Во рамки на Деновите на медиумска писменост 2024, петнаесет членки на Мрежата, и нивни поддржувачи, организираат 22 настани на различни локации низ целата држава, а некои од нив ќе се одржат и онлајн. На овој начин нашата земја се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.

 

Извор на видеото: АВМУ

 

 

Видеа

Денови на медиумска писменост: Како етички да се користи вештачката интелигенција