Борбата мора да продолжи здружено – честит Први мај!
Работничките права се човекови права
Меѓународниот ден на трудот, Први мај, ја симболизира борбата за зачувување и унапредување на работничките права и се одбележува во знак на почит кон жртвите и кон повредените на крвавиот штрајк од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. Овој штрајк беше еден од првите крици на борбата за подобрување на положбата на работничките и на работниците во државите ширум светот. Тогаш работниците побараа воведување осумчасовен работен ден, но иако оваа цел беше делумно постигната за одреден дел работници, одбележувањето на денот на трудот не престана. Борбата за заштита и унапредување на работничките права продолжува и Први мај останува да биде годишно изразување на овие барања за никогаш повеќе да не се одлучува за судбината, правата и обврските на работниците, без работниците.
Денес, 134 години подоцна, за многумина работници 40-часовната работна недела и слободниот викенд сè уште претставуваат недостижни желби. Ова важи и за голем дел од вработените во Северна Македонија, кои секојдневно се соочуваат со низа прекршувања на нивните работнички права, а кои според нашиот Устав се сметаат за човекови права.
Хелсиншкиот комитет останува сојузник на работниците
Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе продолжи да ја следи состојбата со работничките права во државата и во секое време е подготвен конструктивно да се вклучи во сите процеси со засегнатите страни, за да се обезбеди почитување на трудот.
Во последните шест месеци, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше 214 пријави кои опфатија повеќе од 3.432 работнички и работници. Повеќе од 461 работник останаа без работа, а на приближно 696 работници им била намалена платата или, пак, воопшто не им била исплатена. Во овие исклучително непредвидливи и тешки времиња, останувањето без плата за најголем дел од работниците значи ризик за нивната гола егзистенција и затоа се потребни солидарноста и заедништвото.
Работничките и работниците се луѓе од крв и месо, со свои неотуѓиви човекови права, чувства, животни приказни и достоинствo. Крајно време е сите да застанеме во одбрана на работничките права и да ги обезбедиме барањата стари повеќе од еден век – достоинствен живот за сите, регулирање на работното време и прекувремената работа, социјална и здравствена сигурност.
Синдикатите треба да ја надминат разединетоста
Последиците од сегашната ситуација ќе бараат активен дијалог помеѓу социјалните партнери за изнаоѓање соодветни мерки и чекори што ќе значат надминување на кризата и одење напред кон одржлив економски развој. Токму затоа, разединетото синдикално организирање во најбрз можен рок треба да ги консолидира своите разлики и да обезбеди соодветна репрезентација на околу 800.000 работнички и работници во државава кои претежно живеат од наемен труд. Слики, како оние од минатогодишниот Први мај кога општите синдикати организираа три посебни протестни марша, само ја влошуваат преговарачката позиција на работниците и посочуваат на формалноста на синдикалното здружување, за сметка на суштинските потреби и проблеми. Од тие причини, апсолутно е неопходно да се редизајнира борбата за работнички права и да се создадат услови за поефикасно дејствување во процесот на обезбедување социјална правда.
Институциите мора да ги заштитат работниците од последиците на вонредната состојба
Работниците беа први на удар и по прогласувањето на вонредната состојба на територијата на целата држава поради справувањето со последиците од коронавирусот. Затоа, и на овој ден ги реафирмираме здружените барања до Владата на повеќе синдикати и граѓански организации, кои се однесуваат на заштитата на работниците и на сиромашните, а кои досега не наидоа на соодветен одговор од страна на институциите:
- Мораториум на сите откажувања на договорите за вработување од страна на работодавачите (деловни причини) и на сите намалувања на платите во периодот додека трае вонредната состојба;
- Право на паричен надоместок за невработени лица да можат да остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината. Ова од причина што многу работници изминатиов период беа измамени од страна на работодавачите и работниот однос им беше прекинат на овој начин;
- Да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на кризава, односно од почетокот на март. Многу фирми кои отпуштија работници во изминативе недели, според сегашното решение, можат да добијат државна помош и покрај отпуштањата;
- Да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери и слични видови работници), кои се најнесигурната категорија и немаат речиси никакво социјално и здравствено осигурување. Овие работници, по примерот на самостојните уметници и спортистите, треба да добиваат финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од најмалку 14.500,00 денари;
- Да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на кредитно-задолжените;
- Државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривични злоупотреби од страна на работодавачи во врска со спогодбените и другите откази на работници во изминатиот период.
Полугодишниот извештај за состојбата со работничките права и податоците поврзани со сите 214 случаи се достапни за преземање на инфографикот подолу. Инфографикот го опфаќа периодот од 1 ноември 2019 година до 30 април 2020 година и е изготвен во рамки на проектот ,,Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Северна Македонија’’, финансиран од Фондот за добро владеење на Британија. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Владата на Обединетото Кралство.