Блупринт група: СЈО како институција треба да се интегрира, а не преку ноќ да се асимилира во јавнообвинителскиот систем
Блупринт групата за реформи во правосудството денеска одржа прес конференција посветена на
актуелните случувања во областа на правосудството. Изнесувајќи ги своите ставови во однос на предлог
законот за Јавното обвинителство, Блупринт групата потенцираше дека не беше консултирана во однос
на законот и дека за ваков системски закон потребна е јавна дебата, а не носење на законски решенија
преку ноќ.
Натали Петровска, од Коалиција „Сите за правично судење“ изјави дека ставот на Блупринт групата како
и во изминатиот период останува константен, а тоа е дека СЈО како институција треба да се интегрира,
а не да се асимилира во јавнообвинителскиот систем.
На прес конференцијата, претставниците на Блупринт групата го повторија нивниот принципиелен став
изнесен и во минатото, дека СЈО како институција мора да задржи степен на автономија при овој процес
на интеграција во Јавното обвинителство.Исто така, посочена беше и потребата од конструктивност на
политичките партии во реформските процеси, особено на претставниците од опозицијата, конкретно во
поглед на изнаоѓање на прифатливи законски решенија за регулирање на статусот и надлежноста на
СЈО.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права посочи дека во предметот „Рекет“ треба
да се почитува принципот на пресумпција на невиност и органите на прогон доследно да си ја извршат
својата работа без изнесување на дезинформации во јавноста за да не се наштети на истрагата, а исто
така и за да докажат дека навистина се борат против корупцијата во државата.
Јелена Кадриќ од Иститутот за човекови права истакна дека Судскиот совет на РСМ изрекува мерки,
најчесто суспендира судии само доколку има поднесено обвинителен акт од страна на Јавното
обвонителство.
Блупринт групата најави дека и во наредниот период ќе продолжи будно да ги следи сите случувања во
правосудтсвото и ќе продолжи да со имплементација на проектот „За правда – Следење на
спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството 2019 – 2020“ финансиски поддржан од
Фондација Отворено општество-Македонија.