октомври 24, 2014

Бараме осуда за насилството и казна за насилниците!

На 23.10.2014г., ЛГБТИ Центарот за поддршка – Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, организираше прослава по повод две години од отворањето на организацијата. Забавата беше организирана во кафе барот ,,Дамар‘‘ во Старата скопска чаршија. Во 21:20-21:30 часот, група од околу триесет млади луѓе пристапија од двете страни на улицата на која гледа кафе барот. Лицата кои беа маскирани и со качулки на главите, беа вооружени со стаклени шишиња и други тврди предмети.

Молскавично и во стампедо во трк, групата пристапи од двете страни и го каменуваше објектот. По нападот, групата се разбега по околните улички. Во моментот на настанот, во кафе барот ,,Дамар‘‘ имаше присутни повеќе од шеесет лица на прославата на Центарот, од кои две лица (момче и девојка) се наоѓаа надвор од објектот, пред влезната врата на кафе барот. Групата ги нападна момчето и девојката со стаклени шишиња и со удари во пределот на главата и телото со што им нанесе телесни повреди. Додека ги удирале, напаѓачите постојано им кажувале дека треба да си одат од тука и дека ,,тука нема место за педери‘‘. Неколку од лицата кои се наоѓаа во внатрешноста на кафе барот се здобија со помали расекотини од разлетаните парчиња стакло.Во врска со овој настан, МВР преку својот Дневен Билтен, објави информации кои се нецелосни, неточни и не ја прикажуваат целата слика за настанот.

Имено, во ниту еден дел од Билтенот нема информација дека нападот се случил за време на прославата организирана од ЛГБТИ Центарот, ниту дека ова е шестти напад врз Центарот (и неговите активности) во чаршијата, што веќе претставува криминален тренд кој бара поинакво постапување. Исто така нападот не беше извршен од страна на неколку лица, туку од страна на голема организирана група. На ниту едно место во Билтенот не беа споменати пораките кои ги извикуваа напаѓачите, т.е. дека “(педерите) треба да си одат од тука и дека тука нема место за педери“. Понатаму, нападот е окарактеризиран како “насилство“, што укажува дека доколку МВР поднесат пријава, тоа ќе биде само за КД насилство (чл.386), како и досега, а во ниту еден дел од текстот не е споменато дека во внатрешноста на објектот имаше повеќе од шеесет луѓе, со што беше предизвикана значителна опасност по животот и телото на присутните.Поради тоа, овој напад истовремено ги исполнува и битијата на делата Предизвикување општа опасност (поради директната опасност по животот и телото на присутните), како и Расна и друга дискриминација преку прогонување на организации или на поединци поради нивното залагање за рамноправност на луѓето (поради фактот дека ова е напад кој се случува во период кога Центарот организира прослава во кафе барот и поради трендот на повеќе напади врз организацијата со ист начин на извршување).

Потенцираме дека како со националното законодавство (Уставот на Република Македонија), така и со европското право и процесот на хармонизација на македонското законодавство гарантирани и заштитени се правото на живот, безбедност и сигурност, заштитата од дискриминација и правото на слободата на изразување. Овие слободи и права им припаѓаат на сите, без оглед на нивната сексуална ориентација и/или родов идентитет! Затоа, ја прашуваме Владата на РМ и надлежните институции до кога ќе продолжи потценувањето на насилството кое е дел од секојдневниот живот на ЛГБТИ луѓето? До кога ќе продолжиме да се преправаме дека овие луѓе не постојат, дека секојдневно не се соочуваат со реални закани по нивниот живот и тело и дека немаат потреба од посебна правна заштита и правен третман, конечно дека заради говорот на омраза упатен кон оваа заедница, припадниците на истата сериозно се изложени и на дела од омраза?

Потсетуваме дека културата на неказнивост ги отвора и охрабрува делата и говорот кој е поврзан со омразата, односно со материјализираното насилство. Групите и индивидуалците кои имаат различен начин на живот, не треба да имаат различен и неправеден третман. Слободите и правата кои се гарантираат и се заштитени за сите, треба да се гарантирани и заштитени и за нас!Поради тоа, Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија* (во која Центарот е активна членка) ги упатува следните барања до Владата на РМ, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и надлежните Судови:

Бараме јавна осуда од Премиерот на Владата и Министерката за внатрешни работи за хомофобичното насилство од омраза против ЛГБТИ луѓето во РМ во текот на денешниот ден. Брзо разјаснување на случајот, откривање на сторителите и ефикасна судска постапка за Насилство, Предизвикување општа опасност и Расна и друга дискриминација преку прогонување на организации или на поединци поради нивното залагање за рамноправност на луѓето. Разјаснување, откривање на сторителите и покренување на судска постапка против сторителите на предходните пет напади врз ЛГБТИ Центарот за поддршка во Старата скопска чаршија. Отворање на кривична истрага за говорот на омраза кој следеше на социјалните мрежи по нападот и за Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа против медиумите кои пред настанот објавуваа содржини со говор на омраза против ЛГБТИ луѓето. За крај предупредуваме дека со тенденциозното неказување на сторителите, институциите  не само што го охрабруваат насилството туку и практично дејствуваат како соучесници.Правда за сите. Различни. Еднакви. Слободни.


*Националната Мрежа против Хомофобија и Трансфобија (НМХТ) на РМ е мрежа од дваесет невладини организации и индивидуалци кои координирано дејствуваат против насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ луѓето во нашето општество.

Видеа

Изјава од Уранија Пировска

Изјава од Гордан Калајџиев

Изјава од Кочо Андоновски