октомври 20, 2014

Фекална вода за осудените и притворени лица во Затвор Куманово

Во текот на 2014 година до Хелсиншкиот комитет за човекови права се обраќаа осудени лица кои издржуваат затворска казна во Затвор Куманово. Затворот беше пуштен во употреба во септември 2013 година, а од страна на властите беше промовиран како установа која ги исполнува европските стандарди. Меѓу другото, беше објавено дека затворот има свој посебен систем за водоснабдување и затоплување на санитарната вода.

Од разговорите водени со осудените лица во оваа установа, Хелсиншкиот комитет утврди дека тие се соочуваат со сериозни проблеми поврзани со несоодветните услови за живот. Проблемите на околу 300 осудени и притворени лица се однесуваат на непостоење на активности, нефункционалност на засебните простории како што се берберницата, салата за верски обреди, училницата, библиотеката итн. Особено загрижувачки се поплаките дека во затворот често се случува да нема вода од два до три дена, а воопшто не се обезбедува топла вода. Имено, во затворот нема ниту систем за водоснабдување ниту санитарна инфраструктура за отпадни води. Водата која се користи за пиење, готвење, перење и капење се носи со цистерни. Според информациите добиени од осудените лица и жителите кои живеат во околината на затворот, бунарот од кој се црпе водата се наоѓа во с. Градиште, Куманово.

Во текот на месец септември 2014 година од страна на осудено лице до Комитетот беше доставено шише со вода која се употребува во затворот. Водата имаше несвојствена боја и мали парчиња од непозната материја. Поради таа причина Комитетот ја испрати водата на лабораториско испитување по што беа добиени резултати дека водата не е безбедна за пиење. Имајќи предвид дека водата беше анализирана без да бидат исполнети техничките предуслови (стерилизирано шише и предавање на испитување во рок од 6 часа по обезбедувањето) Комитетот во октомври 2014 година го пронајде бунарот во с. Градиште и обезбеди нов примерок кој беше предаден на испитување до Институтот за јавно здравје во Скопје, во согласност со техничките предуслови.

Куќата на семејството Симоновски

Во октомври 2014 година го посетивме семејството кое живее во непосредна близина на затворот, а за кое еден медиум објави дека се соочува со поплавување на својот дом и двориште од фекалните води кои се испуштаат од затворот.[1] Ѕидовите на куќата на семејството кое се состои од двајца сопружници на 80 годишна возраст се поплавени од темелите па сè до висина од два метра. Целосно поплавени се и нивниот двор и градина, а во околината се шири непријатна миризба. Семејството престанало водата да ја користи за пиење, но ја користи за напојување на домашните животни кои ги одгледува. И покрај тоа што семејството се обратило до надлежните органи, од нивна страна или воопшто не било одговорено или се прогласиле за ненадлежни. При посетата, согласно техничките предуслови, беше земен примерок и од водата  од приватен бунарот на семејството.

Каналот од кој се испушта отпадна вода и околината

По лабораториското испитување нарачано од Комитетот, а спроведено од Институтот за јавно здравје на Република Македонија за водата која се користи во Затвор Куманово, во извештајот е наведено следново „Испитаниот примерок сирова вода за пиење НЕ ОДГОВРА на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа заради зголемен вкупен број на бактерии“. Во извештајот се наведува дека водата е фекално загадена како и тоа дека постои зголемена електролитска спроводливост. Дополнително се наведува дека „потребно е да се врши редовна дезинфекција за да може да се употребува за пиење“. [2]

Во врска со испитаната вода од бунарот на семејството кое живее во близина на затворот исто така се наведува дека НЕ ОДГОВАРА на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа заради зголемен вкупен број на бактерии и постојат индикатори на фекално загадување на водата. Во однос на физичко-хемиската анализа, испитаниот примерок има значително зголемена содржина на нитрати, хлориди, железо и манган. Испитаниот примерок вода за пиење НЕ Е БЕЗБЕДЕН за консумирање од страна на човекот.[3]

Околината е потопена во фекалии и смет

Поради ваквата состојба Комитетот ги повикува судиите за извршување на санкции, Управата за извршување на санкциите, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина и Народниот правобранител итно да постапат во согласност со своите надлежности и да го спречат можното ширење на заразни болести и загадувањето на животната средина во затворот и неговата околина. Во текот на оваа седмица Хелсиншкиот комитет ќе се обрати со допис до сите наведени институции во кој ќе бидат содржани повредите на соодветните законските одредби, извештаите од испитаната вода и слики од влијанието на фекалната вода која се испушта во природата и приватните имоти околу затворот.


[1] http://www.telma.com.mk/vesti/evropski-zatvor-bez-kanalizacija

[2] Институт за јавно здравје на РМ, Извештај од тестирање Лаб.број: 7404/2014, 17.10.2014г.

[3] Институт за јавно здравје на РМ, Извештај од тестирање Лаб.број: 7405/2014, 17.10.2014г.