Бараме одговорност за грубото кршење работнички права во Штип

мај 27, 2021

Штипските текстилни работнички од конфекцијата Алкон-текс (конфекција Лонгуров) и денеска протестираа пред седиштето на работодавачот, барајќи заштита на своите работнички права и исплата на априлската плата. Ова е втор протест, по вчерашниот, на кој ја побараа заработената плата, како и заштита од институциите. Текстилните работнички најавија дека утре, во 9 часот, повторно ќе се соберат пред седиштето на работодавачот за да го изразат своето незадоволство.

 

Бисера Кафтанова е една од работничките испратени на принуден одмор, која два дена протестира пред Алкон-текс:

„Работевме во карантин, без прекини. Луѓе се разболуваа, откази се делеа, а притисокот и мобингот станаа секојдневие. Платите се намалуваат, а работа има. Се регистрираат нови фирми, а преку старите се ослободуваат од вишокот. Субвенции од државата редовно се земаат, само за нас плати нема. Па, овој протест нека биде за сите да не молчат, да се борат за своите права и за своите плати кои иако се мали, тешко се заработуваат.“

Неисплаќањето на платите е само едно од низата прекршувања со кои се соочуваат текстилните работнички. Најновите истражувања покажуваат дека изминатава година, вкупно 6783 текстилни работнички и работници останале без работа, а невработеноста е со највисок пораст во Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово, каде што текстилната индустрија е најразвиена. 17.000 работници останаа без заработената плата за февруари, март и април, заради тоа што опозицијата во Собранието со недели го блокираше петтиот пакет економски мерки. Меѓу нив беа и 6000 текстилни работнички што работодовачите ги испратија на принуден одмор, поради тоа што ја чекаа државната финансиска помош.

Воедно, загрижувачки е и тоа што текстилните работнички честопати работат со договори за вработување на определено време од еден месец, па така, се наоѓаат во постојана неизвесност затоа што во секој момент работодавачите можат да одлучат дека веќе немаат потреба од нив. Стравувањето за губење на работното место и егзистенцијата го повредува правото на работникот на достоинствена работа.

Правото на работа и на соодветна заработувачка е уставно загарантирано право на секој вработен. Исплаќањето на плата под минималната, а во случајов неисплаќањето на никаков надоместок, значи сериозен удар по егзистенцијата на работниците и нивните семејства. Уште еднаш потенцираме дека сето ова се случува во услови на тешка здравствена и економска криза, кога трошоците за исхрана и основно живеење на работниците секојдневно се зголемуваат, а плаќањето на нивните сметки за струја и за вода не се одложува ниту пак чека на нивните плати.

Заради сериозните прекршувања на работничките права со кои се соочуваат текстилните работнички, Хелсиншкиот комитет за човекови права побара Државниот инспекторат за труд да спроведе вонреден инспекциски надзор кај работодавачот и да утврди неправилности во примената на трудовите правила. Дополнително, Комитетот ќе ги контактира и останатите надлежни институции како што се Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција, со цел да се испита дали работодавачот е корисник на државна финансиска помош и дали добиените средства ги злоупотребил. Хелсиншкиот комитет ги повикува сите државни институции да постапуваат со должно внимание согласно своите надлежности и да бараат одговорност од работодавачите кои грубо ги кршат работничките права.