Апелираме за мирни протести без насилство
Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за настаните од вчерашниот протест против таканаречениот француски предлог, кој ескалираше со насилство и употреба на говор на омраза. Го осудуваме секој чин на насилство и секој говор на омраза, како и поттикнувањето и повикувањето на насилство, како крајно штетни и спротивни на вредностите на едно демократско општество.
Комитетот секогаш го поддржува правото на секој граѓанин кој сака да го изрази својот став преку мирен протест, како уставно загарантирано право. Оттука, повикуваме на мирни и достоинствени јавни собири на граѓаните што протестираат. Ги повикуваме полициските службеници со должно внимание да ги обезбедуваат протестите, без пречекорување на нивните надлежности, со употреба на пропорционална сила само доколку е потребно.
Апелираме до сите политичари и јавни личности да внимаваат каков говор употребуваат во своите обраќања до јавноста и транспарентно да ги информираат граѓаните, без притоа да разгоруваат омраза и нетрпеливост. Дополнително, апелираме медиумите да внимаваат како ги пренесуваат моменталните случувања, водејќи се од начелата на објективност и непристрасност при известувањето.
Хелсиншкиот комитет ги следи протестите и настаните и ќе реагира соодветно на секој чин на насилство од која било страна. Доколку во кој било момент Комитетот увиди примена на прекумерна сила од страна на полицијата, ќе покрене постапки пред надлежните институции.
фото: zoom.mk