јули 6, 2020

50% намалени плати за мајки на деца до десетгодишна возраст

Речиси третина од вкупните пријави поднесени до ДИТ се поврзани со прекршување на оваа владина мерка

Една од родовосензитивните мерки за справување со пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД – 19, кои ги донесе Владата, e ослободувањето од работни обврски на родителите кои имаат деца до 10 годишна возраст. Навидум, оваа мерка ја препознава поделеноста на правата и обврските на родителите во рамки на домот и грижата за децата, но пријавите за прекршување на работничките права покажуваат дека оваа мерка во најголем дел ја користат мајките. Ваквите податоци повторно ја извадија на површина родовата нееднаквост во нашето општество и недоволната посветеност и работа на ова поле во периодот пред кризата. [1]

Податоците на Државниот инспекторат за труд покажуваат дека најчестите пријави за прекршување на мерките на Владата, биле токму за оваа мерка, односно во 28% од вкупните пријави поднесени до инспекторатот. [2] Работничките се соочуваа со неослободување од работни обврски или пак намалување на платите во случај на ослободување, а за работодавачите да успеат во нивната цел, им се закануваа со откази и непродолжување на договорите за вработување.

Таков случај изминатиов месец беше пријавен и во Хелсиншкиот комитет. Работничка вработена во текстилната индустрија нè информираше дека како мајка на деца до 10 годишна возраст е ослободена од работни обврски, по што платата за месеците април и мај и била незаконито намалена и изнесувала само 50% од целосната плата.

Вработените во текстилната индустрија во најголем дел се жени работнички, на кои платата не им е повисока од минималната плата. Оттука, дел од работничките, мајки на деца до 10-годишна возраст од оваа индустрија, додека се ослободени од работни обврски за време на кризната состојба, примаат плата во износ од околу 7.500,00 денари. Ваквата ситуација ја доведува оваа категорија на работнички во нееднаква положба наспрема мажите работници. Имајќи предвид дека тие како жени го сносат најголемиот товар за извршување на обврските во рамки на домот и грижа за децата, па од тие причини и ја користат оваа владина мерка, тоа резултира и со незаконито намалување на нивните плати, до износ кој не е доволен да ги задоволи ниту основните егзистенцијални потреби на едно семејство.

Случајот од страна на Хелсиншкиот комитет беше веднаш пријавен во Државниот инспекторат за труд, од каде очекуваме брза реакција и позитивен исход од спроведувањето на инспекцискиот надзор.

#трудбездискриминација

 

Овaa објава е финансиранa од Европската Унија и ко-финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка. Содржината на објавата е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија или на Сида.

 

 

[1] Платена и неплатена работа, родово-базирана дискриминација и работнички права во време на Ковид – 19, Реактор – истражување во акција, 2020, достапно на: https://reactor.org.mk/publication-all/%d0%bf%d0%bb%d0%b0%d1%82%d0%b5%d0%bd%d0%b0-%d0%b8-%d0%bd%d0%b5%d0%bf%d0%bb%d0%b0%d1%82%d0%b5%d0%bd%d0%b0-%d1%80%d0%b0%d0%b1%d0%be%d1%82%d0%b0-%d1%80%d0%be%d0%b4%d0%be%d0%b2%d0%be-%d0%b1%d0%b0%d0%b7/

[2] Ibid