јули 6, 2020

Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – јуни 2020

СОДРЖИНА

ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • Работничката криза несразмерно повеќе ги погоди работничките

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • Полициска бруталност и самоволие кон бездомни граѓани

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

  • Владата мора да обезбеди континуирана заштита на текстилните работнички за време на пандемијата

РОДОВА ЕДНАКВОСТ

  • Измени и дополнувања во Законот за еднакви можности меѓу мажите и жените
  • Мобилна апликација за пријавување на родово базирано насилство

ГОВОР НА ОМРАЗА

  • Говор на омраза во предизборие

ЗЛОСТОРСТВА ОД ОМРАЗА

  • Зачестени инциденти од омраза мотивирани од политичка припадност

 

ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ

На 30 мај 2020 година, Претседателот на државата уште еднаш ја продолжи вонредната состојба во Република Северна Македонија со објаснување дека „…Јавноста е веќе информирана дека бројот на новозаболени и, за жал, на починати наши сограѓани започна да расте во последниве денови. Точно е дека во најголемиот број од општините ситуацијата е стабилна, но, за неколку општини постои сериозна загриженост.“ На крај, Претседателот повика на „До политичките лидери кои учествуваат на т.н. лидерски средби – државата нема парламент, постои техничка влада која има лимитирани овластувања, ситуацијата е премногу сериозна. Затоа барам од сите нив да бидат на висина на историската одговорност и да се договорат за датумот на следните парламентарни избори за да добиеме институции со полн капацитет и политички легитимитет. Државата едноставно не може и не смее со месеци да функционира само ако има воведена вонредна состојба.“

Од почетокот на кризата во март 2020 година, Хелсиншкиот комитет редовно спроведува мониторинг на мерките на Владата, особено во контекст на почитување на темелните права во рамки на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Имајќи го предвид горенаведеното и следејќи го развојот на настаните, Хелсиншкиот комитет во својот извештај за јуни особено дава осврт на спроведувањето на мерките и нивното директно влијание врз граѓаните. Слично како и за изминатите месеци и согласно со утврдениот тренд, вниманието треба да се насочи кон справување со социо-економската криза како резултат на пандемијата – заштита на маргинализираните заедници, соодветна имплементација на мерките, соодветен надзор и примена. Она што го обележа овој месец е повторното зголемување на говорот на омраза на социјалните медиуми што е директен резултат околу релаксирањето на заштитните мерки и укинувањето на полицискиот час, непочитување на мерките на Владата од страна на дел од религиските лидери, како и зголемување на бројот на случаите со КОВИД-19 кон крајот на месецот. Исто така, во текот на месецот се забележа енормно зголемување на новозаболени граѓани со КОВИД-19 што предизвика негативен дискурс кој воедно доби и етнички карактер како резултат на бројот на заболени по општини.

На политички план, доминираше дискусијата околу одржувањето на предвремените парламентарни избори. На 15 јуни беше постигнат политички консензус за одржување на изборите на 15 јули 2020 година. Истиот ден Претседателот на државата ја продолжи вонредната состојба за дополнителни 8 денови аргументирајќи дека „…одлуката за прогласување на вонредна состојба се донесува со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес… вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите на 15 јули“.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

РАБОТНИЧКАТА КРИЗА НЕСРАЗМЕРНО ПОВЕЌЕ ГИ ПОГОДИ РАБОТНИЧКИТЕ

Во јуни, четвртиот месец како се справуваме со здравствената криза предизвикана од коронавирусот и последиците кои произлегоа од тоа, регистриравме 30 пријави за прекршувања на работничките права и една пријава од работодавач. Случаите во најголем број се однесуваа на неисплаќање и/или намалување на платите на работнички кои биле ослободени од работните обврски согласно со владините мерки, како и на непреземањето соодветни чекори за заштита на работниците.

Работодавачите ја злоупотребија мерката за ослободување на одредени групи работници за да исплатат пониски плати

Вонредната состојба за последен пат периодов беше прогласена од 15 до 22 јуни. Новонастанатите околности по 22 јуни предизвикаа несигурност кај работниците во однос на продолжувањето на мерката за нивно ослободување од работни обврски. Ова се однесуваше на хронично болните, бремените работнички и родителите на деца до десетгодишна возраст. Медиумите објавија дека по завршувањето на вонредната состојба, дел од работодавачите во приватни претпријатија, но и во државни институции, ги повикале вработените да се вратат на работните места и покрај тоа што градинките и училиштата останаа затворени. На својата 65. седница, Владата одлучи дека и по престанувањето на вонредната состојба остануваат во сила мерките со кои овие групи работници се ослободуваат од работните обврски.[1]

Во текот на целото нејзино времетраење, дел од работодавачите ја изиграа мерката принудувајќи ги работниците да користат боледување и на тој начин тие примаа плата во износ од 70 проценти. Останатиот дел од работодавачите директно им ги намалуваа платите на работниците за 30 проценти, а голем број работници воопшто не беа ослободени од работните обврски. Ваквото намалување на платите на работничките, кои објективно не можат да ги извршуваат работните обврски, е незаконито и влијае врз нивната и егзистенцијата на нивните семејства со што претставува злоупотреба на вонредната состојбата предизвикана од пандемијата. Кај нас се обрати група  работнички кои спаѓаат во категоријата хронично болни лица, поради тоа што работодавачот им исплатил плата во износ од 70 проценти. Овој случај го пријавивме во Државниот инспекторат за труд (ДИТ), кој по спроведениот вонреден инспекциски надзор кај работодавачот утврди прекршување на правата на работниците. Работодавачот постапи според насоките дадени од страна на ДИТ, ги отстрани неправилностите и на хронично болните работнички им исплати плата во износ од 100 проценти.

Ниеден работник не е потрошлив. Сите работници се од суштинско значење.

          „Ниеден работник не е потрошлив. Сите работници се од суштинско значење, без разлика која категорија се применува врз нив од страна на државите или на бизнисите. Секој работник има право да биде заштитен од изложување на опасности на работното место, вклучувајќи го и коронавирусот“, велат експертите за човекови права на Обединетите нации. Нашите работодавачи ги игнорираа повиците за преземање превентивни и претпазливи заштитни мерки и продолжуваат да ги изигруваат законските обврски за обезбедување безбедност и здравје при работа за вработените од секој аспект поврзан со работата. Оваа обврска дополнително е нагласена во услови на пандемија, која претставува закана за самиот живот на работниците.

На 1 јуни во Штип беа затворени пет текстилни конфекции, откако во градот на крајот на месец мај беше затворена една фабрика поради случаи на работници позитивни на коронавирус. Кризниот штаб на Општина Штип предложи да се затворат фабриките истиот ден кога во општината беа регистрирани 27 позитивни лица ‒ најголем број случаи дотогаш. Оваа одлука беше прифатена од Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб на Владата.

Во петте текстилни фабрики, во кои работат приближно по 500 работнички, се јавиле неколку случаи на заразени со коронавирусот. Заразата со вирусот се ширела поради тоа што работодавачите организирале превоз од дома до работното место и назад, во исти автобуси, заедно со заболените работнички од првата фабрика. Градоначалникот на Штип изјави дека во првата конфекција, која брои 110 работници, кај половина од вработените (55 лица) било утврдено присуство на коронавирусот.

Државниот трудов инспекторат, во координација со полицијата, направил засилени контроли на подрачјето на Општина Штип каде што Главниот координативен кризен штаб забрани работа на текстилните и кожарските фабрики, во периодот кога важеше забраната. Од надзорите било утврдено дека работодавачите од овие две дејности во Штип целосно ја почитувале забраната.

Сепак, медиумите пренесоа сведоштва на работничките од овие конфекции за притисокот кој во овој период им бил вршен од нивните работодавачи: „Ми вика – заразени, незаразени, ќе седите тука, кој преживее, преживее. Решив да не одам на работа, ама не знам кој ќе ги рани децата затоа што и онака останаа без татко“ и „Не можеш да му докажеш колку се плашиме. Патуваме со автобусот во кој се возеа пет жени што веќе се заболени. Се плашам ако дознае дека се жалиме, ќе останам без денар, две деца имам.“ Работодавачите не им обезбедиле на работничките заштитни маски, средства за дезинфекција, ниту пак можност за потребното растојание од два метри, со оглед на тоа што биле принудени да патуваат со неколку автобуси. Нема податок дали Државниот инспекторат за труд поднел соодветни кривични пријави за ваквото грубо прекршување на работничките права, кое го достигнува нивото на сурово, нечовечно и понижувачко постапување.

Според Меѓународната организација на трудот (МОТ) жените се една од најзагрозените групи работнички ‒ тие се наоѓаат на првата одбранбена линија со тоа што се застапени со 70 проценти во работната сила во здравствениот и секторот за социјална сигурност. Исто така, жените се претежно застапени во производствените индустрии, меѓу кои е и текстилната. Оттаму, имајќи предвид дека и кај нас жените се доминантно застапени во работната сила во текстилната индустрија, овие повреди на работничките права истовремено претставуваат и повреда на правата на жените, што дополнително го потврдува мултидимензионалниот и интерсекцискиот карактер на овој проблем. Жените се структурно опресирани со самото тоа што преовладуваат како работна сила во индустријата што е убедливо најслабо платена. Дополнително, при криза од овие размери тие се најподложни на удар, затоа што системот кој е создаден да дозволува и/или да ги става во ваква потчинета и угнетена положба, воопшто не поседува механизми да ги заштити.

Заклучок и препорака: Реакцијата на Државниот инспекторат за труд кој утврди прекршување на работничките права во претходно објаснетиот случај со работничките, е позитивен исчекор кон заштита на работниците во овој несигурен и тежок период. Сепак, Државниот инспекторат за труд потфрлува во искористувањето на својата надлежност да ги повика на одговорност сите работодавачи кои ги загрозуваат работничките животи, за сметка на профитот.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ И САМОВОЛИЕ КОН БЕЗДОМНИ ГРАЃАНИ

Хелсиншкиот комитет заедно со останатите членки од Мрежата за заштита од дискриминација реагираше на полициската бруталност и самоволието кон бездомните граѓани за кои известија повеќе медиуми. Имено, на 10 јуни 2020 година, во повеќе медиуми беше објавен прилог во кој граѓани изјавија дека биле жртви на насилство од страна на полициски службеници. Станува збор за бездомни лица кои живеат во близина на објектот на ПИОМ во Скопје и според својата етничка припадност се Ром(к)и. Настанот се случил за време на „полицискиот час“, кога, според изјавите, дваесетина припадници на интервентната полиција употребиле физичка сила кон сите лица кои се нашле на наведената локација, вклучително кон жени, деца и постари лица кои воопшто не биле инволвирани во случајот.

Од Министерството за внатрешни работи упатиле информација до медиумите дека од страна на полициски службеници од Полициската станица Аеродром биле преземени мерки и активности за констатирани прекршувања на полицискиот час од група граѓани кои биле собрани на јавно место и го нарушувале јавниот ред и мир со пуштање гласна музика. Според изјавата на МВР, пет лица прво дрско се однесувале кон полициските службеници, по што физички ги нападнале, а едно од нив фрлило камен кон нивното полициско комбе. Врз основа на овие настани, кон пет лица биле поведени постапки за утврдување на прекршочна, односно на кривична одговорност. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, станува збор за случај од кој може да се утврди лична одговорност на неколку лица кои живеат на наведената локација. Тие се веќе идентификувани, лишени од слобода и кон нив веќе се преземени иницијални акти за утврдување на одговорност. Оттука, силата употребена врз лица (мажи, жени, деца, постари лица) кои на ниту еден начин не се инволвирани во настанот покажува дека полицијата употребила сила за да одбие замислен напад. Неодамна во Штип (на 12 мај, на Радански пат), медиумите објавија сличен инцидент со полицијата, каде имало употреба на сила кон група граѓани поради едно патничко моторно возило натоварено со дрва, управувано од Роми.

Заклучок: Ова покажува дека непрофесионалниот однос, полициската бруталност и самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани е честа практика на полицијата. Постапувањето од овој вид е мотивирано од расистички предрасуди и непочитување на достоинството на Ромите. Дополнително, особено загрижува фактот што полицијата постапува дискриминаторски со тоа што селективно применува сила кон граѓани кои се наоѓаат на маргините на општеството, а не постапува во случаи каде последиците, штетата или користа се од огромни размери. Ваквиот третман на полицијата кон ранливите групи граѓани нема да ја врати довербата во полицијата, туку, напротив, ја урива, притоа придонесувајќи граѓаните да се чувствуваат загрозено и уплашено, претрпувајќи психички стрес, наместо да се чувствуваат заштитено од страна на полициските службеници.

Препорака: Хелсиншкиот комитет и останатите членки од Мрежата за заштита од дискриминација бараат утврдување на лична одговорност од секој полициски службеник доколку тој ги пречекорил своите службени овластувања, како и од сите лица кои издале таква наредба. Бараме од Секторот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, да поведе постапка за испитување на случајот и доколку се утврди злоупотреба на овластувањата на полициските службеници, да биде поведена кривична постапка и кон нив да се изрече најстрога санкција од работен однос.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

ВЛАДАТА МОРА ДА ОБЕЗБЕДИ КОНТИНУИРАНА ЗАШТИТА НА ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагираше на најавите дека повеќе текстилни фабрики во Штип ќе работат за време на полицискиот час во викендот на 6 и 7 јуни.  Согласно со добиените информации од терен, текстилните фабрики во пресрет на полицискиот час имале извадено или биле во процес на вадење дозволи за работа, а работодавачите им најавиле на своите вработени дека ќе работат за време на полицискиот час.

Работењето за време на полицискиот час, во денови кога најмногу прогресираше бројот на заболени во земјава од почетокот на пандемијата е крајно неодговорна одлука која директно ги загрозува здравјето и животот на текстилните работнички. Оваа одлука беше најавена во време кога е потребна најголема општествена одговорност и солидарност од работодавачите, институциите и работниците. Недозволиво е во град, кој беше под 80-часовен карантин како резултат на зголемувањето на бројот на заразени со вирусот, од кои најголем број доаѓаат од текстилната индустрија, да се дозволи работа на текстилните фабрики. Особено беше загрижувачки што најголемите прекршувања на превентивните мерки за заштита и спречување на ширењето на вирусот во Штип се случуваа при превоз на текстилните работнички за време на полициски час, во несоодветни автобуси, со непочитување на одредбата за смалување на капацитетот за превоз на 50 % од Уредбата за јавен превоз на патници и неможноста да се одржува препорачаната дистанца.

За да се заштити здравјето и животот на текстилните работнички, а во насока на превенција и справување со ширењето за вирусот, побаравме од Владата на Република Северна Македонија да воведе целосна забрана за работа на текстилните фабрики во Штип за време на полицискиот час. Воедно, апелиравме Државниот инспекторат за труд и Државниот санитарен и здравствен инспекторат и понатаму будно да ја следат состојбата на терен и да ги санкционираат сите работодавачи кои нема да се придржуваат до мерките.

Заклучок: По ваквата реакција и апел, Главниот координативен штаб за обезбедување на целосна координација во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот го разгледа и го прифати барањето за воведување забрана за работа на текстилните и кожарските фабрики во Штип, односно го забрани издавањето дозволи за работа за време на викенд за фабриките од текстилната и кожарската индустрија во подрачјето на Општина Штип.

Препорака: Со оглед на веројатноста дека пандемијата ќе продолжи подолг период, а со тоа и потребата од имплементирање мерки за спречување на ширење на коронавирусот, апелираме до Владата за посеопфатно и понавремено креирање и имплементирање на вакви мерки со цел поефикасно спречување на ширењето на вирусот и создавање нови кластери во текстилната индустрија.

РОДОВА ЕДНАКВОСТ

ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА НА ЗАКОНОТ  ЗА ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ НА ЖЕНИТЕ И МАЖИТЕ

Постоечкиот Закон за еднакви можности на жените и мажите (ЗЕМЖМ) требаше да обезбеди ефикасен систем за интегрирање на основите за еднакви можности меѓу жените и мажите во процесот на креирање, спроведување и следење на политиките, програмите и буџетите во сите области. Понатаму, ЗЕМЖМ воспостави структури за родова машинерија на централно и на локално ниво, одговорни за вклучување на родовата еднаквост во целокупната правна и политичка рамка, но и за вклучување на родовата еднаквост во работата на институциите.

Покрај позитивните заложби на државата за усвојување на современ Закон за еднакви можности на жените и на мажите, кој ќе обезбеди целосна интеграција на родовата еднаквост, постојните извештаи и анализи покажаа дека централните и локалните политики не се родово сензитивни.

Измените и дополнувањата на ЗЕМЖМ како приоритет од средна важност се предвидени во Програмата за работа на Владата на РСМ за 2019 година во која е наведено дека е потребно усогласување на Законот со новите ЕУ-директиви во делот на еднаквост и недискриминација и во насока на поефикасна легислатива за родова еднаквост.

Понатаму, Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените (во продолжение Комитетот CEDAW) во Завршните согледувања за шестиот периодичен извещтај за Северна Македонија за имплементацијата на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената (CEDAW) како приоритет ја издвојува реформата на националната мащинерија на национално и на локално ниво и бара Владата да го извести Комитетот CEDAW за преземените дејствија во овој дел во рок од 2 години, односно до номеври 2020 година.

Во рамки на ова, Министерството за труд и социјална политика формираше работна група која ќе работи на измените и дополнувањата на овој Закон. Првата средба на работната група на која учествуваше и претставничка на Хелсиншкиот комитет се одржа на 12.6.2020 година.

МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

Кризната состојба предизвикана од коронавирусот беше причина државите низ светот да изнајдат нови и креативни решенија кои ќе го зголемат бројот на пријавени случаи на родово базирано и семејно насилство преку олеснување на самиот процес на пријавување.

За таа цел, Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНДП започна заедничка активност во насока на изработка на мобилна апликација наречена BE SAFE, по пример на истата апликација која за прв пат беше лансирана во Црна Гора. Целта на апликацијата е да овозможи лесно, брзо и безбедно пријавување на родово базирано и семејно насилство, која ќе служи за поддршка на жртвите, како за време на кризната состојба предизвикана од вирусот КОВИД-19 така и во време на „нормални“ услови. Министерството формираше работна група за креирање на оваа апликација, чија прва средба на која учествуваше и претставничка на Хелсиншкиот комитет се одржа на 26.6.2020 година. Хелсиншкиот комитет ја поздравува оваа активност на Министерството и се надева дека во брзо време оваа апликација ќе биде лансирана, за да може да се исполнат целите за нејзиното креирање, а тоа е безбедно и лесно пријавување на насилството од страна на жртвите. Покрај оваа апликација, во иднина е потребно државата да изнајде и други алтернативни и креативни решенија за пријавување на насилството, а сè со цел навремена заштита на жртвите, но и нивно информирање за заштитните механизми во случај на насилство.

ГОВОР НА ОМРАЗА

ГОВОР НА ОМРАЗА ВО ПРЕДИЗБОРИЕ

Слично како за април и мај 2020 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права продолжи да евидентира голем број пријави за говор на омраза на социјалните медиуми, што резултира со вкупно 105 верификувани пријави за месец јуни. Најголем број од случаите кои беа регистрирани во јуни се однесуваа на ситуацијата со пандемијата со КОВИД-19 и одлуката за одржување на предвремените парламентарни избори (закажани за 15 јули 2020 година). Реакциите на социјалните медиуми се должат на драстичниот пораст на новозаболени лица со КОВИД-19 од почетокот на месецот, кои добивајќи  и етнички предзнак предизвикаа зголемен говор на омраза на социјалните медиуми. Слично како и за мај и април, најголемиот број пријави се регистрирани по последниот карантин поврзан со христијанскиот празник Духовден (неделата од 16 до 19 јуни). Слично како и во јуни минатата година, кога се одржа првата Парада на гордоста во С. Македонија, во последните три дена од месецот Хелсиншкиот комитет за човекови права утврди зголемен тренд на говор на омраза по основ на сексуална ориентација и родов идентитет  по повод серијата настани поврзани со одбележувањето на Месецот на гордоста

Тренд на говор на омраза, јуни 2020 година

Говор на омраза на социјалните медиуми за јуни 2020 година.

Најголем број од пријавите (или 60 % од вкупниот број верификувани пријави) се однесуваат на две категории: етничка припадност и политичка припадност. Исто така, како резултат на високиот број новозаболени лица со КОВИД-19, повторно се појавува и категоријата говор на омраза врз основ на здравствена состојба (односно 10 % од вкупниот број). Ова се должи на негативните реакции на социјалните медиуми откако беше објавен зголемен број случаи со КОВИД-19 регистрирани во Општина Чаир, кога и општествениот дискурс се насочи кон поврзување на новите случаи со одлуката за предвремени избори. За ваквата состојба придонесоа многу фактори: молкот на институциите пред самоволието на верските авторитети кои постапуваа спротивно на сите препораки за заштита на јавното здравје, функционирањето на државата со техничка влада, селективното медиумско известување и масовното присуство на дезинформации, но и поттикнувањето на говор на омраза на етничка основа од страна на јавни личности.

Во таа насока, Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе пријава против академик Катица Ќулавкова за нејзината изјава на социјалните мрежи, со која поттикнува нетрпеливост помеѓу етничките заедници. Нејзиниот твит „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“ имплицира дека причината за ширењето на вирусот се меѓуетничките односи, а не општораспространетото непочитување на мерките. Хелсиншкиот комитет за човекови права со голема загриженост констатира дека кризната состојба предизвикана од појавата на КОВИД-19  интензивно се прелева на полето на меѓуетничките односи.

Според анализата на Хелсиншкиот комитет за човекови права, големиот број пријави за говор на омраза во овие две категории дополнително се должи на вжештената политичка ситуација во државата во контекст на одржување на предвремените парламентарни избори. Дополнително, кон ова придонесе и изјавата на лидерот на ДУИ дека е време за албански премиер во Република Северна Македонија. Од анализата на досегашните трендови, Хелсиншкиот комитет предупредува за зголемување на говорот на омраза на социјалните медиуми во тек на предизборна кампања и ги повикува надлежните институции да покажат проактивност во санкционирањето на овој феномен.

На крај, Хелсиншкиот комитет потсетува на неодговорените пријави испратени до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, односно за неказнувањето на ширачите на говор на омраза, и секако недостатокот од какво било јавно осудување на овој говор на омраза од страна на власта.

ЗЛОСТОРСТВА ОД ОМРАЗА

ЗАЧЕСТЕНИ ИНЦИДЕНТИ ОД ОМРАЗА МОТИВИРАНИ ОД ПОЛИТИЧКА ПРИПАДНОСТ

Во јуни 2020 година се регистрирани десет (10) инциденти од омраза. Од вкупниот број регистрирани инциденти за овој месец, повеќе од половина (6) се со индиции дека се сторени поради етничката припадност на жртвата, додека пак два (2) инцидента се сторени поради националноста/државјанството на жртвата. Во јуни продолжува трендот од претходните месеци на зачестени инциденти од омраза со политички мотив. Имено, овој месец се регистрирани два (2) инцидента мотивирани од политичка припадност.

Заклучок: Во последните 3 месеци има регистрирано вкупно пет (5) инциденти од омраза мотивирани од политичка припадност, упатувајќи на трендот од претходните години на појава на вакви инциденти за времетраење на предизборието. Овие инциденти се најчесто оштетување на имотот (кршење на партиски штабови и слично) и загрозување на сигурноста преку онлајн-закани упатени кон политичари и симпатизери на партиите.

[1] Од работни обврски се ослободени родителите коишто имаат деца до десетгодишна возраст или активно четврто одделение, хронично болните лица, бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост коишто ја користат услугата дневен центар, како и лицата коишто на работа одат со придружба ‒ потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, со можност, доколку е тоа остварливо, да ги извршуваат работните задачи од дома.

Документи