КЗД утврди директна дискриминација врз основа на религија и верско уверување
јануари 16, 2019
Kомисијата за заштита од дискриминација, постапувајќи по преставка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, утврди дискриминација врз основа на религија и верско уверување врз девојка која носела хиџаб во пристап до ресторанот Портофино Остериа и Бар од Скопје,
На 14 септември 2018 година до Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати странка која пријави дискриминација врз основа на религија и верско уверување во пристап до ресторанот Портофино Остериа и Бар. Странката заедно со две пријателки се обидела да влезе во ресторанот Портофино Остериа и Бар, каде пристапот им бил ограничен со објаснување дека без резервација не може да бидат услужени. Во моментот кога се обиделе да влезат во ресторанот странката носела хиџаб, додека нејзините пријателки не. Лицата го напуштиле ресторанот, каде десетина минути подоцна, една од пријателките на странката се вратила во ресторанот и без никаков проблем добила маса без претходна резервација. Таа пробала да дознае зошто не ѝ бил дозволен пристап во ресторанот на нејзината пријателка која носела хиџаб и дали ресторанот им забранува пристап на жени и девојки кои носат хиџаб, на што не добила одговор и си заминала.
Хелсиншкиот комитет за човекови права за овој случај поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, а Мрежата за заштита од дискриминација ја повика Комисијата во рамките на своите овластувања да го истражи случајот. Во одговор на овие барања, Комисијата за заштита од дискриминација на 28.12.2018 донесе мислење бр. 0801-307/5, со кое утврди директна дискриминација врз основа на религија и верско уверување вопристап до добра и услуги. Комисијата, за целосно утврдување на фактичката состојба поднела барање за изјаснување до ресторанот, но не добила повратен одговор.
КЗД побара од ресторанот Портофино Остериа и Бар да ја отстрани повредата на правото настранката, во рок од 30 дена од приемот на мислењето и препораката и понатаму да не врши дејствија на дискриминација. Доколку ресторанот не постапи по препораката, односно не ја отстрани повредата на правото, Комисијата има право да покрене иницијатива пред надлежен орган за утврдување на одговорност.
Го поздравуваме ваквото мислење на Комисијата за заштита од дискриминација и апелираме до сите правни лица кои обезбедуваат јавни добра и услуги истото да го прават без дискриминација почитувајќи го правото на еднаквост на сите лица. Воедно ги повикуваме и охрабруваме сите лица кои се почувствувале дискриминирани пo која било основа во пристапот до добра и услуги, истото да го пријават и да побараат правна помош.