декември 16, 2018

​Комисијата за заштита од дискриминација продолжува со паушални и непрофесионални мислења

Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на непрофесионалното мислење на Комисијата за заштита од дискриминација по поднесена претставка од членките на Мрежата против Музејот за илузии Илузиум за извршена дискриминација врз основа на личен и семеен статус во пристап до музејот. Ваквото мислење е само едно од многуте мислења кои покажуваат неправилно и нецелосно утврдување на фактичката состојба и неправилна примена на одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на Комисијата за заштита од дискриминација. Ваквите мислења ги подриваат компетентноста и професионалноста во работата на Комисијата за заштита од дискриминација и укажуваат на итната потреба од носење и усвојување на нов Закон за спречување и заштита од дискриминација и итната потреба за реконструкција на Комисијата за заштита од дискриминација.

Имено, Мрежата реагираше на ценовникот на музејот, согласно кој цената на билет за возрасни чини 300 денари, цената на билет за деца од 5 до 14 години чини 200 денари, додека цената на семеен билет за двајца родители и две деца чини 700 денари. Вака поставениот ценовник на музејот е дискриминаторски кон еднородителските семејства кои не можат да искористат попуст за своите деца. Воедно вака дефинираниот семеен билет не може да биде искористен од згрижувачките семејства или семејствата кои се старатели на деца, што претставува директна дискриминација врз основа на личен и семеен статус.

Во своето мислење, заверено под бр.0801-240/4 од 16.11.2018 година, Комисијата за заштита од дискриминација, воопшто не ги цени доставените докази од страна на Мрежата за заштита на дискриминација. Дополнително, во образложението на предметното мислење, Комисијата вели дека се обратила до Музејот за илузии Илузиум во однос на наводите на претставката, од каде добиле одговор дека Музејот смета дека политиката за креирање на цените согласно пазарната вредност на нивните услуги не е дискриминација (?!), туку напротив дава поповолни услови за одредени категории на граѓани и дава можност што поголем број на луѓе да го посетат и уживаат во музејот (?!).

Загрижувачки е како Комисијата за заштита од дискриминација, како специјализирано тело за еднаквост и недискриминација не покажува сензибилност за еднородителските семејства, згрижувачките семејства и семејствата кои се старатели на деца, кои не можат да купат семеен билет по дисконтна цена како семејствата сочинети од двајца родители и две деца. Со ваквата несензибилизираност Комисијата за заштита од дискриминација, само ги подгрева и засилува стереотипите и стигмата за “нестандардните” семејства. Во своето мислење Комисијата не дава никакво образложение или аргументи зошто практиката на музејот не ја смета за дискриминаторска, иако се работи за очигледен случај на директна дискриминација во пристапот на добра и услуги.

Лице за контакт: Игор Јадровски – igor.jadrovski@mhc.org.mk

Проектот „ЗСЗД под лупа: Следење на спроведувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.