Во Штип почна „Текстилијадата“
Почна првата „Текстилијада“ во Штип, во рамки на која се одржа дебата „Со локални сили заедно за иднината на текстилните работници“ на која присуствуваа претставници од невладиниот сектор, градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, но не и претставници на работодавците од текстилниот сектор.
Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец“ вели дека добро е што на денешната дебата за првпат има претставник на локалната власт, кој директно ќе ги слушне барањата и проблемите на работниците.
– Повторно ќе имаме вакви дебати и ќе продолжиме да ги повикуваме и работодавците на настани и да се надеваме на соработка. Еве денеска не присуствуваа од оправдани причини, но ние ќе продолжиме да организираме вакви дебати, истакна Ампева.
Таа изрази надеж дека Владата ќе има слух за законски измени за подобри работнички права.
– Законот за минимална плата дефинитивно треба повторно да се прегледа, бидејќи во изминатите три месеци гледаме дека има манипулации со исплатата на минималната плата. Потребни се промени во однос на договорите за вработување. Значи не може толку години работниците да работат со договор на определено работно време од еден месец и тоа да продолжува да се случува и по петта година, кога тие фактички треба да добијат договор за работа на неопределено работно време, а потоа ги отпуштаат, рече Ампева.
Ивана Вучкова од Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје истакна дека се залагаат за вклучување на сите страни во една дебата, а кои можат да ги решат проблемите.
– Меѓутоа сепак сме среќни што проблемот е препознаен, токму од институциите. Еве на пример оваа програма следува преку овогодинешниот поинаков концепт за културна програма на Министерството за култура, Нов културен бран. Исто така е и препознаен од градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, кој учествува во панелот. Недостатокот на работодавачите секако мораме да го потполниме во иднина, посочи Вучкова.
Борис Шарковски од Фондацијата за локален развој-Штип забележа дека невладиниот сектор може да понуди поддршка на работниците во делот на организирање на обуки за компјутери, изучување на странски јазици, но и за специјализирани обуки на работниците. Тој забележа дека ваквите дебати можат да им помогнат на работничките и подобро да се борат за своите права.