Уранија Пировска: Со новата концепција младите луѓе ќе се описменат за човековите права

јануари 26, 2021

За Хелсиншкиот комитет за човекови права, новата концепција за основно образование има пристап којшто ја поттикнува меѓуетничката интеракција и овозможува преку образованието да се пополнува празнината што постои меѓу младите луѓе од различните етнички заедници.

„Хелсиншкиот комитет е фокусиран на работата со младите луѓе, нивното описменување кога станува збор за човековите права, за што секоја година организираме школи за човекови права. Она што секогаш ни произлегува како заклучок е дека во нашето општество, во самото образование, фали еден пристап којшто ќе овозможи меѓуетничка интеракција. Во оваа концепција тоа е многу видливо. И многу е важно што пристапот во развивање на меѓуетничката интеракција е многу сличен на оној пристап што ние со години наназад го препорачуваме“, изјави Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Таа беше една од учесничките на денешната дебата за новата концепција за основно образование, со граѓанските организации. Рече дека доколку низ образовниот процес се поттикнува младите луѓе да се запознаваат, да ги запознаваат карактеристиките на другите етнички заедници, не само што ќе се намали празнината што постои меѓу младите луѓе од различните етнички заедници туку и ќе се намали процентот на насилство.

„Податоците од нашите веб-платформи, едната за говор на омраза, другата за кривични дела од омраза, покажуваат дека најголемиот процент и како сторители и како жртви се младите луѓе. Сметаме дека тоа се должи најмногу на тоа што младите луѓе не знаат за различните од себе, не знаат за нивната култура, за нивната историја, за нивните карактеристики. Сметам дека оваа концепција ќе ја пополни оваа празнина“, изјави Пировска.
Многу е важен приодот на оваа концепција кога станува збор за учењето кај младите луѓе затоа што им се остава простор да ги развиваат своите интереси.

„Наставниците ќе бидат фокусирани да ги развиваат афилијациите на младите луѓе, ќе им се остава простор за критичко размислување, нешто што е многу важно, и секако оние воннаставни активности коишто се предвидени, учеството во различни проектни активности, е многу важно“,  рече Пировска.

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поддржува концепцијата, ќе ја следи нејзината имплементација и во целиот процес ќе дава забелешки и сугестии, соопшти Министерство за образование и наука.