Повторното именување на Јовица Стојановиќ за вршител на должноста директор на Управата за извршување санкции предизвикува спротивставени реакции, зашто тој во ниту еден од досегашните релевантни извештаи не добил преодна оценка кога претходно беше на истата функција.
Додека во дел од јавноста веќе се изразуваат резерви во однос на владината претпразнична одлука, упатените, сепак, потсетуваат дека тој е професионалец, кој, како што велат, целиот професионален век го поминал во затворскиот систем и, за разлика од повеќето други кадри, има искуство. Освен тоа, Стојановиќ е и привремено решение, па според нив, неблагодарно е уште на почетокот да се коментира неговиот придонес кон моментната состојба во затворите.
– Треба да се знае оти станува збор за вршител на должноста директор на Управата за извршување санкции и дека тоа не е конечната одлука на Владата. Но, факт е дека Јовица Стојановиќ е човек со огромно искуство во казнено-поправниот систем, за разлика од повеќето луѓе што досега беа именувани на овие функции. Затоа би сакала да видам какво ќе биде конечното решение на Владата. Освен тоа, проблем со затворите не е само во тоа кои луѓе ќе се најдат на раководните позиции, туку и во тоа колку државата е подготвена да инвестира во целиот систем – оцени извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска.
Токму Хелсиншкиот комитет во својот последен извештај за состојбата во затворите во земјава, меѓу другото, укажа и на проблематичните кадровски решенија.
– Проблемот со корупцијата дополнително се продлабочува, бидејќи државата сè уште има практика да поставува несоодветни кадри на раководни позиции, без искуство и знаење да менаџираат со казнено-поправните установи и кои со својата работа можат да нанесат долготрајни последици на директна штета на осудените лица – пишува во извештајот.
На оваа и на многубројните други забелешки јавноста беше потсетена пред само една недела, откога од најголемиот затвор во земјава избега осудениот убиец Беким Мемети, по што и уследи разрешувањето на доскорешниот директор на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски, на чие работење и претходно од Владата имаа забелешки.
– Директор на Управата за извршување на санкции е многу одговорно место, за кое е потребен одговорен човек, личност што ќе ја знае својата работа и кој има сериозно професионално и животно искуство – објасни министерот за правда Никола Тупанчевски, веднаш именувањето на Стојановиќ.
Стојановиќ, според министерот, е вистинското решение за оваа функција.
– Предложеното решение значи дека станува збор за човек што практично целиот свој живот го посветил на затворската популација и години наназад, би рекол, декади, се занимавал со ова. Значи, каде и да се обратите, ќе слушнете само позитивни мислења. Јас многу верувам дека со именувањето за вршител на должноста ќе се доведеме во ситуацијата дека состојбите уште еднаш ќе бидат преиспитани – заклучи Тупанчевски.
Стојановиќ беше директор на Управата од 2017 до 2020 година, кога на негово место беше назначен неодамна разрешениот Марјан Спасовски. Потоа, една година Стојановиќ беше директор на најголемиот македонски затвор „Идризово“, но лани беше разрешен и вратен на позицијата воспитувач во малолетничкиот поправен дом во тетовска Волковија