Пандемиски откази и правото на паричен надоместок во случај на невработеност
декември 2, 2020
Вилдан Дрпљанин.
За многу луѓе останувањето без работа значи губење на единствениот приход за задоволување на своите и основните потреби на нивните семејства, а притоа потенцијално се оставени и без здравствено осигурување, во еден од најкритичните моменти за здравјето на луѓето во нашата држава.
Здравствените, економските и социјалните последици од справувањето со коронавирусот катастрофално влијаеја врз работниците ширум светот. Ова особено важи за македонските работнички и работници, кои во најголем дел и пред тоа се бореа за „гола“ егзистенција на маргините на општеството. Во изминатиот период, злоупотребувајќи ја вонредната состојба, голем дел од работодавачите незаконски им ги откажаа договорите за вработување на цели групи работници со едноставно одјавување од Агенцијата за вработување, а онаму каде можеа, влијаеја врз нив за спогодбено престанување на работниот однос.
Останатите, што имаа повеќе среќа да ги задржат своите работни места, се соочија со значително намалени плати, влошени услови за работа и ограничени работнички права. Особено незаштитени и загрозени беа работниците во првата борбена линија против вирусот, здравствените работници, вработените во супермаркетите и оние задолжени за одржување хигиена, кои не добија ниту зголемување на платите соодветно на ризикот на работното место.
Состојбата е дополнително отежната за одредени групи, како што се на пример прекарните работници (хонорарците, фриленсерите и слично) и работниците со договори за вработување на определено време. Првите остануваат надвор од претпоставената заштита која на останатите работници им ја нуди Законот за работните односи, додека втората група работници е во постојана неизвесност во врска со нивниот статус. Сепак, имајќи предвид дека во периодот од март до крајот на октомври, бројот на невработени лица се зголемил за најмалку 49.390 луѓе, како и тоа што општата состојба во државата не наговестува брзо смирување на кризата, фокусот пред сè треба да се стави на граѓаните кои во овој период останале невработени.
За многу од овие луѓе останувањето без работа значи губење на единствениот приход за задоволување на своите и основните потреби на нивните семејства, а притоа потенцијално се оставени и без здравствено осигурување, во еден од најкритичните моменти за здравјето на луѓето во нашата држава. Заштитата во вакви ситуации треба да ја гарантираат Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (ЗВОСН), конкретно, и македонскиот Устав како највисок правен акт. Со оглед на релативното непознавање на овој закон во правниот промет, вреди накратко да се разгледа начинот на кој работниците кои ги исполнуваат условите можат да го остварат ова право.
Паричен надоместок во случај на невработеност
Паричниот надоместок на невработеното лице му припаѓа од денот на престанокот на работниот однос, само ако невработеното лице поднесе барање до Агенцијата за вработување во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос. Ако невработеното лице поднесе барање по истекот на рокот, паричниот надоместок му припаѓа од денот на поднесувањето на барањето за преостанато време. На пример, лице кое има право на паричен надоместок за времетраење од 12 месеци, а барањето го поднело дури по истекот на 30 дена, заради доцнењето правото ќе може да го користи само за преостанатите 11 месеци. Во секој случај, по поднесувањето на барањето, овластеното службено лице од Агенцијата кое ја води постапката е должно во рок од три дена од денот на приемот на барањето, по службена должност да ги прибави доказите и податоците потребни за докажување на исполнетоста на условите (член 74 став 4).
Паричниот надоместок на невработеното лице му се исплатува врз основа на стажот на осигурување и изнесува најмалку еден месец, ако лицето има стаж на осигурување девет месеци во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци. Со зголемувањето на работниот стаж, расте и времетраењето на месеците за кои се исплаќа паричниот надоместок, сè до 12 месеци, доколку лицето има стаж на осигурување над 25 години (целосното степенување е направено во член 71 став 2 и е прикажано подолу). Надоместокот продолжува да се исплаќа и по истекот на 12 месеци кога станува збор за корисничка на паричен надоместок за време на бременост и породување според прописите за работните односи или ако Агенцијата упатила одредено лице на обука, преквалификација или доквалификација до истекот на времето определено за тоа.
Сума на паричниот надоместок
Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот согласно закон, колективен договор и договор за вработување. Надоместокот изнесува 50 отсто од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеци. Ова значи дека вработен кој заработувал 24.000 денари нето плата во последните три години, доколку поднесе барање до Агенцијата, има право на паричен надоместок од 12.000 денари во времетраење од три месеци по престанокот на работниот однос.
За лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеци, паричниот надоместок за првите 12 месеци изнесува 50 отсто од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца, а за преостанатото време 40 отсто од просечната месечна нето плата. Надоместокот во ниту еден случај не може да изнесува повеќе од 80 отсто од просечната месечна нето плата по работник во Републиката, која заклучно со септември 2020 година изнесува 27.405 денари (80 отсто изнесува 21.924 денари).
„Секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност“
Навидум сеопфатната уставна гаранција во поглед на материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност, дефинирана во член 32 став 1, е значително ограничена со ЗВОСН и ни оддалеку не може да се каже дека во пракса навистина „секој“ може да го ползува ова право. Во делот за паричниот надоместок, кој започнува од член 65, Законот отпрвин посочува дека ваквото право може да го оствари секое невработено лице кое било во работен однос најмалку 9 месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.
Сепак, единствените работници кои во моментов ефективно можат да го искористат правото на паричен надоместок во случај на невработеност се оние чиј работен однос е прекинат со отказ од деловни причини. Тоа е условот за да можат да поднесат барање за паричен надоместок. Покрај нив, досегашната пракса посочува дека оваа гаранција можат да ја искористат и работниците на кои работниот однос им престанал заради истекувањето на договорот за вработување на определено време, иако ниту тоа не е изречно пропишано. Ова значи дека уште од самиот почеток, најмалку една третина од пандемиските откази нема да ги исполнуваат условите за паричен надоместок затоа што во толку случаи работниците останале без работа преку спогодбен отказ на нивните договори за вработување или е применлива некоја друга алинеја од долгата листа исклучоци предвидени со член 67 (став 1) од ЗВОСН.
Имајќи ја предвид јасноста на уставната одредба во врска со материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност, законското решение во овој поглед претставува сериозно ограничување на правото на паричен надоместок во случај на невработеност. Ваквата уреденост е уште попроблематична ако се има предвид дека од бруто платата на секој работник додека е во работен однос, задолжително се уплаќаат средства во фондот за осигурување во случај на невработеност, за потоа работникот да не може да ги користи тие средства.
Нелогичноста на ова законско решение особено дојде до израз изминатиот период кога се соочивме со бројните злоупотреби на спогодбените раскинувања на договорите за вработување и изнудените изјави за престанок на работниот однос од страна на работниците.
Со таков вид прекин на работниот однос, работниците според сегашниот закон не можат да го остварат правото на паричен надоместок во случај на невработеност, што е впрочем и главното ограничување на ЗВОСН. Поради тоа, многу работници и нивните семејства беа оставени без никакви примања и без можности за ново вработување за време на вонредната состојба. Овој проблем беше делумно надминат со мерката од третиот пакет економски мерки со која времено се прошири законот и сите лица што ја изгубија својата работа вклучувајќи ги и оние кои го прекинале својот работен однос преку писмена изјава, спогодбено или добиле отказ од работодавачот, обезбедија право на паричен надоместок од Агенцијата за вработување за времетраење од два месеци.
Само со такво толкување може да се каже дека „секому“ е испочитувана уставната гаранција за материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и затоа решението од оваа мерка треба да биде пресликано во измени и дополнувања на ЗВОСН што поскоро. Дури и тогаш, периодот за кој се исплаќа надоместокот не може да се одредува паушално, како во примерот со двата месеци, туку тој треба да биде врзан со стажот на конкретниот работник. Такво законско решение ќе значи остварување на уставно загарантираното право на секој работник без разлика на причината за отказ и ќе ги обезбеди невработените лица за периодот додека бараат нова работа и во регуларни времиња, а особено во периоди на криза.
Во отсуство на таков пристап, потребно е во најбрз можен рок конкретните одредби од ЗВОСН да се стават на тест пред Уставниот суд преку поднесување иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 67 и укинување на неуставните алинеи под ставот 1 на овој член. Конкретниот член наведува 11 алинеи како причини поради кои невработено лице не може да оствари право на паричен надоместок. До надминувањето на овој проблем со неоснованото ограничување на категориите на невработени лица кои имаат право на паричен надоместок, треба да се работи на популаризирање на можностите што ги нуди сегашното законско решение. Во тој дел, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, синдикатите и здруженијата на граѓани треба да работат на информирање на работниците, што ги исполнуваат условите, за обврската да поднесат барање до Агенцијата за да можат да го ползуваат ова право.