Мрежата за заштита од дискриминација бара разрешување на Комисијата за заштита од дискриминација

декември 11, 2018

Со последното мислење на Комисијата за заштита од дискриминација со кое се утврди дискриминација од страна на Основниот суд Скопје 1 и судијката Добрила Кацарска преку непочитување на правото на фер постапка на осудениот на две години затвор, Никола Груевски, во предметот „Тенк“, целосно се доведуваат во прашања кредибилноста за вршењето на мандатот на оваа институција, велат од Хелсиншкиот комитет. Од таму апелираат до Собранието итно да пристапи кон усвојување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, врз чија основа ќе се разреши сегашниот состав на Комисијата.

„Комисијата не само што утврди дискриминација без да ја образложи дискриминаторската основа (личен и семеен статус) и ја закажа седницата надвор од воспоставената пракса, туку на претставката на поранешниот премиер ѝ даде предност пред другите претставки за кои законскиот рок од три месеци е одамна истечен. Утврдувањето на дискриминација во случајот на поранешниот премиер е само уште еден показател за непрофесионалноста и пристрасноста на Комисијата, чии членови очигледно ја злоупотребуваат својата функција за да утврдуваат дискриминација кон своите политички истомисленици дури и во случаи каде што очигледно нема дискриминација“, велат од таму.

Од Хелсиншкиот комитет велат дека само во последните три години членките на Мрежата за заштита од дискриминација доставиле 19 претставки во случаи на дискриминација кон маргинализирани групи граѓани, за кој Комисијата во просек доцни по речиси 4 месеци, а за три од поведените претставки Комисијата доцни и повеќе од една година.

„На пример, Комисијата сé уште нема одлучено по претставката против Миленко Неделковски, пратена на 2.2.2017 година. Наспроти ваквиот однос на игнорирање на маргинализираните заедници, Комисијата постапи брзо и пред законскиот рок во предметот на поранешниот премиер Никола Груевски. Хелсиншкиот комитет заедно со останатите членки на Мрежата за заштита од дискриминација континуирано алармира за неефикасната заштита од дискриминација, меѓу другото, и поради немањето капацитет на Комисијата за заштита од дискриминација да се постави како препознатлива институција која ќе застане на страната на дискриминираните“, се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет.