Реакција на Хелсиншкиот комитет за говорот на омраза кон Бленди Ходаи од Средношколскиот сојуз
Бруталните закани и говорот на омраза упатени кон младиот активист Бленди Ходаи се најсвеж пример дека на нашето општество му е неопходно темелно справување со овој феномен, кој има долгорочни разорувачки ефекти во меѓуетничките односи и севкупната општествена кохезија. Како организација која редовно ја следи состојбата со злосторствата од омраза, Хелсиншкиот комитет постојано предупредува на корелацијата помеѓу говорот на омраза, кој со децении се одржува и потхранува, и од друга страна, случаите на насилство, кои за жал, често завршуваат со фатални последици. Изминативе години Комитетот регистрира загрижувачка тенденција на раст на делата од омраза во земјава, при што најголемиот дел и од жртвите и од сторителите на вакви дела се млади луѓе. Притоа, најчестиот основ за насилни инциденти помеѓу младите е етничката припадност.
Во случајот на Бленди Ходаи, кој како претседател на Сојузот на средношколци на РСМ, деновиве е активен во застапувањето на барањата на средношколците околу организирањето на наставата во претстојната учебна година, заканите и навредите засновани на неговата етничка припадност очигледно се користат и за да се омаловажи и нападне неговиот активистички ангажман. И токму поради големиот број прерано згаснати и уништени млади животи поради омраза кон различниот, Ходаи, а и секој млад човек кој свесно и ангажирано учествува во општествениот живот со цел да го подобри и унапреди, треба да добие широка поддршка и заштита.
Што се однесува на длабинските промени кои се неопходни за да се спречат негативните трендови на омраза и злосторства во земјава, ги повторуваме нашите заложби за суштински реформи во образовниот процес, културата и јавната комуникација, а пред се’ во начинот на кој надлежните институции (не) го третираат говорот на омраза и неговите последици.
Хелсиншки комитет за човекови права