Калајџиев во Студио 1 на тема: Како се контролира прислушувањето?
Гостин во Отвореното Студио 1 беше професорот Гордан Калајџиев кој со домаќинот Борјан Јовановски дискутираше на тема: Како се контролира прислушувањето? Во тек е создавање на граѓанско тело кое треба да ја следи и контролира работата на ОТА, а гостинот неодамна беше предложен да биде негов член.
„Изборот требаше да биде извршен порано, бидејќи телото треба да функционира веднаш со започнување на фунционирањето на следење на комуникации вклучувајќи ја ОТА и во предлог законот за новата УБК, која треба да се одели од МВР. Во делот за граѓанската контрола се спомнува ова тело во рамките на контролата врз ОТА, не и пошироко. ОТА не ги покрива сите методи на прислушкување, туку на следење комуникации. Прашањето што помина без јавна дебата е регулирање на овластувањата на тајните служби покрај нивната организација, вниманието го предизвика моделот на нивно организирање. За жал најголемите контроверзии се кријат во нивните нови овластувања“, рече Калајџиев.
Како што објаснува, пред сите контролни механизми, вклучувајќи го граѓанското тело, стои историската задача да се воспостави некаква доверба во тие институции која не постоела.
„Искрено јас како експерт не бев ентузијаст дека само со востановувањето на ОТА како некој посредник што ќе вклучува и ќе исклучува врз база на анонимизирани судски наредби ќе се исклучат сите злоупотреби. Но факт е дека почнавме да работиме на нивно минимизирање. Не треба премногу да се очекува од граѓанската контрола, бидејќи иако тие се бореа за поголеми овластувања, останаа со помали во однос на собраниската Комисија, водена од човек на опозицијата“, кажа Калајџиев кој објасни дека оваа Комисија врши контрола без најава и користи технички експерти.
Како што додава, граѓанското тело може да бара увид за работи што се прецизно утврдени со закон, но членовите се уште се соочуваат со многу нејаснотии бидејќи уште не поминале низ обука и не им е достапно користење на експерти.
„Ако влезете таму без експерти, и покрај тоа што дел од нас треба да се со ИТ познавања, во суштина ќе ја контролираме папирологијата, а не системот. ИТ експертите би требало да можат да влезат во системот, да проверат колку навистина се прислушкувало. Тоа не се гледа од контрола на хартијата, иако системот би требало да го регистрира тоа“, вели Калајџиев.
Целиот разговор погледнете го во видеото.