јануари 23, 2019

Изјава на Уранија Пировска за Телма, околу изјавата на Бујар Османи за Законот за антидискриминација

Законот за недискриминација ги обедини ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ

Законот за заштита од дискриминација ги обедини ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. И за едните и за другите бил проблематичен во делот на правата на ЛГБТ заедницата и други спорни категории, како што изјави синоќа во Топ Тема на Ваша страна вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Според него постојат одредени разлики меѓу политичките партии по однос на одредени категории што треба да бидат вклучени во Законот кои произлегуваат од предрасуди, но и од стравот на партиите дека тоа може да им се рефлектира врз рејтингот.

„Зборувам за ЛГБТ заедница и други спорни категории… Точно е дека и во ДУИ постојат се уште тие дилеми, постојат и во другите партии, меѓутоа сметам дека треба да се остави простор да разговараат и да постигнат едно решение“, изјави Османи.

Освен за ДУИ законот бил неприфатлив и за ВМРО-ДПМНЕ. Законот никако да се најде на дневен ред на Комисија за труд и социјала.

„Влатко Ѓорчев го кочи Законот за заштита од дискриминација, не го става на комисија за труд и социјална политика. Во неколку наврати е барано, вели за него законот е проблематичен и не може да го стави на дневен ред”, изјави пред два дена Маја Морачанин, пратеник од ДОМ.

На ваквите обвинувања се обидовме да добиеме став од Ѓорчев, но тој не одговори на телефонските јавувања и СМС пораки.

Од Хелсиншкиот комитет сметат дека неприфаќањето на законот е скандалозно и дека Владата треба да направи напор да се надмине застојот во неговото носење. Во спротивно, велат од таму, се доведува во прашање опстојувањето, чуството на слобода, на сите кои што се различни.

„Вакви прашања, не смеат да бидат прашања кои ќе зависта од договор меѓу партиите, крајно понижувачки е да се пазарат со она што значи слобода и еднаквост  Сметам дека е крајно, да речам и примитивно да се зборува дека еднаквоста може да навреди нечие религиозно чуство или нечие верувања или вероисповест. Едно со друго не оди. Донесувањето е прогресивно, чекор напред, и без кое нема да може да го исполниме она што ЕУ го очекува од нас“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Законот кој е со европско знаменце е дел од пакетот по кој ЕУ ќе ја оценува Македонија во делот на унапредување на човековите права. Но вицепремиерот за европски прашања, кој ја мобилизираше државната администрација за исполнување на реформите за ЕУ, смета дека со овој закон не мора да се брза.

„Не треба да се притиска за ова решение се додека овие предрасуди не се разговараат и со електоратот и со партиите кои што го претставуваат тој електорат“, вели Османи.

Експертите за европските интерграции се децидни дека е потребно овој закон да биде усогласен со европското право, бидејќи на земјите кои се скептични за напредокот на Македонија, токму овој закон може да им биде показател дали одиме напред и се трансформираме како општество.

Тамара Грнчароска