Изјава на Уранија Пировска за РСЕ околу одговорноста за бегството на Груевски

декември 12, 2018

По околу еден месец од бегството на Груевски, надлежните институции сè уште трагаат по одговори. Обвинителката Вилма Русковска денеска најави дека со соопштение за случајот ќе излезат за околку две недели. Oбвинителството се уште не ги набавило видео снимките од Црна Гора и од Албанија.

Обвинителството за околу две недели ќе излезе со првичните резултати од предистражната постапка за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски и начинот на кој ја напуштил земјава, најави обвинителката Вилма Русковска. Во обвинителството ќе бидат повикани сите лица кои може да дадат одредени информации за бегството на Груевски, а и досега биле сослушани припадници на неговото обезбедување, посочи Русковска пред одржувањето на конференцијата на Транспаренси интернејшнал поврзана со борбата против корупцијата.

„Добивме информација од колегите од Црна Гора дека ги прибрале сите снимки кои ни се потребни и в понеделник или вторник ќе одиме да ги преземеме. Колегата вчера ургираше во Албанија што побрзо да ни се достават материјалите што тие ги имаат. Прегледувањето на снимките кои ги имаме е веќе при крај, така што очекуваме некаде по наредните две недели да излеземе со соопштение до тогаш, што имаме резултати од предистражната постапка“, рече Русковска.

По околу еден месец од бегството на Груевски, надлежните институции сè уште трагаат по одговорите. Додека полицијата го бараше во неговиот дом и низ Скопје, Груевски на неговиот Фејсбук профил ја извести јавноста дека се наоѓа во Унгарија каде побарал политички азил. Додека Министерството за правда ја подготвуваше документацијата за негова екстрадиција, Груевски објави дека добил политички азил.

МВР, судот и СЈО вината за бегството на Груевски си ја префрлаа еден на друг, со информации излегоа соседните држави. Албанските власти потврдија дека Груевски барањето за азил го поднел во унгарската амбасада во Тирана и дека со дипломатско возило на 11 ноември го продолжил патот до неговата крајна дестинација.

Од Црна Гора реагираа дека при влезот на Груевски во земјата немало распишано потерница и немало законски проблем истата да ја напушти. Српскиот претседател Александар Вучиќ го опиша целиот пат на Груевски, кој од Албанија, преку Црна Гора и Србија со уредни документи влегол во Унгарија преку граничниот премин Хоргош и во придружба на две лица од унгарска националност.

Четиринаесет невладини организации до петок им дадоа рок на надлежните институции да заврши истрагата за бегството на Груевски, а во спротивност ќе бараат политичка одговорност од највисоките функционери. Свесни сме дека се води предистражна постапка и ние не бараме детали, туку само да знаеме дали се покренати истраги и што се испитува, вели Уранија Прировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Навистина е несфатливо власта по еден месец од бегството да не излезе и да не даде информација какви истраги се водат. Знаеме кои се клучните институции – МВР, Агенцијата за разузнавање и Обвинителството. Според тоа, навистина е нејасно зошто досега не се дадени такви информации. Дали се водат истраги за институциите кои ги посочивме, коишто сметаме дека се релевантни во случајот“, вели Пировска.

Министерката за правда Рената Дескоска информира дека сè уште немаат одговор од Унгарија во врска со барањето за екстрадиција на Груевски од земјата. Но, според неа, бидејќи роковите не се изминати, ќе почекаат одредено време и доколку ,во меѓувреме, не добијат одговор ќе испратат ургенција.