март 14, 2023

ХК: Постапката за пациентката што обвинува за погрешно дијагностициран карцином премногу се одолжува

Линк до оригиналната статија

 

Интервју со Тона Карева, правна советничка во Хелсиншки комитет за човекови права за „Слободна ТВ“.

Хелсиншкиот комитет за човекови права од 2019 година ѝ дава правна помош на пациентката С.С. од Тетово која до Обвинителството во 2018 година поднесе кривична пријава против лекарите и Клиниката за радиотерапија и онкологија за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно работење во службата. На пациентката и беа отстранети дојките иако, според неа, немала канцер, а тоа го покажал наодот од хистопатологија после операцијата.
„Ако го имаме предвид кривичното дело кое се става на товар и сензитивноста на случајот, навистина е многу долг период. Особено зашто член 301 од Законот за кривична постапка вели дека јавниот обвинител ја завршува истрагата кога ќе оцени дека состојбата е доволно разјаснета и дека може да донесе одлука односно дали да подигне обвинение или да ја запре истражната постапка. Зашто во моментот нема ни обвинение туку истражна постапка која трае 3.5 години. Ако истражната постапка не се заврши за 6 месеци јавниот обвинител треба да го извести Вишото јавно обвинителство и за сложени предмети може овој рок да се продолжи за уште 6 месеци, а по исклучок јавниот обвинител може да го продолжи рокот за уште 3 месеци. Сите овие рокови се пробиени. Постапката трае веќе три ипол четири години и жртвата во овој случај, која навистина се соочува со сериозни последици од тоа што и се случило е ставена во една незавидна ситуација каде нема одговор за тоа што се случило и чека одговор од институциите“, вели за Слободен печат, Тона Карева, правна советничка во Хелсиншки комитет.