Хелсиншкиот комитет го осуди честото одложување на постапката за случајот „Тамара“
Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува честото одложување на постапката во случајот за малата Тамара. Во постапката обвинети се 12 доктори и членови на комисии, кои донесоа и потврдија негативно решение за лекување на Тамара во странство.
„Денешното рочиште беше одложено поради отсуство на обвинетата Аспазија Софијанова, која била на семинар во Република Турција. Судијата Марин Станевски ја задолжи да достави доказ за оправданоста на отсуството најдоцна до следното рочиште. Дополнително, судијата напомена дека во текот на постапката веќе неколкупати рочиштата се одложувани поради нејзино отсуство. На рочиштето не присуствуваше ниту јавниот обвинител Анел Фидовски“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Од таму потсетуваат дека од поднесувањето на кривичната пријава во 2015 година поминати се речиси пет години, а првото рочиште по овој предмет беше закажано дури во јуни 2018 година. Предметот за малата Тамара сѐ уште ја нема добиено својата завршница.
„Комитетот уште еднаш потенцира дека правичното судење во разумен рок е еден од фундаменталните услови за задоволување на кривичната правда. Непочитувањето на овој институт ја намалува ефикасноста на постапката, придонесува кон правна несигурност и ја зголемува недовербата на граѓаните во правосудството. Комитетот ги повикува сите фактори во постапката одговорно да постапуваат, со цел нејзино целисходно спроведување“, се наведува во соопштението.