Хелсиншки: Расте етнички мотивираното насилство, особено меѓу младите Македонци и Албанци

јули 22, 2020

Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави годишниот извештај за криминалот од омраза. Датумот, како и минатите години не е случајно избран туку се поклопува со Европскиот ден на жртвите на криминалот од омраза.

Извештајот е единствен од овој вид во земјата, со кој се информира и ОБСЕ/ОДИХР за ситуацијата со делата за омраза во земјата.

Најмногу дела од омраза со етничка обоеност

Од 1 јануари до 31 декември 2019 година, Хелсиншкиот комитет регистрирал 159 инциденти и дела од омраза објавени во медиумите или во полициските билтени. Од вкупниот број, само 33 инциденти (20%) МВР ги потврдил како дела од омраза. И покрај барањата на невладината организација до полицијата за потврда дали етничката припадност е присутна во „непотврдените“ дела, таква потврда не добиле.

Но тие случаи влегуваат во извештајот бидејќи организацијата користела и други извори на информации, како разлики меѓу етничката припадност меѓу жртвата и сторителот, локацијата, изјави на сведоци, отсуство на други мотиви.

Како што покажува графиконот подолу, од вкупно 159 дела од омраза, дури кај 135 мотивот е етничката припадност. Потоа следат делата од омраза поради политичка припадност (15). За првпат по подолго време има и 2 инциденти поради сексуална ориентација.

 

Скопје е центарот на насилството од омраза

 

Од вкупниот број регистрирани дела (159) дури 136 се случиле на територијата на главниот град во земјава, Скопје. Другите градови имаат неспоредливо понизок број на инциденти.

 

Но и во Скопје, сликата е „шарена“. Според надлежноста на полициските станици, најголем дел од инцидентите се случиле во Аеродром, Центар, Гази Баба, Бит Пазар и Чаир. Најчесто, локација на инцидентите се автобуските станици каде застануваат повеќе автобуски линии и во самите автобуси.

Жртви се најчесто малолетни Македонци или Албанци

 

Според извештајот на Хелсиншкиот комитет, во 159-те регистрирани инциденти има 163 жртви и 358 сторители. Бројката јасно сугерира дека жртвите најчесто се сами, додека бројот на напаѓачи во секој инцидент најчесто е две до три лица.

Од 163 жртви, дури 104 се лица кои немаат наполнето 18 години. Кај напаѓачите е спротивно – од 358 сторители, дури 265 биле полнолетни а 93 малолетни.

Трендот расте

Во својот извештај, Хелсиншкиот комитет ги споредил бројките за насилството од омраза поради етничкото потекло со минатите години.

Заклучокот е дека по неколкугодишно смирување, Македонците и Албанците повторно почесто се напаѓаат меѓусебно.

„Во 2013 година, овие инциденти претставуваа 84% од сите инциденти вкупно (98 од 116), додека во 2014 година процентот беше 61% (53 од 87). Во текот на 2015 година, само 15 инциденти (34%) се случиле меѓу Македонците и Албанците, додека во 2016 година се случиле 34 инциденти (скоро 50%) помеѓу овие две различни етнички заедници. Во 2017 година немаше значително намалување на овие видови на инциденти, иако тие останаа најгорливото прашање, имајќи предвид дека поголемиот дел од жртвите и сторителите во овие инциденти се малолетни лица. Во 2018 година, бројот на регистрирани инциденти сторени поради етничка припадност повторно се зголеми на 58% (79 од 123) од сите регистрирани инциденти. Во 2019 година, со 84,9% од сите регистрирани инциденти (135 од 159) поради етничката припадност на жртвите/сторителите, ги прави овие инциденти
најзастапени и со загрижувачки интензитет како во минатото (2013/2014)“,

се вели во извештајот.

МВР открило само третина од сторителите

Поразителни се сепак бројките дека од 358 регистрирани сторители на кривичните дела од омраза, МВР успеало да идентификува само 126 лица. Тоа е околу една третина од вкупниот број пријавени.

Вкупно, под истрага се 13 предмети, додека се поднесени се на се 29 кривични пријави. Дури 32 случаи МВР ги регистрира како „прекршоци против јавниот ред и мир“ а во неколку случаи и дека станува збор за „прекршочен налог за сторен прекршок од Законот за спречување на насилство на спортските натпревари“. Статусот на дури 83 случаи или 54% е непознат.

Нема напредок ако не се решаваат случаите

Крајот на извештајот на Хелсиншкиот комитет завршува со вкупно шест препораки до надлежните. Првата е дека мора да има брза и ефективна истрага за ваквите случаи, бидејќи тие често предизвикуваат низа негативни последици и кај поединци и во општеството.

  1. Да се осигура брза, ажурна и ефективна истрага и гонење на делата од омраза гарантирајќи дека пристрасните мотиви се земени предвид и во текот на кривичната постапка;
  2. Да се преземат соодветни мерки за да се потпомогне пријавувањето на делата од омраза од страна на жртвите, вклучувајќи мерки да се изгради доверба во полицијата и во другите државни институции;
  3. Да се соберат и објават сеопфатни и компарабилни податоци за делата од омраза, колку што е можно повеќе вклучувајќи и за бројот на такви инциденти пријавени од јавноста и евидентирани од страна на органите за спроведување на законот, бројот на осуди, пристрасните мотиви зад тие кривични дела и казните изречени на сторителите;
  4. Да се осигура дека жртвите на делата од омраза се поддржани и заштитени;
  5. Да се унапреди обуката на релевантните практичари кои доаѓаат во контакт со жртвите на дела од омраза, притоа овозможувајќи им ефикасно да им помагаат на овие жртви и
  6. Да се зајакнат превентивните мерки, меѓу другото и преку рефлектирање на едукацијата за човекови права, наставните планови по историja и релевантните обуки, преземање чекори
    за едукација на јавноста, а особено на децата и младите луѓе за вредностите на културната разновидност и инклузија, со цел сите општествени сектори да имаат одредена улога во борбата со таквата нетолеранција.