јули 24, 2020

Работничките права во услови на здравствена и економска криза

Работничките права во услови на здравствена и економска криза title

Емануела Деребан Mагистер по право од областа на граѓанско материјално и процесно право

Во пресрет на пандемијата на вирусот COVID-19, Македонија го трасираше патот на борбата со вирусот по теркот на дадените Препораки на Светската здравствена организација, а донесените правни акти влијаеја на целиот општествен систем. Воведените мерки за заштита и превенција од корона-вирусот различно погодија различни групи на луѓе. Во екот на кризата, работничките права беа први на удар, до степен на загрозување на елементарната егзистенција на просечен работник. Нормативно гледано, во уредувањето на работните односи vis a vis вонредната состојба прогласена на целата територија, работодавачите прибегнаа кон користење неколку алатки како „соодветни“ на новонастанатите околности. Тие алатки вклучуваат: прекини на работниот процес од деловни причини и поради виша сила, привремени принудни одмори и откажувања на договорот за вработување поради деловни причини, а последиците од ваквите законски решенија за прв пат беа ставени на тест во една кризна ситуација.

Што значи примената на ваквите законски решенија за работниците?

Од изнесената анализа на законските решенија содржани во Законот за работните односи (ЗРО) и Општиот колективен договор од областа на стопанството (ОКД) на кои се повикуваат работодавачите во текот на кризниот период, произлегува една одредба. Таму се наведува дека во случај на прекин на работниот процес од деловни причини и привремен принуден одмор, работникот има право на надоместок на плата во висина од 70% од просечната плата или надоместок на плата во висина од 50% од платата која би ја добил доколку би работел (виша сила).  Листата на проблематики и неправилности кои се јавуваат во врска со толкувањето и примената на овие законски одредби се чини бескрајна, особено ако се земе предвид дека истите се применуваа без консултации со синдикатите и без социјален дијалог. Имено, минималната плата во Македонија изнесува 14.500 денари нето за 40 часовна работна недела. Согласно Кривичниот законик, исплаќањето плата помала од минималната од страна на работодавачите се казнува со парична казна или казна затвор до една година.

За време на кризата, работодавачите успеаја да го заобиколат ваквото правило и пронајдоа механизам како на работниците да им исплаќаат надоместоци многу пониски од минималната плата. Суштината се состои во тоа што посочените одредби на ЗРО и ОКД (објаснети во анализата погоре), кои се применуваа во текот на целиот период не предвидуваат исплата на месечна плата, туку надоместок на плата. Со Законот за минимална плата (ЗМП), утврден е најнискиот износ на плата во висина од 14.500 денари која му се исплаќа на работникот за извршената работа, а во сите применети одредби на ЗРО станува збор за надоместок на плата. Со оглед на фактот што во ЗМП е утврден најнискиот износ на плата, но не и најнискиот износ на надоместок на плата, претходно споменатите надоместоци на плата во износ од 70% и 50% од платата, можат да одат многу под законски утврдениот минимум. Преку примената на овие одредби од ЗРО, наместо законски пропишаната минимална плата од 14.500 денари, често на работниците им се исплаќаат месечни примања во вредност од само 7.250 денари, а притоа работодавачите остануваат „чисти“ пред законот. Како последица на примената на овие законски норми, во услови на актуелната криза, од работниците се очекува да ги задоволат тековните животни потреби со смешни суми кои во реалноста не се доволни ни да се исплатат месечните сметки.

Извор: politicstoday.org

Со член 18 од ОКД е предвидено дека работодавачот кај кого настанале потешкотии во работењето, врз основа на согласност од синдикатот може да утврди отстапување од пресметковната вредност за единица коефициент за најниска група на сложеност, т.е може да намали плата. Со тоа што намалувањето на пресметковната вредност за единица коефициент за најниска група на сложеност не може да изнесува повеќе од 20% и не може да трае подолго од 6 месеци. Воедно, работодавачот е должен на работниците да им ја исплати ваквата разлика во рок од 6 месеци од надминувањето на тешкотиите. Еден од основните принципи на трудовото право е дека секогаш треба да се примени поповолното решение за работникот. Еманација на овој принцип е член 12 од ЗРО, во кој е инкорпорирано општото правило дека со колективен договор можат да се одредат поповолни права за работниците, а не можат да се определат помали права од оние утврдени со ЗРО. Ова значи дека ако се утврди дека намалувањето на платите во конкретните услови на криза е неопходно, наместо да се исплаќаат надоместоци во висина од 70% и 50% проценти од плата, би требало да се примени член 18 од ОКД како поповолен за работниците.

На овој начин, работниците би имале поголеми месечни примања, поголема финансиска сигурност и следствено, подобра положба во текот кризата. Примената на одредбите за исплата на надоместоци на плата во споменатата висина се врши избрзано, без темелно и сериозно да се испитаат релевантните правни прописи адекватни на настанатата ситуација. Практиката која се воспостави од страна на работодавачите е недоволно правно поткрепена, а за своја последица создаде неповолна атмосфера за работниците и тоа во време на економска криза, кога во фокусот на дејствувањето треба да бидат механизми за заштита на работниците и работничките права. Во однос на откажувањето на договорот за вработување од деловни причини, важно е да се напомене дека истото вклучува обврски на работодавачите пред Агенцијата за вработување, а во одредени случаи и консултации со синдикат, односно синдикален претставник и сето тоа во законски пропишани рокови, што значи дека оваа постапка бара време. Иако ваквиот начин на откажување на договорот за вработување беше фаворизиран и од страна на Владата, со оглед на динамиката со која се вршеа отпуштањата, се наметнува како сериозно прашање дали и колку се почитуваше законски пропишаната постапка. Во 2018-та година беа воведени измени на ЗРО со цел реализирање на Програмата на Владата 2017-2020, која предвидува поголема заштита на работниците во случај на престанок на работниот однос поради деловни причини. При првата криза ваквите заложби се заборавија и дојде до извитоперување на оваа постапката и изигрување на законските прописи и тоа по сугестија и зелено светло на самата Влада.

Каква беше улогата на Владата за време на кризата?

Според анализата на Меѓународната организација на трудот (МОТ)  Rapid Assessment of the Employment Impacts and Policy Responses , за време на кризата, падот на одработени часа во текот на 40 часовна недела, предизвикан како од отпуштања, така и од прекини на работниот процес, е еднаков на 85,550 загубени работни места со полно работно време. Согласно податоците на Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ), бројот на невработени во март оваа година изнесува 107,732, а веќе во мај 121,187, што значи дека во временски интервал од два месеци, бројот се зголемил за 13,455 невработени лица.

Извор: bbc.com

           На самиот почеток на епидемијата, Владата не се ангажираше да изнајде системско решение за уредување и заштита на работничките права како едни од најзагрозените групи човекови права за време на корона-кризата. Наместо тоа, донесе мерка со која опфати неколку категории работници и тоа: мајки на деца до 10 годишна возраст, бремени жени и хронично болни лица. Како што кризата напредуваше, така се зголемуваше бројот на колективните откази, одјавувањата од страна на работодавачите, исплатата на плати под минимално дозволената, непродолжувањето на договорите на определено време и слично. Со цел да се спречи ваквиот тренд, на 28.03.2020 година, техничкиот премиер Оливер Спасовски најави дека за фирмите кои отпуштаат вработени до месец септември нема да следува парична помош од државата. Откако Владата ретерираше и го намали овој рок до јули, нештата дополнително се влошија кога на 29-ти мај, на прагот на денот на трудот, Министерката за финансии Нина Ангеловска објави дека фирмите кои отпуштаат вработени, сепак ќе можат да добиваат парична помош. Ваквата одлука предизвика лавина реакции на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Синдикатите и граѓанските здруженија кои издејствуваа да се донесе измена на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работниците и работодавачите погодени од здравствено-економската криза и овозможи ретроактивно вработување на лицата на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април. Со донесените уредби, Владата се обврза да обезбеди финансиска поддршка за исплата на плати и субвенционирање придонеси од задолжително социјално осигурување. Третиот сет мерки беше големо разочарување со оглед на тоа што се воведе мерка за паричен надоместок од само два месеца за лицата кои останале без работа од 11-ти март до 30-ти април. Со ваквото постапување не се испочитува договореното да определи надоместок во временски период кој зависи од стажот на работниците. Овој сет мерки предвиде многу повеќе средства за фирмите отколку за граѓаните што претставува јасна рефлексија на приоритетите на Владата и покажува дека таа многу повеќе се грижи за профитите на компаниите отколку за животите и здравјето на луѓето.

Што треба да се промени во иднина?

Иако во јавниот дискурс често се говори колку е важна улогата на работниците во општеството, сепак изостануваат ефективни решенија за заштита на нивните права и тие и понатаму остануваат во сенка на интересите на бизнис секторот и стопанството. Дејствувањето на Владата содржеше низа пропусти, кои доколку се спречеа или на време се санираа, положбата на работниците во текот на кризата ќе беше значително подобра.

Извор: redcross.org

             Најпрво, не требаше да се дозволи исплата на надоместоци на плати во износ вртоглаво понизок од минималецот. Наместо да го охрабрува отпуштањето работници преку договори за престанок на работен однос од деловни причини, Владата требаше да тргне од најдобриот интерес на работниците и да даде правец за примена на поповолни одредби за работниците. Целиот процес на воведување на мерките се вршеше колебливо и несериозно, а на крај, тие кои беа воведени беа премногу „меки“ и паричната поддршка премногу мала. За лицата кои останале без работа, исплатата на финансиска помош за два месеци, без оглед на работниот стаж бара итна интервенција во насока на коригирање на оваа мерка и воспоставување подобар систем на заштита на работничките права поврзан со работниот стаж. Понатаму, Владата како гласен промотор на социјален дијалог и партнерство, не остана доследна на своите демагогии и не ги испочитува до крај барањата на Хелсиншкиот комитет за човекови права, синдикатите и граѓанските здруженија кои заеднички беа дискутирани. Земајќи го сето ова како супстрат на моменталната состојба на теренот на работничките права, недвосмислено произлегува дека е потребно Владата:

  • сега и во иднина, да се откаже од намерата да „штеди“ на работниците со кратење на плати и додатоци на плати на работниците;
  • да носи реални економски мерки што нема да претставуваат сметководствена „нуклеарна физика“ со услови практично невозможни за исполнување, туку ефективна парична поддршка за да воопшто може да стане збор за заштита на работниците
  • активно да работи на подигање на социјалниот дијалог и партнерство на највисоко ниво и доследно придржување кон договорените решенија на настанатите проблеми.

Свесни сме дека оваа здравствена криза прераснува во светска економска криза која нема да ја заобиколи и нашата држава. Од тие причини, укажуваме на сериозноста на овој проблем и потребата од приоретизирање на заштитата на работничките права и остварување подобра положба на работниците, бидејќи во спротивно, реториката е само празна флоскула, а работниците остануваат заштитени само на хартија.

Емануела Деребан е дипломирана правничка на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, каде завршила и втор циклус студии, на насоката граѓанско материјално и процесно право. Работното искуство го стекнала во неколку адвокатски канцеларии, а моментално е вработена во Адвокатска канцеларија „Деребан“. Покрај практичната примена на правото, поле на интерес и е научно-истражувачка работа од областа на човековите права.