февруари 19, 2023

Хелсиншки комитет: Разговорот на Лазаров- Латас е колективен, општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените жртви на насилство

Линк до оригиналната статија 

 

Хелсиншкиот комитет за човекови права се огласи во врска со неодамнешното гостување на новинарот Драган Павловиќ – Латас во подкастот на јутјуберот Стефан Лазаров.

„Неодамна објавеното интервју од јутјуберот Стефан Лазаров, каде неговиот гостин Латас споделува дека тој и неколку другари на 15 годишна возраст злоставувале и силувале девојка е колективен, општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените жртви на насилство. Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно.

Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса излгеда нормализирање на културата на насилство и до каде може може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците.

Таа култура, им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и да бидат славени како ‘вистински мажи’ и победници. Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да ѝ се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.