јуни 4, 2020

Хелсиншки и „Гласен текстилец“: Владата да забрани работа за текстилните работнички додека трае полицискиот час

Хелсиншкиот комитет за човекови права и здружението на граѓани „Гласен Текстилец“ остро реагираат на најавите дека повеќе текстилни фабрики во Штип ќе работат за време на полицискиот час, во викендот што следи.

„Согласно информациите од терен, фабриките веќе извадиле или се во процес на вадење дозволи за работа, а работодавачите им најавиле на своите вработени дека ќе работат за време на полицискиот час. Работењето за време на полицискиот час, во денови кога најмногу прогресира бројот на заболени од Ковид-19 во земјава, е крајно неодговорна одлука која директно ги загрозува здравјето и животот на текстилните работнички. Оваа одлука доаѓа во време кога е потребна најголема општествена одговорност и солидарност од работодавачите, институциите и работниците. Недозволиво е во град, кој ќе биде под 80 часовен карантин, како резултат на зголемувањето на бројот на заразени, од кои најголем број доаѓаат од текстилната индустрија, да се дозволи работа на текстилните фабрики“, стои во нивното соопштение.

Се додава дека е особено загрижувачки што најголемите прекршувања на превентивните мерки за заштита и спречување на ширењето на корона вирусот во Штип, се случуваа при превоз на текстилните работнички за време на полициски час, во несоодветни автобуси, со непочитување на одредбата за смалување на капацитетот за превоз на патници до 50 отсто и одржување на препорачаната дистанца.

„За да се заштити здравјето и животот на текстилните работнички, а во насока на превенција и справување со ширењето за вирусот, бараме од Владата да воведе целосна забрана за работа на текстилните фабрики во Штип за време на полицискиот час. Очекуваме дека Државниот инспекторат за труд и Државниот санитарен и здравствен инспекторат и понатаму будно ќе ја следат состојбата на терен и ќе ги санкционираат сите работодавачи кои нема да се придржуваат до мерките“ стои во заедничкото соопштение на Хелсиншки комитет за човекови права и „Гласен текстилец“.