Хелсиншки бара инспекциски надзор врз конфекцијата „Алкон-текс“, каде се протестира поради неисплатени плати
Поради сериозни прекршувања на работните права со кои се соочуваат текстилните работнички, Хелсиншкиот комитет за човекови права побара од Државниот инспекторат за труд, да спроведе вонреден инспекциски надзор кај работодавачот и да утврди неправилности во примената на трудовите правила, соопштија од Хелсиншки, во врска со протестот на текстилните работнички од конфекцијата „Алкон-текс“ од Штип.
„Комитетот дополнително ќе ги контактира и останатите надлежни институции, како што се Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција, со цел да се испита дали работодавачот е корисник на државна финансиска помош и дали добиените средства ги злоупотребил. Хелсиншки ги повикува сите државни институции да постапуваат со должно внимание, согласно своите надлежности и да бараат одговорност од работодавачите кои грубо ги кршат работничките права“, стои во соопштението на Хелсиншки.
Штипските работнички од „Алкон-текс“ (конфекција Лонгуров) и денеска протестираа пред седиштето на работодавачот, барајќи заштита на своите права и исплата на априлската плата. Ова е втор протест, по вчерашниот, на кој се бара заработената плата за април, како и заштита од институциите. Вработените најавија дека и утре, во 9 часот, повторно ќе се соберат пред седиштето на работодавачот за да го изразат своето незадоволство.
Од Хелсиншки ја пренесуваат изјавата на Бисера Кафтанова, една од работничките испратени на принуден одмор, која се приклучи на протестот пред „Алкон-текс“.
„Работевме во карантин, без прекини. Луѓе се разболуваа, откази се делеа, а притисокот и мобингот станаа секојдневие. Платите се намалуваат, а работа има. Се регистрираат нови фирми, а преку старите се ослободуваат од вишокот. Субвенции од државата редовно се земаат, само за нас плати нема. Па, овој протест нека биде апел за сите, да не молчат, да се борат за своите права и за своите плати, кои иако се мали, тешко се заработуваат“, вели таа.
Последните истражувања на ЗМАИ, посочуваат од Хелсиншки, покажуваат дека лани вкупно 6.783 текстилни работници останале без работа, а невработеноста е со највисок пораст во Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово, каде текстилната индустрија е најразвиена. Исто така, 17.000 работници останале без плата за февруари, март и април, поради тоа што опозицијата во Собранието со недели го блокираше петтиот пакет економски мерки. Меѓу нив беа и 6.000 текстилни работнички испратени на принуден одмор, поради чекањето на државната помош.
Загрижувачки е што текстилните работнички често работат со договори за вработување на определено време, од еден месец, па така и се во постојана неизвесност и стравување од губење на работното место, соопштуваат од Хелсиншки и додаваат дека, правото на работа и на соодветна заработувачка е уставно загарантирано право на секој вработен.
„Неисплаќањето на никаков надоместок значи сериозен удар за егзистенцијата на работниците и нивните семејства. Потенцираме дека ова се случува во услови на тешка здравствена и економска криза, кога трошоците за исхрана и основно живеење секојдневно се зголемуваат, а плаќањето на сметките, не се одложува, ниту чека на платите“, стои во соопштението на Хелсиншки.