Гордан Калајџиев на дебата во МАНУ за реформите на јавното обвинителство
јануари 29, 2019
Калајџиев: Политичарите во Македонија се посилни од правото, ни треба силно обвинителство!
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да се трансформира во силен и самостоен орган. Ова е ставот на универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, кажан на денешната дебата во МАНУ, на која што се расправаше за реформите во јавното обвинителство.
Тој дури и предлага СЈО да се обедини со Одделението за организиран криминал и корупција, со што ќе се избегне можноста за поклопување на надлежноста. Калајџиев исто така истакна и дека прашањето за роковите на СЈО за спроведување на истрага тешко ќе можат да се решат, поради што е неизвесно и што ќе се случи со истрагите кои СЈО ги отвори, а за кои поминаа 18 месеци за подигање на обвинение.
-Груевски и Заев си дале рака рокот за истраги да биде 18 месеци. Едниот мислел дека овој период е доволен, а другиот дека е краток, поради што и се усогласиле. Всушност ова беше и ултиматум од ВМРО-ДПМНЕ, за да го прифати формирањето на СЈО. Закон како закон мора да се почитува, без разлика дали нас тоа ни одговара или не. Така да прашањето за роковите тешко ќе можеме да го решиме, истакна Кајалџиев.
Тој реагира и на сегашната пракса на СЈО да превзема предмети од редовното обвинителство, со што и побрзо ќе се доведат до застарување.
-Ми беше логично да превземаат предмети кога беше заробено обвинителството. Зошто сега го прават тоа, кога води кон застарување, прашува Калајџиев.
Тој додаде и дека Македонија и во иднина ќе има потреба од силно обвинителство.
-Се занесов од борбата против режимот на Груевски, дека ќе имаме правна држава. Сега не сум сигурен дека сме на пат тоа да го оствариме. Политичарите во Македонија се посилни од правото. Лично ми е срам за амнестијата и целиот тој циркус што се направи, истакна професорот.
В.В.