Discussions that matter – училишни дискусии
Discussions that matter – Како средношколците гледаат на човековите права
Младински образовен форум со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија организираше 3 училишни дискусии со над 100 средношколци, посветени на човековите права. Во рамки на Discussions that matter (Дискусии што значат) беа организирани дискусии на различни теми со средношколци во Скопје, Тетово и Битола.
На настанот во Скопје, кој беше организиран на 30-ти мај 2019 во СУГС „Шаип Јусуф“ се одржа дискусија на тема: „Како младите можат да придонесат за намалување на говорот на омраза онлајн?“, на која говорник беше Вилдан Дрпљанин од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Како одговор на прашањето, тој смета дека: „Младите луѓе во државата се едни од најчестите споделувачи, но истовремено и жртви, на говорот на омраза. Единствениот начин на кој што оваа посебно ранлива група може да се избори со таквиот феномен е преку постојана едукација за причините што го предизвикуваат говорот на омраза и последиците кои што ваквиот говор неизбежно ги раѓа. Со нивно оспособување да го воочат и разликуваат говорот на омраза од слободата на изразување, тие директно придонесуваат во намалувањето на неговото ширење во виртуелниот и реалниот свет.“
Мартина Ристевска – Златевска, долгогодишен член на МОФ, беше говорник на дискусијата со учениците во СОУ „Таки Даскало“, Битола која се одржа на 5-ти јуни 2019 година на тема „Дали младите се способни да препознаат дискриминација?“. Таа вели дека иако младите имаат познавање за основите на дискриминацијата, сепак, сè уште треба да се работи со нив, со цел тие да бидат охрабрени да ја пријавуваат дискриминацијата. Понатаму, таа потенцира дека од голема важност е младите да бидат информирани за сите механизми на заштита кои им стојат на располагање за да можат активно да ги користат во борбата против дискриминацијата.
Рита Бехадини од Feminist Club при Универзитетот Југоисточна Европа, на 5-ти јуни 2019 година беше говорник на дискусијата „Како младите се борат за нивните права?“ организирана со средношколците од ССОУ „Моша Пијаде“ во Тетово. За темата на дискусијата таа изјави: „Секогаш е неопходно да се разговара со младите за нивните права, особено со средношколците. Тие треба да се запознаат со средствата и начинот на кои треба да се борат против потенцијалните неправди. Денешниот настан и дискусијата беа навистина дискусии што се важни.“ Целта на Discussions that matter е да се поттикне критичкото размислување кај средношколците, но и да ги мотивира средношколците да ја разберат важноста на почитувањето на човековите права, но и да се борат за заштита на нивните права.