Дебата за правата на ЛГБТИ заедницата – 360 Степени сезона 7, емисија 76

јуни 25, 2021

Утре во Скопје ќе се одржи Парада на гордоста, втора во историјата на државава по премиерната во 2019 година. Лани поради ковид-кризата манифестацијата паузираше. Кочо Андоновски, родоначалникот на ЛГБТИ-движењето во Македонија, во една неодамнешна изјава, вели дека има голема промена од времето кога тој почнуваше со активизмот. „На почетокот без сам, а денес, 16 години подоцна, имаме голем број  ЛГБТ организации, имаме национална мрежа со повеќе од 20 организации и поддржувачи“, вели Андоновски. Тој е еден од учесниците во ова издание на „360 степени“, заедно со Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалицијата „Маргини“ и Моника Зајкова, пратеничка од редовите на ЛДП во Собранието. Меѓу другите теми, ќе разговараме и за предлог-измените во Законот за матичната евиденција со кои треба да се предвиди постапка за правно признавање на родот. На видео-врска ќе ја имаме адвокатката Наташа Бошкова, која го водеше случајот на лицето Х против Република Северна Македонија, кој заврши со пресуда на Европскиот суд за човекови права, во која се констатира дека државава сторила повреда на член 8 од Европската конвенција за човекови права поради недостаток на јасна правна рамка која го регулира правното признавање на родот.

Емисијата е емитувана на 25 јуни 2021 г. од 22 часот на ТВ Алсат