Ако си жена, не те бидува за градоначалник?
Од 301 кандидат за градоначалници на локалните избори, само 25 се жени. Повеќето партии не ни одговорија зошто речиси ексклузивно предложиле мажи кандидати, а декларативно се залагаат за унапредување на родовата еднаквост
Дел од политичарките, пак, сметаат дека е неопходно да се најде правен механизам за зголемување на бројот на жени на раководни позиции и во власта и во самите партии, како и да се санкционира говорот на омраза, кој ги демотивира жените да влезат во политиката
Северна Македонија е држава со речиси еднаков број жени и мажи како демографска категорија, но кога се во прашање локалните избори, таа статистика не е важна. Ако соодносот на машката и женската популација е близу 50-50, кај кандидатите за градоначалници тој е 92 спрема 8 отсто во корист на мажите.
Процентот помал од 10 отсто на застапеност на жените меѓу кандидатите за градоначалници е поразителен и го покажува недостигот на политичка волја за вклучување на жените во политичкиот живот. Вака од „Хелсиншкиот комитет“ ја коментираат (не)застапеноста на жените на локалните избори откако Државната изборна комисија ги објави официјалните листи според кои од 301 кандидат за градоначалник само 25 се жени.
Овој дисбаланс ги прави жените невидливи во изборите и покажува дека тие имаат само декларативно право да бидат избрани и да изберат да бидат претставени, смета Бојана Јовановска од „Хелсиншкиот комитет“.
„Во извештајот на ОДИХР за последните локални избори во 2017 година една од препораките беше политичките партии и релевантните институции да преземат иницијативи за да го поттикнат учеството на жените во изборниот процес и во политичкото донесување одлуки, но со објавата на кандидатските листи сведоци сме дека освен декларативните заложби, сѐ уште немаме никаков суштински напредок во оваа област. И покрај тоа што беа направени одредени законски промени во прилог на родовата еднаквост во различни сфери и дел од партиите во својата предизборна реторика вклучија ветувања за поголема родова еднаквост, сепак, политичкото учество на жените е сѐ уште на многу незавидно ниво“,
вели Јовановска во изјава за „360 степени“.
Јовановска потсетува дека пред изборите, Платформата за родова еднаквост во која се обединети голем број невладини организации уште во јули годинава упати апел до политичките партии да обезбедат родов баланс на изборните листи за претстојните избори.
„Како предлагачи на изборните листи, политичките партии се и чувари на портите што го олеснуваат влезот и успехот на поединците во политиката. Потсетуваме дека нема недостаток од квалификувани и искусни жени кои би можеле да преземат политички функции, туку општествени и структурни бариери за нивно вклучување; затоа тие мора да се повидливи и охрабрени да се вклучат во политичката трка. Особено е важно да се спомене дека и во изборните програми на партиите, најголем дел од партиите ветуваа унапредување на политичкото учество на жените (вклучително и на локално ниво)“,
порачаа тогаш до Платформата за родова еднаквост во отворено писмо до партиите.
Но, повиците за намалување на јазот меѓу мажите и жените на изборите не се одразува на кандидатските листи.
Дел од партиите „мудро молчат“
Според податоците на Државната изборна комисија, ниту една партија не е ниту близу до родова еднаквост кога е во прашање бројот на жени и мажи кандидати за градоначалници. Сепак, не се сите исти.
Најслаба застапеност на жените, или поточно никакво застапеност, прикажаа од коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива и од партијата Беса. Тие немаат ниту една жена кандидат за градоначалник.
Следна на листата партии со најмногу резерви кон жените е ВМРО-ДПМНЕ. Тие предложиле само три жени од вкупно 63 кандидати, и тоа во Берово, Крушево и Центар. Процентуално, ниту 5 отсто од кандидатите не се жени.
Кај владејачката ДУИ, процентот на жени кандидати за градоначалници е 5,2 отсто. Соодносот е повисок од ВМРО-ДПМНЕ не затоа што предложиле повеќе жени од нив туку затоа што имаат помалку кандидати – 19. ДУИ, всушност, има предложено само една жена кандидат – актуелната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи.
И ДПА има само една жена кандидатка, но од 14 кандидати. Затоа и нивниот процент на кандидатки е повисок – 7,1 отсто.
Помала од 10 отсто е застапеноста на жените кандидати за градоначалници на СДСМ, партија која на последните парламентарни избори промовираше целосна еднаквост, односно застапеноста на мажите и жените на пратеничките листи беше 50-50. На листите за претстојните локални избори СДСМ има пет жени од вкупно 69 кандидати и тоа во помали општини – Македонска Каменица, Арачиново, Могила, Петровец и Старо Нагоричане.
Националниот просек го крева Левица, која има две жени од вкупно 8 кандидати за градоначалници, додека поголема родова избалансираност има кај Движењето „Одлучно за промени“ иницирано од ЛДП и ДОМ, каде што од 18 кандидати за градоначалници пет се жени.
„360 степени“ побара ставови од дел од партиите како СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците/Алтернатива за тоа зошто е таков соодносот меѓу бројот на мажи и жени кандидати за градоначалници и како на овој начин ќе се залагаат за реализација на заложбите за зголемување на родовата еднаквост во сите сфери на општеството. До објавувањето на овој текст, одговор добивме само од СДСМ и Беса.
Објаснувањето на СДСМ е дека кандидатите биле избрани според анкети со граѓани и мерит-системот на партијата.
„СДСМ водеше транспарентна процедура за избор на најдобриот кандидат на градоначалник. Процесот се одвиваше во три фази, се направи анкета на терен со граѓаните, консултација со членството и мерит-системот којшто го спроведе партијата. Согласно резултатите, избрани се најдобрите кандидати за секоја општина, без разлика дали станува збор за маж или за жена. Во советничките листи во најголем дел носители се жени и во советничките листи е запазена родовата еднаквост. СДСМ е првата партија која го воведе 50-50 принципот на пратеничките листи, прва што настапи со носители и коносители на листи и во сите партиски органи е пресликан тој принцип како што е Централниот и Извршниот одбор. Досегашната посветеност на родовата еднаквост повеќе пати е докажана на дело“,
вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска.
Од Беса, пак, на чии листи нема ниту една жена меѓу кандидатите за градоначалници, велат дека немале заинтересирани жени за оваа функција.
„Процесот на номинација на кандидати беше отворен. Постапката е транспарентна. За жал, немало заинтересираност од страна на жени да бидат кандидати за градоначалници. Таму каде што имаше дебата, а имаше кандидати за носителки на листа, предност им е дадена на жени за да може да исполниме родова еднаквост. И, еве, во Липково и Долнени имаме носителки на листи“,
велат од Беса.
Кај партиските листи, поголема застапеност на жените има на листите за советници во општинските совети, но бидејќи тоа е законски предвидено со одредби во Изборниот законик кои предвидуваат дека меѓу кандидатите за советници, мининум 40 отсто треба да бидат жени.
Но, ако застапеноста се оценува по процентот на жени што се поставени како носителки на листите на советници, повторно бројот на жените е помал наспрема мажите. Најмалку жени носителки на листа имаат истите партии со најмалку жени кандидатки за градоначалнички – Алијанса за Албанците/Алтернатива и БЕСА.
Мал е процентот (12,5 %) и на носителки на листи од ДПА, додека кај ДУИ од 34 носители на листи 6 се жени или околу 17 отсто.
Од 81 носител на листа на кандидати за советници од СДСМ, пак, 28 се жени или околу 34 отсто, додека кај ВМРО-ДПМНЕ застапеноста на жените е 20 отсто, односно од 74 носители на советнички листи 15 се жени.
Дел од политичарите во изминатиов период застанаа во одбрана на нивните листи, а некои дури ги промовираа како достигнување. Од ДУИ, на пример, на прес-конференција се пофалија дека дури шест жени биле носителки на советнички листи.
„Како и секогаш, ја почитуваме адекватната застапеност на жените во политиката, го зајакнуваме гласот на младите и ја унапредуваме соработката со граѓанскиот сектор“,
порачаа од ДУИ.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, претставувајќи ги кандидатите за градоначалници на новинарско прашање за малиот број на жени меѓу кандидатите, рече дека партијата немала законска обврска за конкретни проценти на застапеност и дека конечните одлуки биле донесени според мислењето на граѓаните.