Златна зора – криминална организација?
Судницата на казнено-поправниот дом за жени „Коридалос“ во Атина, 2 октомври 2015 година. Магда Фиса полека и понизно оди низ публиката и чекори пред судиите. Облечена во црно, ситна и вита, замислена. Целосна тишина настапува во судницата. „Павлос се збогуваше вечерта и рече дека ќе го гледа фудбалскиот натпревар со своите пријатели. Телефонот заѕвони во 14:00 часот. Татко му ми пријде, наведнувајќи ја главата и не можеше да ми каже што се случило. Извозевме до болницата. Се почувствував беспомошно. Го очекував најлошото.“ Вака мајката на Павлос Фисас го започнува своето сведочење пред петтемина судии, шест месеци откако во Атина почна судењето на убиецот на син ѝ. Во судницата сме барем двесте души и сите го знаеме епилогот на оваа приказна. Првите солзи веќе ни навираат по ќошињата на очите.
„Го видов како лежи во мртовечницата. Се обидов да го стоплам за да може да стане, за заедно да си заминеме. Спиеше. Како ангел беше“, продолжува таа да ја раскажува својата реакција за смртта на син ѝ. Музичарот Фисас (Килах П) беше убиен од страна на член на Златна зора, Гиоргос Рупакијас, кој, според докторите, го извршил убиството на професионален начин: „Му го зарил ножот во срцето и го свртел. Син ми умрел за неколку минути.“
Како новинарка, имам следено над 450 рочишта во Апелациониот суд во центарот на Атина, како и во судницата за жени во казнено-поправната установа „Коридалос“.
По пет и пол години, судската постапка против 69 пратеници, членови и поддржувачи на грчката неонацистичка партија Златна зора, заврши на 7 октомври годинава во Атина. Судењето беше прикажано како едно од најголемите и најважните судски процеси во Европа во изминатата деценија, но и прво вакво судење против нацистичка партија по Нирнбершкиот процес.
Како новинарка, имам следено над 450 рочишта во Апелациониот суд во центарот на Атина, како и во судницата за жени во казнено-поправната установа „Коридалос“, уште од почетокот на 20 април 2015.
На местото на судењето, каде што атинската јавност доби слободен пристап, бев сведок на неколку насилни испади – во еден случај морав да ги повикам специјалните полициски единици за да интервенираат. Сведоците на кривичните дела добиваа закани, некои се онесвестија, слушнавме вербално насилство, сослушувањата се одложуваа поради проблеми со микрофоните, дождот протекуваше во судницата и имаше низа други технички проблеми.
„Смирете се, ова не е театар!“ Марија Лепениоти, судијката што претседаваше, се обидуваше да ја смири јавноста во судницата. Односно, посетителите што одговараа со гласен аплауз и со извици на одобрување на изјавите на еден од сведоците. Се сеќавам конкретно на ова бидејќи сите овие години, седејќи меѓу новинарите и слушајќи ги двајцата обвинители, полицајци, форензичари, сведоци, судии и адвокати, ова беше токму она што се прашував: „Дали добро слушам? Дали гледам театарска претстава?“
Во текот на овој период, околу осум редовни локални новинари го набљудуваа судењето, а меѓу нив многу ретко и една новинарка од јавниот радиодифузер ЕРТ и некој од Атинско-македонската новинска агенција (АМНА). Па така, и покрај тоа што судењето беше отворено, грчкото општество имаше ограничен увид во случувањата во судницата. Згора на тоа, сложеноста на процесот, траењето и политичките, економските и социјалните проблеми во Грција ја засенија историската важност на ова судење. Токму затоа привлече мал интерес.
Иако судењето беше добро режирана театарска претстава, ни овозможи бесценет увид во инкриминираната документација, часовите телефонски повици, видеа, фотографии, статии, електронски пораки и, секако, сведочења од сведоци и поранешни членови на партијата.
По пресудата, публиката жедна за одмазда се впушти во спонтана еуфорија, плачеше и се прегрнуваше. Ретко кој ја испитуваше заднината на настаните: казните што судиите им ги изрекоа на обвинетите беа сосема минимални, само половина од 69 пратеници ќе одат во затвор, а лидерот на партијата најверојатно ќе излезе од затвор до следните парламентарни избори во 2023 година. Истовремено, 7 од 18 пратеници беа обвинети за водење криминална организација, додека останатите (11) беа обвинети само за членство – всушност, денес само 11 се во затвор. Меѓу другите, долгогодишната сопруга на Михалолијакос, „грчката Ева Браун“, Елени Зарулија, избегна затворска казна, како и вториот член по хиерархија, Христос Папас, кој се реши да избега, па сега властите го бараат, дури и преку Интерпол. Најстрогите казни не им беа доделени на оние што беа на врвот на партијата, кои ги воделе и организирале криминалните дела, туку на другите, на „ситните играчи“.
Иако судењето беше добро режирана театарска претстава, ни овозможи бесценет увид во инкриминираната документација, часовите телефонски повици, видеа, фотографии, статии, електронски пораки и, секако, сведочења од сведоци и поранешни членови на партијата.
Терористичка организација
Речиси шест години им се судеше на приврзаниците на Златна зора за убиства, обиди за убиства, насилни напади, палење, поседување и водство и членство во криминална организација и тоа според член 187 од Кривичниот законик.
Неколку години членовите и приврзаниците поттикнуваа терор низ цела урбана и рурална Грција. Организираа напади врз мигранти и политички противници (членови на левичарските партии и анархистите). Порано властите го игнорираа нивното малтретирање (цели 40 години, сè до 2015 година, власта во Грција ја држеа исклучиво две партии: Нова демократија и Пасок).
„Една летна вечер во 2011 година, со групата тргнавме да лепиме постери за фестивалот што го организиравме и што требаше да се отвори. Наеднаш се појави група нацисти, нè претепа и побегна“, ми рече еден член на „Неделното училиште за мигранти“ (KAR) при еден од нашите разговори. За време на судењето, тој го препозна водачот на напаѓачите – имено, станува збор за сега веќе затворениот Гиоргос Цаканикас, инаку атински кикбоксер.
Правното гонење на членовите на Златна зора не започна сè до септември 2013 година, кога нивни член го избоде до смрт грчкиот рапер Павлос Фисас. Во меѓувреме, друго убиство се случи во јануари истата година; сторителите беа приврзаници на Златна зора, кои го прободеа и го убија пакистанскиот мигрант Шехзад Лукман. Властите не одговорија на ова.
Неколку години полицијата собираше информации, следеше и ретко интервенираше во случаите на околу сто насилни напади, кои директно инволвираа членови на Златна зора уште од 2010 година. Обвинителството реагираше само во околу десет случаи. Во меѓувреме, ова беа тактиките на Златна зора: „Дури и да гласаат за нас, тоа не ги прави наши членови. Ние не сме поврзани со нападите.“ Уличниот терор продолжи непречено.
Грчкото законодавство јасно вели што е терористичка организација. Според член 187А од Кривичниот законик:
„Казна затвор од 10 до 20 години ќе се изрече за секое лице што извршило кривично дело, кое претставува закана за јавниот ред и мир, намерно го заплашува населението, ги оштетува и уништува основните уставни, политички или економски структури на државата.“ Законот приложува список на кривични дела, меѓу кои се набројуваат „убиство, обид за убиство, насилен напад, нанесување тешки телесни повреди и слично.“
Во Грција, општо гледано, левичарското милје генерира теорија дека во 2013 година, обвинителството намерно го избрало членот 187 за да им се суди на обвинетите како криминална организација. Тоа не може да се докаже бидејќи за време на долгото судење, клучниот пресврт на настаните се случи во јуни 2019 година – со амандманите на Кривичниот законик. Тие беа предложени и усвоени во парламентот од страна на левичарската партија Сириза. Ова имаше клучно влијание врз ублажувањето на казните за грчките нацисти во октомври 2020 година; сепак, не може на ова да се гледа како на нивна намера (заднината на предлог-законот за измени и дополнувања на законот беше хаосот што предизвика долгорочна злоупотреба и погрешно толкување на Член 187 – криминална организација). Политички гледано, Сириза немаше никаква корист во ублажувањето на казните на членовите на Златна зора. Ако во 2013 година, кога се пишуваше обвинението, обвинителството ги имаше на располагање предложените казни од 10 до 20 години затвор за водство и членство на криминална организација, казните сега значително се намалија.
Канцеларијата на грчкиот јавен обвинител помина неколку години гонејќи анархистички групи според член 187А (Терористичка организација); и покрај фактот што анархистичките групи (Револуционерна борба [Revolutionary Struggle], Заговор на огнени јадра [Conspiracy of Fire Nuclei] и сл.), во своите бомбардирања на исклучиво владини објекти никогаш не убиле никого.
Дел од политичката дебата или дискусиите на социјалните мрежи од двете страни исто така се состојат од различни теории на заговор за тоа зошто обвинителството веднаш не го искористило членот 187А и зошто намерно се одложувало судењето за да може да ја донесе пресудата со ублажени казни.
Фактот останува: бидејќи судењето беше продолжено и по јуни 2019 година, на грчките екстремисти им се судеше во согласност со новиот закон во октомври 2020 година и нивните казни беа значително намалени (5-10 за членство, 10-15 за водство на криминална организација).
Нацистичка партија
На грчки јазик, Златна зора почесто ги нарекуваат „фашисти“ (οι φασίστες) отколку „нацисти“ (οι ναζιστές). Во јавноста, партијата Златна зора жестоко негира дека е нацистичка партија; сепак, нејзиниот лидер Никос Михалолијакос во 2012 година призна: „Ние сме семето на страната што беше поразена во 1945 година. Националисти, национал-социјалисти, фашисти!“ Но, подоцна, во друго видео, тој изјави: „Да, ние сме нацисти, но не сме предавници на нацијата.“
Затоа, кога Михалолијакос се идентификува како „фашист“, употребата на овој термин не е буквална. Тој и самиот е многу свесен дека ја основа Златна зора во 1985 година врз основа на идеолошките принципи на Хитлеровиот национал-социјализам.
„На пример, Златна зора не ја следи идеологијата на италијанскиот фашистички водач Мусолини, туку строго нацизмот на Хитлер и неговата политичка доктрина на национал-социјализмот. Оттука, Златна зора не е фашистичка, туку нацистичка партија“, објаснува истражувачкиот новинар Димитрис Псарас, кој три децении известуваше за Златна зора и исто така сведочеше против неа на судењето.
Иако Златна зора е екстремно антисемитска партија, се има прилагодено на сегашните услови, па затоа се „ажурира“ и стана исламофобична и расистичка, покрај антисемитска.
Судењето како судски процес фрли исклучително прецизно и јасно светло врз темните простории каде што оперираат грчките нацисти. Повеќе нема тајни.
Златна зора следеше строг „Фирер-принцип“. Нејзиниот основач и лидер Михалолијакос е на самиот врв на нејзината добро структурирана хиерархија, зад него се пратениците, под нив водачите на локалните единици, потоа неколку други лица, како што се обучувачи на паравоени единици, раководители на оддели за безбедност, раководители на канцеларии, раководители на кафетерии итн., потоа членови, па приврзаници и на дното – гласачите. „Ништо не се случува без одобрение на Михалолијакос“, коментира Псарас.
Иако Златна зора е екстремно антисемитска партија, се има прилагодено на сегашните услови (само шест илјади Евреи живеат во Грција), па затоа се „ажурира“ и стана исламофобична и расистичка, покрај антисемитска.
За да ги прифати јавноста, грчките нацисти се одѕиваат на термините „патриоти“, „спартански војници“, „националисти“, „жестоки патриоти“. Понатаму, тие навлегоа во историските книги и заради големата препознатливост, го извлекоа Метаксас (грчки диктатор во периодот од 1936–41), грчки антички филозофи, и бараа истомисленици меѓу светците на грчката православна црква.
За време на судењето откривме дека ова се само нивни познати изрази за да создадат јавна слика.
„Ма, ајде, Метаксас и Аристотел? Ви се молам. Гебелс, Хес и Хитлер беа единствените што Златна зора ги следеше“, сведочеше адвокатот, скинхед и некогаш истакнат член на Златна зора, Илијас Ставрос, додавајќи: „Ако Златна зора не беше национал-социјалистичка партија, никогаш немаше да ѝ се придружам“. Ставрос беше само еден од многуте поранешни членови на Златна зора што сведочеа против партијата на судењето, со што избегна затворска казна.
Меѓу другото, поранешните членови споменуваат дека на собирите на Златна зора се слушале германски воени песни од 1930-тите, како што е „Ерика“, кои тогаш биле постојан дел од имиџот на Третиот рајх на Хитлер. Полицајците пронајдоа портрети и дела од Хитлер и Рудолф Хес во канцелариите и на тврдиот диск на Михалолијакос, членовите редовно биле гледани со нацистички симболи (знамиња со свастики, СС, Вермахт) и го користеле нацистичкиот поздрав „Зиг Хајл!“
Покрај тоа, Златна зора спроведувала семинари со сопствено толкување на историјата во своите простории. Тие главно го покривале периодот на нацистичка Германија, негирање на холокаустот, учења за опасноста од ционизмот и „инвазијата“ на мигрантите итн. Истовремено, Златна зора печатела свои книги, весник, брошури, постери, итн. Исто така, се обидувале да ја спроведат својата пропаганда преку музика (блек метал) и вежбање боречки вештини (крав мага, кикбокс).
Интересен е и нивниот поглед кон жените. Во еден од телефонските разговори што ги слушнавме од документацијата на обвинителството, Сотирис Девелекос, долгогодишен член на Златна зора, рече: „Јас сум национал-социјалист и за мене е неприфатливо една жена да ми наредува и да ја слушам. Жените ни се за ебење, не ги сакаме за ништо друго.“
Целта на раководството на Златна зора било да се изгради мини-нацистички проект и со употреба на идеолошка структура да се пробијат сите пори во животот на поединците. Така, нацизмот повеќе не е едноставно политичко убедување, туку станува начин на живот.
Протест пред зградата на Парламентот; фотографија: К. Геронитис
Паравоени единици
Меѓу најорганизираните структури во рамките на Златна зора биле таканаречените паравоени единици (τα τάγματα εφόδου), варијанти на нацистичките „Штурмабтајлунг“. Тие биле обучени групи на мажи, кои според десетици сведоци носеле „воени панталони и црни маици со знаци на Златна зора“. Исто така, честопати можевме да ги видиме како носат шлемови, штитови и знамиња на зајакнати дрвени стапови, кои можат брзо да се претворат во оружје за насилни конфронтации.
„Момци во црно, душата на Златна зора“, така ги нарече Михалолијакос, кој е многу горд на нив. Во прологот на книгата „Момци во црно“, тој ги опиша вака: „Отсекогаш сме живееле меѓу вас. Некои од вас не нè сфаќаа сериозно, некои од вас седеа удобно во вашиот буржоаски сон. Дојде нашето време. Ние не сме мирни птици на мирни времиња, туку птици на бура и грмотевици. И бурата дојде, а со неа дојдовме и ние, ‚момците во црно‘“.
За обуката на овие единици се понудија особено вештите членови од светот на боречките вештини. За своите јавни настапи, Златна зора избра мажи со добар физички изглед, како на пример на годишнината од убиствата на нацистичките соработници во градот Мелигалас на полуостровот Пелопонез во 2013 година.
Тактиката се смени кога се изгасија светлата. „Повеќето се случува кога ќе падне мрак“, изјави Михалолијакос во еден од своите говори. Потоа, повеќе не се применуваат правила, се појавуваат дури и обучени атентатори и ладно оружје. Таква група го пресретнала и го убила антифашистичкиот хип-хопер Павлос Фисас во септември 2013 година.
Паравоените групи на Златна зора имаа неверојатен психолошки ефект врз поединците. Подготовките за надворешниот изглед, прецизно избраната воена униформа и психолошкото зајакнување родија посебно чувство на припадност и самодоверба.
„Маршираа како воена единица. Тешко ми е да замислам дека случајна група мажи што претходно не биле обучени може така да се собере“, изјави еден од сведоците на судењето.
Се вели дека спортските сали во Грција во кои може да тренирате кикбокс или израелската боречка вештина крав мага се полни со нацисти или полицајци. Ова никако не е случајно и тешко е да се замисли толку мала политичка партија да успее толку добро да обучи толкав број паравоени единици. Сепак, на судењето дознавме дека нацистите се собирале и во летни кампови, каде што учеле боречки вештини и преживување во природа.
Паравоените групи на Златна зора имаа неверојатен психолошки ефект врз поединците. Подготовките за надворешниот изглед, прецизно избраната воена униформа и психолошкото зајакнување родија посебно чувство на припадност и самодоверба. Се чини дека тоа му овозможило на раководството на Златна зора да ги таргетира младите мажи на возраст помеѓу 18 и 38 години, кои биле разочарани од грчката економска и социјална криза. Обуката им помогнала да изградат нов идентитет преку зајакнатото чувство на колективна припадност, за потоа да станат „спартански војници“.
Членството во Златна зора и нејзината паравоена единица им дало чувство на важност. Наеднаш, тие се трансформирале од никој и ништо во некој што има значење; им аплаудирале, им честитале, жените ги почитувале.
Графити кај Политехничкиот универзитет во Атина, кои го величаат животот на убиениот Павлос Фисас; фотографија: Nagarjun
Мафијашка банда
Паралелниот свет на нацистите од Златна зора се одвивал во подземјето на Атина и на Пиреј. Телефонските повици откриваат дека членовите на Златна зора учествувале во низа трансакции од организирани криминални банди. Овој дел од двојниот живот на Златна зора беше речиси целосно игнориран за време на судењето бидејќи, всушност, изискува подготовка на нова кривична истрага и целосно ново обвинение.
Меѓу другото, тие „продаваа безбедност“ во согласност со системот: платете ни, во спротивно ние ќе ви го разбиеме барот. Видливиот член на Златна зора, Николас Апостолу, му ги објасни своите ноќни операции на својот пријател: „Ако некој ти пречи, јави ми се и ќе го елиминираме“.
Мафијашки бизнис, но и трговија со луѓе и проституција, вклучува и пратеници на Златна зора. Меѓу нив, главната улога ја играл Јоанис Лагос, европратеник од 2019 година, кому судот му одреди затвор од 13 години и 8 месеци. Денес, Лагос сè уште се крие во Брисел, каде ја чека седницата на парламентот на ЕУ на која треба да се утврди неговиот имунитет.
Со години, семејството Михалолијакос се збогатуваше преку разновидни нелегални бизниси; меѓу другите, пратеничката и сопругата на Михалолијакос, Зарулија, е сосопственичка на хотелот „Њу дрим“ во центарот на Атина, и ѝ должи над 36.000 евра на државата, како што пренесуваат грчките медиуми.
Не се само локалните криминални групи активни во Грција, туку и низа меѓународни, бескрупулозни во работењето. И секој месец читаме за жртвите.
Поврзаноста на Златна зора со грчкото подземје исто така се алудира и во убиството на двајца нејзини членови на 1 ноември 2013 година во Атина. Убиството е извршено со типична мафијашка формула (напаѓачите доаѓаат, пукаат со минимална врева, го палат возилото и брзо исчезнуваат во ноќта) и се вели дека е директно поврзано со познат локален криминалец, Панајотис Властос.
Братот на лидерот на Златна зора, Такис Михалолијакос, кој заедно со своите синови бранеше неколку пратеници на Златна зора и самиот „Фирер“ како бранител, со години беше поврзан со грчката мафија, меѓу другите и со Властос. Убиството на двајцата екстремисти сè уште не е официјално истражено, но според извештаите на некои грчки медиуми, најмалку две лица биле убиени, кои биле поврзани со ова убиство, а сторителите никогаш не биле пронајдени.
Инаку, грчкото подземје и поврзаноста на Златна зора со него, претставува темна област со која никој не сака да се справи, да речеме. Не се само локалните криминални групи активни во Грција, туку и низа меѓународни, бескрупулозни во работењето. И секој месец читаме за жртвите.
Продолжена рака на полициската машинерија
Долги години грчките полициски единици беа верни гласачи на Златна зора. Според податоците од 2012 година, секој втор полицаец гласал за екстремистите и, исто така, успеале да ги обезбедат гласовите на полицајците на изборите три години подоцна.
Тесните врски на Златна зора со полицајците беа документирани неколкупати: пред полицијата, паравоените единици на Златна зора нападнаа мигранти и левичари – немаше никаков одговор. Така беше и во случајот на убиството на Павлос Фисас. Единицата Диас со осум полицајци беше повикана на местото на убиството. Како што подоцна покажа видеото снимено од британската форензика, полицајците го набљудувале убиството, но ниту изреагирале ниту го уапсиле убиецот Рупакијас.
Ова го потврдија и сведоците на местото на убиството: „Девојката на Фисас истрча кон полицајците и им рече да интервенираат. Тие не се ни помрднаа“.
Најинкриминирачките докази против полицајците ги даде самиот Рупакијас, кој даде изјава во полициското комбе, откако бил уапсен од случаен полицаец што го поминал возејќи: „Јас го сторив тоа, но не кажувај никому. Јас сум еден од твоите“. Полицаецот кој конечно го уапси Рупакијас подоцна беше изложен на сериозни закани и малтретирање од страна на дел од своите колеги.
Откако ги уапсија водачите и угледните членови есента 2013 година, Министерството едноставно ги префрли „сомнителните“ полицајци на помалку видливи работни места, а уапсена беше само една полицајка.
На судењето, слушнавме бројни полицајци како го откриваат своето искуство со Златна зора. Некои целосно се дистанцираа од групата, изјавувајќи дека не знаат ни што е Златна зора. Други разговарале телефонски со членови на Златна зора, информирајќи ги колку левичарски поддржувачи се собирале на протестите, од која страна можеле да ги нападнат итн. Судиите целосно ги игнорираа доказите во врска со тоа.
Засега, изобилството докази за вмешаноста на полицијата во насилните чинови на Златна зора не го доведоа обвинителството до степен да преземе судски дејства. Откако лидерите и видливите членови беа уапсени есента 2013 година, Министерството едноставно ги префрли „сомнителните“ полицајци на помалку видливи работни места, а уапсена беше само една полицајка, Венети Попори.
Полицајката, која сега има 49 години, ги известила партиските лидери дека полицајците ќе извршат рација во просториите на Златна зора, за да можат членовите брзо да се ослободат од инкриминирачките докази. Во нејзиниот дом, кој служел како еден вид магацин, полицијата пронашла колекција ножеви, револвери, пиштоли, електричен парализатор, железни шипки и членска книшка од Златна зора. Полицајката е осудена на седум години затвор за членство во криминална организација.
Медиумско известување
Во своите златни години, од 2008 до 2013, повеќето приватни ТВ-радиодифузери ги претставуваа пратениците на Златна зора како „лоши момци од улица“. Па така, медиумите имаа фатално влијание врз нормализацијата на членовите на Златна зора во грчкото општество и удел во нивната висока поддршка.
„Ве побаравме и ве поканивме за да ве запознаеме подобро“, рече Никос Вагелатос во воведот на едно од ТВ-интервјуата на приватниот ТВ-канал СКАИ, каде што беше домаќин на скинхедите Илијас Панагиотарис и Илијас Касидијарис. Екстремистите честопати гостуваа на многу популарните ТВ-канали Стар, Мега, Алфа и Антена. „Ова е млад човек од нашата генерација“, објави утринската програма „Стар“.
Со години, повеќето популарни медиуми не ги истражуваа насилните напади во кои беа вмешани членовите на Златна зора, иако тоа може значително да ги расветли нивните насилни практики.
Касидијарис отсекогаш се сметал за исклучително популарен член на Златна зора. Медиумите го претставуваа како „плејбој“, публиката сакаше да знае со кого излегува и колку часови дневно тренира. Покрај тоа, на последните парламентарни избори, Касидијарис доби повеќе гласови од лидерот на партијата, Михалолијакос, што се должи на неговата голема популарност меѓу Грците. Тој е и елоквентен говорник, го сфаќа своето влијание врз младата генерација, како и врз женскиот дел од публиката. Во заднина, тој е крајно опасен нацист, кој ги обучуваше паравоените групи на Златна зора за насилни напади на улиците. Самиот тој е поврзан со низа насилни инциденти, а меѓу другото и со физичкиот напад на телевизија каде што удри членка на Комунистичката партија.
Повеќето од популарните медиуми со години не ги истражуваа насилните напади во кои беа вмешани членови на Златна зора, иако тоа може значително да ги расветли нивните насилни практики. Честопати и ги гледавме грчките медиуми како резимираа странски извештаи бидејќи немаа свои.
Активната медиумска кампања против Златна зора започна кога пратениците и некои видливи членови веќе беа уапсени, по смртта на Фисас во октомври 2013 година. Пристапот до главните медиуми беше сè повеќе затворен за раководството на Златна зора. Сепак, кога во октомври годинава беа осудени како криминална организација, против нив беше започнат медиумски линч како никогаш дотогаш.
Десна рака на властите
Додека медиумите се грижеа за префинетиот јавен имиџ на Златна зора, а полицијата за нивната недопирливост, сите конци на овој куклен театар всушност беа влечени од најголемата и највлијателната партија во земјата: имено, Нова демократија.
Откако влегоа во парламентот во 2012 година, поддршката за Златна зора започна да расте и фатално да добива база на моќ – гласачите на Нова демократија. Никој не го очекуваше ова. Лидерите на Нова демократија сфатиле дека нешто треба да се стори.
„Би сакал да им се обратам на другарите, иако сега се во Златна зора, да гласаат за нас“, ги поттикнуваше идеологот и основачот на Нова демократија, Константинос Мицотакис.
Ако внимателно го разгледаме политичкото минато на некои членови на Нова демократија, можеме да видиме дека годините за кои станува збор се мрачни и полни со десничарски екстремизам.
Меѓу тие членови, познати се: сегашниот министер за надворешни работи, Никос Дендиас; министерот за земјоделство, Макис Воридис; министерот за развој, Адонис Георгиадис и поранешниот премиер, Адонис Самарас. Сите се исклучително влијателни членови на партијата, кои со децении ги окупираат пратеничките и министерските места.
Партиските собири на Нова демократија понекогаш застрашувачки наликуваат на воени поворки и обожување на култот на личноста. Сепак, лидерите на Нова демократија се снаодливи, образовани и политички вешти. Тие се појавуваат средени во јавноста, редовно одат во црква, сакаат да ги покажуваат своите семејства, партнери и деца. Тие се свесни дека јавниот имиџ значи сè.
Најголемите непријатели на Златна зора не се левичарите, со кои понекогаш се борат на улиците, туку конзервативната Нова демократија.
„Тие сакаа да ве спречат затоа што им ги земавте гласачите. Главната улога во тие потфати ја играше Дендиас“, Такис Балтакос, поранешната десна рака на премиерот Самарас, му призна на Касидијарис во една тајна снимка половина година по апсењето на видливите членови во април 2014 година.
Затоа, најголемите непријатели на Златна зора не се левичарите, со кои понекогаш се борат на улиците, туку конзервативната Нова демократија.
Денес водечката партија Нова демократија го смени начинот на јавна комуникација и го узурпира судскиот процес за своја промоција. „Владата на Нова демократија е одговорна што ја доведе Златна зора до суд и за време на нашата влада судството ја заврши својата задача да ги прати криминалците во затвор“, премиерот Киријакос Мицотакис го пофали нивниот успех.
Нова демократија веќе немаше потреба од Златна зора, па затоа ја истурка од политичката сцена.
Златна зора не е криминална организација
Токму затоа, Златна зора не е едноставно криминална организација, туку конструкција на добро организирани нацисти, криминалци и опортунисти кои го искористија погодниот момент за да се издигнат политички за време на економската и социјалната криза. Златна зора е идентитет, начин на живот и алатка за добростоечки, влијателни носители на авторитет.
Сложеноста на нејзиниот подем и нејзиното работење укажуваат на тоа дека тие се само уште една екстремистичка политичка формација, какви што постоеле во минатото и секогаш ќе бидат присутни во иднина, во нова форма, како политички чинители.
Токму затоа, октомвриската судска одлука не е само епилог на една правна битка:
„Златна зора беше обвинета дека е криминална организација!“ еден глас им кажа на неколкуте илјади луѓе што се собраа пред Апелациониот суд во Атина. Централната авенија во Александрас се стресе. Луѓето почнаа да се гушкаат и да врескаат. Солзи радосници, смеа и олеснување се ширеа меѓу толпата. Се пишуваше историја: никогаш порано Грција не етикетирала такви радикални десничарски екстремисти со таква ознака – криминална организација. Толпата наивно веруваше дека овој пат импликациите ќе бидат фатални.
Во судницата, Магда Фисас, мајката на убиениот хип-хопер, ги крена рацете високо во воздухот, извикувајќи:
„Успеа, Павлос! Успеа!“ Луѓето ја гушкаа, споделувајќи ја нејзината радост.
Павлос не ја слушна.
Текстот е преведен од англиски на македонски јазик од страна на Роберт Раман и се објавува со писмена дозвола од страна на авторката и сопственикот на правата-Disenz.net. Истиот е оригинално објавен и достапен на англиски на следниот линк: https://www.disenz.net/en/
This text has been translated from English into Macedonian by Robert Raman and it is published with the written permission of the author and Disenz.net. It is originally published and available in English at: https://www.disenz.net/en/