Студентите и прекаријатот
март 20, 2020
Голем број на студенти во Македонија живеат и функционираат како прекарни работници. Прекаријатот е форма на експлоатација со своевидни последици врз економскиот, социјалниот, психичкиот и професионалниот живот на работниците. Обично прекарните работници се луѓе што живеат во постојана несигурност, опишани со добро познатата терминологија, луѓе кои се во работен однос, а за возврат не го добиваат „пакетот“ кој им следува со Законот за работните односи. Станува збор за пензиското и здравственото осигурување, но тука влегуваат и други елементи како договор за вработување и правата кои ги носи договорот за вработување, годишен одмор, К-15, платено боледување, породилно отсуство, синдикално организирање и слично. Овој проблем спорадично е обработуван, па амбициите на оваа колумна се да го врати овој феномен во фокус и да поттикне понатамошни истражувања и анализи во насока на откривање што е можно позначајни перспективи за решавање на оваа појава.
Колку невработеноста кај младите имплицира форми на прекарен работен однос?
Последните години, невработеноста во државава е во опаѓање, а со тоа и невработеноста кај младите до 25 години. Според извештајот од Државниот Завод за статистика стапката на невработеност на младите до 25 години во 2018 била 44 отсто, додека пак во 2019 паднала на 35 отсто. Тоа е слика на подобрена положба на работниците, но и на невработените во однос на работодавачите во преговарачкиот процес. Таа слика ги зголемува почетните диспозиции на работниците, а со тоа и подоцнежните бенефиции на работниците на индивидуален и колективен план. Намалувањето на стапката на невработени во државава предизвикува раст на нивото на сигурност кај вработените и намалување на редицата „резерви“ кои чекаат замена дури и во последните минути од натпреварот и борба кон дното.
Покрај тоа што невработеноста е во пад кај младите, сепак голем дел од нив се припадници во групата со прекарен статус. Всушност, според карактеристиките и дефинициите на тоа што значи оваа појава според теоретичарите, младите, а со тоа и студентите, се потенцијалната група која е најзатечена со овој статус. Според истражувањето на Еуростат, во 2018 година Северна Македонија имала доста висока стапка на прекарни работници и таа се движи приближно како и во другите држави од поранешна Југославија, вклучувајќи ја тука и Турција. Многу од младите во државата работат со авторски или со договор на дело. Постојат и такви работни односи коишто се втемелени на устен договор, кој ниту една страна нема никаква правна и материјална обврска да го почитува. Овие работни односи се незабележливи од страна на инстанците на државната контрола, кои и онака се тромави и индолентни.
Прекарните работници според родот во Европа во 2018 година (Извор: Еуростат)
Во 2011 година, економистот и (тогашен) професор на Универзитетот во Бат, а сега на Школата за ориентални и африкански студии (СОАС) Гај Стендиг го објави своето проминентно дело од областа на економијата, Прекаријатот: Новата опасна класа. Според него неолибералните политики произведуваат голем број на работници кој постојано расте, а сите тие делат доволно заеднички искуства кои ги внесува во една класа на настанување, иако притоа истите можат да доаѓаат од различни општествени и професионални слоеви. Тоа се луѓето без високо образование, но и оние кои доаѓаат од работничкото дно, без посебни квалификации, на кои физичката работа им е првиот и последниот адут во конкурентноста на пазарот на труд, често работат без никакви институционални и законски обезбедени привилегии. Во оваа серија на наброени категории на работници влегуваат и младите, односно студентите. Една од најзначајните одлики на овој вид работен однос е анксиозноста и депресијата. Истражувањето на оваа тема извршено врз т.н. генерација Y или милениалите, доаѓа до значајни разлики во однос на статусот на вработување. Имено, 48 отсто од милениалите кои се во нестабилен работен однос изјавиле дека се често депресивни и анксиозни поради работните услови и статусот на вработување. За разлика од нив, 11 отсто изјавиле дека се сигурни поради сигурниот работен однос.
Доколку почне човек да пребарува на интернет за прекаријатот кај младите и кај студентите во државава, тешко дека ќе пронајде некакви темелни емпириски и стастистички или квалитативни анализи и информации. Оваа тема е периферно обработувана и само нафрлувана во различни насоки поврзани со трудовото право или трудовата проблематика. Тлото останува непокриено и неистражено. Не постои ниту една анкета или фокус група со млади студенти коишто паралелно студираат и работат и ниту едно истражување коешто ги опфаќа судбините и животите на овие луѓе во нашата држава.
На кој начин прекаријатот е присутен кај студентите и младите во Северна Македонија?
Тоа што претставува сериозен елемент во прекарниот состав на работниот однос на студентите е моментот на попречување на професионалниот развој кај нив. Многу студенти работат во угостителскиот сектор, конкретно разно-разни кафетерии. Мотивите за ваквиот ангажман се често скудните социјални услови на живеење, а исто така и географската положба од каде што доаѓаат студентите. Често на ваков тип на работа се одлучуваат оние кои доаѓаат од „внатрешноста“ на државата. Овој вид работа им одзема доста слободно време, време што би го вложиле во студирање и навремено завршување на студиите. Од друга страна, компензацијата за времето вложено во работа од овој вид е често многу мала, краткотрајна и незабележителна. Платите/дневниците во овој сектор се движат на граница на минималниот доход.
Друга група на студенти кои се принудени да заработуваат додека студираат се тие кои работат на е-платформите (Freelancer и Upwork), а кои носат некакви квалификации. Тие се лишени не само од бенефициите кои им ги ускратува работата во неформалната економија, а кои беа претходно споменати, туку и препреките кои карактерот на работата им ги импонира. Станува збор за основните елементи на сигурност и синдикално здружување, а со тоа и учество во социјалниот дијалог и унапредување на статусот на овие работници. Тоа се работници на кои економската и социјална положба согласно примањата не им вегетира на дното, меѓутоа често работат прекумерни часови работа и претрпуваат облици на културно исклучување.
Тоа што им е заедничко на гореспоменатите категории е тоа што и двете не унапредуваат во нивната професионална определба, консолидирајќи си ги студиите и влегувајќи во работна професионална пракса. Често можат да се забележат и деклинации од првобитната професионална определба. Студенти кои се запишани на една студиска програма, паралелно работат сосема нешто друго. Тоа има и носечки карактер во односот на изградба на вештини и со тоа прилагодување на таквиот тип (за)работ(к)а.
Се чини еден од најпроблематичните елементи од овој вид на работен однос е учеството во колективните текови на подобрување на статусот на колегите и солидарна борба. Тоа учество подразбира организирани синдикални и работнички кружоци, организации и развивање на свеста за проблемите и потребите на овој вид работници во заедницата. Борбата за преживување ја откинува и социо-политичката супстанција кај овој вид работници, а со тоа истите стануваат летаргични, апатични, незаинтересирани и млаки во однос на очекувањата од сопствениот живот и потенцијалните развитоци.
Една од излезните позиции во овој поглед е јадрото на универзитетот и неговата потреба од нов бран млади работници. Истражувањето на Независниот академски синдикат (НАкС) во 2019 година во 2019 година, укажува на тоа дека структурата на вработените во јавните универзитети (УКИМ и УКЛО) е загрижувачка и дека само 11 отсто професори имаат своја замена. Останатиот дел, откако ќе заминат во пензија, местата ќе останат непополнети, факултетите и институтите празни, а нивните студенти ќе се соочат со предизвикот да променат професија и одново да се квалификуваат, а притоа работејќи како „класа во настанување“ без колективни придобивки и свесност за нејзини унапредувања. Често студентите кои вршат функција на демонстратори во јавните универзитети поминуваат низ своевидна експлоатација, земајќи ги предвид екстремно ниските примања. Оттука, истражувањето адресира и потреба за зголемен буџет за високото образование и вработување на млад кадар во научните и административните структури на јавните универзитети.
Наместо заклучок – акција
Во оваа насока можат да се преземат неколку чекори кои би ги поместиле нештата од мртва точка. Треба да се работи и придонесува на оваа тема почесто и поактивно. Недостигаат истражувања и анализи, организации коишто би се занимавале со работничките права и интереси кај младите и кај студентите. Во овој момент, студентите на УКИМ имаат нов претседател на Универзитетското студентско собрание и нови раководни тела. Новото раководство може да придонесе за подигање на свеста кај студентите и создавање на организации и тела во самото раководство, што би можеле на органски и автентичен начин да станат претставници на интересите на оваа група на студенти. Едно од местата коишто би ги пополниле, а досега не биле никогаш ниту симболички застапени е токму социјалниот дијалог во кој оваа група на студенти би учествувала, придонесувала и би ја подобрувала состојбата. Оваа организација/тело би можело да ги промовира во рамки на самите Универзитети политиките на вработување и вклучување на перспективните студенти во самите структури на Универзитетите и Факултетите (администрација и наука). Во насока на претходно кажаното, влегуваат и перспективите на подобрување на студентскиот стандард, зголемување на привилегиите за студентите и студентската мобилност, можности за студентски заем, стипендии и вработување на студентите во универзитетите. Конечно, организациите коишто се занимаваат со работнички права, да го инкорпорираат овој феномен во нивните заложби и хоризонти, поактивно да го промовираат и почесто да го анализираат.