СТРУКТУРНИ ПРЕЧКИ ВО СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЕДНАКВОСТА

јули 15, 2026

АНАЛИЗА НА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА 2023-2026

Оваа анализа се надоврзува на Извештајот за спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација 2019 – 2022, подготвен од Мрежата за заштита од дискриминација.

Во извештајниот период 2023 – 2026 нема позитивни измени во законската рамка и во политиките во областа на еднаквост и недискриминацијата. Уште повеќе, се донесоа измени на Законот за основно образование со кои се уназадија одредбите за спречување и заштита од дискриминација, со цел прекин на политиките за промоција на родова еднаквост и заштита на ЛГБТИ-младите од насилство, кои беа во зародиш со законот од 2019 година.
Анализата ќе се осврне кон измените во Законот за образование, бидејќи со нив требаше да се спроведе пресудата на Европскиот суд за човекови права за десегрегација на образованието во однос на учениците Роми, додека процесот за спроведување на пресудата се употреби за промоција на барањата на антиродовите движења и за враќање на ретроградни политики во однос на заштитата од насилство.

Клучна област за која граѓанските организации континуирано реагираат се постапките за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, кои воглавно резултираат со избор на членови назначени по партиски клуч, кои не ги исполнуваат законските критериуми. Оттука, оваа анализа во најголема мера ќе се осврне кон изборот и именувањето на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Анализата е подготвена во рамки на проектот ‚‚Еднаквост сега – зајакнување на маргинализираните заедници за социјална инклузија и недискриминација“ поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас имплементиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права, ХОПС- Опции за здрав живот и Коалиција МАРГИНИ, чија цел е да придонесе за подобрување на пристапот до правда и за зајакнување на механизмите за заштита од
дискриминација за најранливите групи во општеството.