Полиција приведува за прекршување на мерки, а не се придржува кон дел од нив

април 21, 2020

Приведувањето на момчето кое со шетање на куче во скопската населба Кисела Вода го прекрши „полицискиот час“ се искачи на врвот на листата на вести што го одбележаа последниот ден од, временски, најдолгиот карантин во Македонија. Настанот беше овековечен со аматерско видео во приватна продукција од прозорец или тераса од соседните станбени објекти и предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи. Дел од ставовите беа во насока дека треба да се „прогледа низ прсти“ на сторителот на прекршокот, но најголем дел се однесуваа на бројноста на полициските службеници при „обезбедување на пленот“ и за видливото нивно непочитување на мерките за заштита од ширење на ковид-19 (носење ракавици и маски).

Во текот на вчерашната вечер се огласи министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кој преку својот Фејсбук налог најави внатрешна контрола за утврдување на законитоста при постапувањето на полициските службеници.

„Во текот на денот, на социјалната мрежа Фејсбук, се споделуваше видео на кое се забележуваат неколку полициски службеници кои преземаат мерки за лишување од слобода на лице кое е затекнато надвор од својот дом со својот миленик за време на ограничувањето на движењето на граѓаните. Во таа насока би сакал да ја информирам јавноста дека од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди конкретниот случај е евидентиран и се преземаат мерки за утврдување на законитоста на постапувањето на полициските службеници, a за исходот од проверките во текот на утрешниот ден дополнително ќе биде известена јавноста“, напиша министерот Чулев.

Тој нагласи дека Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди и во иднина ќе презема мерки за соодветно расчистување на сите случаи во кои постои сомневање дека постапувањето на полициските службеници е спротивно на законот.

Петровска: Ако казнуваме за непочитување на мерки, како тоа ние да ги прекршуваме?

Со реакција за случајот се јави и дополнителната министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска која искажа несогласување со начинот на кој постапиле полициските службеници.

„Во врска со објавеното видео на кое е прикажано приведување на момче со домашно милениче заради прекршување на полицискиот час, го искажувам своето несогласување со начинот на кој постапиле полициските службеници. Воедно очекувам и соодветна санкција за нивното непочитување на мерките и неносење на заштитни маски и ракавици. Ако казнуваме за неспроведување на мерките, како тоа ние први да ги прекршуваме?“, напиша Петровска.

Пировска: Одговорност за однесувањето на полициските службеници за непочитување на мерките за заштита од ковид-19 

За употребата на несразмерна и непропорционална сила во случајот се огласи и Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија, која побара одговорност од полициските службеници за непочитување на мерките за заштита од ковид-19.

„Токму поради ваквото постапување на полицијата се стравуваше при носење на мерките за заштита од ковид-19. Не ми е јасно како тоа не важат мерките за заштита за полициските службеници. Маски, физичка дистанца? – Полициските службеници треба да бидат идентификувани, а од снимката многу лесно може тоа да се стори и да биде покрената постапка од страна на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Министерот Чулев најави дека случајот ќе го разгледува Секторот за внатрешна контрола, но каде е неговата контрола како технички министер од аспект на однесувањето на полициските службеници и почитувањето на препораките за заштита од вирусот? – Не го изнесува својот став, само известува дека ќе се постапува од страна на СВКПС? – Тој е портпарол на МВР? – Кога веќе видовме како полициските службеници на терен ги „почитуваат“ препораките, не е лошо да нè извести и за бројот на заболени полициски службеници и за бројот на оние кои се во изолација“, напиша Пировска во два одвоени поста на Фејсбук.

„Анима мунди“: Демонстрација на сила и изживување врз тинејџер и неговиот миленик

И Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ се огласи по вчерашниот настан и приведување на момчето кое за време на „полициски час“ излегло да го прошета кучето.

„Ние во ова гледаме демонстрирање сила и изживување врз тинејџер и неговиот миленик за што бараме итно идентификување на службените лица и нивно казнување. Во време кога луѓе по улици протестираат или ора играат и поминуваат неказнето, вака ли изгледа професионалноста на нашата полиција и сразмерната примена на мерки согласно полициските ингеренции во време на вонредна состојба“, наведува „Анима мунди“ во реакцијата.

За исходот на случајот се очекува јавноста да биде запозната во текот на денешниот ден.