април 21, 2020

„Остани дома“ не е безбедно за сите

Семејното насилство може да порасне за време на коронавирусот, оти поради мерките е ограничено движењето на луѓето и жртвите мора да седат дома со насилникот. Засега нема официјални бројки дали има зголемен број пријави, но се очекува бројот на пријавени случаи драстично да се зголеми по завршувањето на мерките.

Пет жени пријавиле во полицијата дека се жртви на насилство од нивниот сегашен или поранешен партнер, покажуваа полициските билтени за овој месец. Едната од нив пријавила дека и ќерка и е жртва на физички напад на нејзиниот сопруг. За време на првиот викенд-карантин поради мерките против коронавирусот, син уби татко. Во полициските билтени се регистрирани и неколку групни семејни тепачки, а во дел од нив е користено и оружје. Потоа син нападнал мајка поради нарасчистени имотно-правни односи, свекор со нож и се заканувал на снаата, се степале двајца браќа, може да се прочита во полициските билтени.

Семејното насилство може да порасне, предупредија меѓународните организации кои се занимаваат со правата на луѓето, откако поради коронавирусот властите во светот преземаа мерки со кои се ограничува движењето на луѓето.

Од МВР не добивме податоци за тоа дали во овој период откако се воведени рестриктивните мерки има зголемен број пријави за семејно насилство.

Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство – Глас против насилство не очекуваат бројот на пријави да се зголеми во овој период, бидејќи, како што велат, жртвите не се во можност да пријават.

„Пристапот до институциите е намален, повеќето од нив работат од дома или само на телефон. Контактот со пријателите и соработниците е намален и жената е постојано во присуство на насилникот, токму поради мерките, полицискиот час и слично. Oчекуваме бројот на пријавени случаи драстично да се зголеми по завршувањето на мерките“, велат од Националната мрежа – Глас против насилство.

По нивна иницијатива власта направи исклучок и не се санкционираат жени и нивните деца кои го напуштаат домот за време на полициски час поради закана и директен ризик од насилство. Доколку некој се соочува со таков ризик, може тоа да го пријави на телефонскиот број 192 или во најблиската полициска станица без посебна дозвола.

Од Министерството за труд и социјална политика повикуваа случаите на семејно насилство да се пријавуваат, оти како што велат, институциите постапуваат, а сервисите за заштита и поддршка се функционални.

„Во состојби на стрес и домашна изолација насилството може дополнително да ескалира. МТСП ја зголеми достапноста на сервисите за жртвите од насилство низ земјата. Потенцијалните жртви можат да се обратат за помош во центрите за социјална работа и воспоставените сервиси и на бесплатните телефонски СОС линии 070/075/077 141 700. Никој не треба да се чувствува дека е оставен сам на себе“, соопштуваат од Министерството за труд.

Од таму велат дека институциите даваат највисок приоритет на пријавите на семејно насилство и ги преземаат сите мерки за заштита на жртвите.

Женската борба за еднаквост не е завршена

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права апелираат жртвите на семејно насилство или какво било друго насилство, да се обратат за помош до Хелсиншкиот комитет, до Министерството за труд и социјална политика и да пријават во најблиската полициска станица, за да има докази и да може случајот натаму да биде процесуиран, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Во последните години направивме ова прашање да биде повидливо во јавноста, многу поактивни сме во објавувањето на стории, во она што го работиме во врска со оваа тематика, така што многу жени се охрабрија да ги пријавуваат ваквите случаи. Инаку Македонија е земја во која има голем процент на фемициди и при нашето постапување ние утврдивме дека во најголем дел од случаите дошло до убиство, од причина што надлежните институции не постапиле по пријавите на жените, зборувам за жените оти тие се најчести жртви на семејно насилство“, вели Уранија Пировска.

Седењето дома на површина вади и други жртви на пандемијата

Социологот професор Али Пајазити од Универзитетот на југоисточна Европа вели дека долгорочното седење дома на површина ги вади проблемите во семејството кои досега се криеле зад динамичниот начин на живот. Тој вели дека на тој начин тензиите се зголемуваат, а на површина се појавуваат и други жртви на пандемијата.

„Просторот се стеснува, особено во урбаните средини и сè се одвива меѓу домашните ѕидови, каде секој метар квадратен е битен. Кога има конфликт на компетенциите внатре во семејството за тоа кој да биде главен, кој да владее, чиј збор треба да се слуша и еден од сопружниците знае да каже -но пасаран или ова не поминува, па имаме проблеми околу хигиената, околу гастрономијата, проблеми со буџетот, што да се купува, а што не, па кога на тоа ќе се додадат и децата кои се дома, не одат на училиште и кои некогаш знаат да прават и проблеми, тогаш настанува една состојба на наелектризираност која доведува до недоразбирање и насилство. Ова е еден социјален експеримент од кој мислам дека се уште не знаеме што може да се случи, може и поголема импулсивност да очекуваме ако оваа состојба продолжи“, вели тој.

Во земјите членки на ЕУ, пак, статистиката покажува дека за една третина пораснало семејното насилство откако се воведени рестрикциите, соопшти Комитетот за правата на жените на Европскиот парламент.

Од Комитетот ги повикаа земјите-членки на ЕУ и институциите на Унијата во Брисел да ја зголемат поддршката за жртвите на семејно насилство за време на кризата.

Но истражувањата покажуваат дека во Македонија иако голем дел од жените искусиле некаква форма на насилство, само мал процент од нив тоа го пријавиле.

Според истражувањето на ОБСЕ за насилство врз жените во Македонија од 2019 година, 45 проценти од жените во државата искусиле психолошко, физичко или сексуално насилство од интимен партнер, додека само 2 отсто од жртвите ги пријавуваат најсериозните инциденти во полиција. Главни причини за ова, како што се наведува во соопштението од Мисијата на ОБСЕ, се срам, финансиска зависност од партнерите, недоверба во институциите и страв од повторување на насилството, како и традиционалното верување дека семејното насилство е лична работа.


Пелагија Стојанчова

Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.