Освен право на религија, граѓаните имаат и право на здравје

април 15, 2020

Реакција на Мрежата за заштита од дискриминација по изјавата на премиерот дека Владата не може да затвора верски објекти

Привилегиите за верските заедници претставуваат дискриминација, повреда на правото на еднаквост на граѓаните и загрозување на јавното здравје! Влада на Република Северна Македонија треба да ја ограничи слободата на манифестирање религија, како дел од слободата на религија која и според Европскиот Суд за човекови права / European Court Of Human Rights (ECHR) е предмет на ограничување поради заштита на јавното здравје, согласно принципот на пропорционалност. Слободата да манифестираш религија го опфаќа и прославувањето на религиски празници во верски објекти. За разлика од слободата да ја манифестираш религијата, правото да веруваш и правото да ја промениш религијата се апсолутни и не можат да бидат предмет на ограничувања.

Освен право на религија, граѓаните имаат и право на здравје. Во услови на глобална пандемија одговорно и разумно решение е да се даде предност на здравјето. Исто како што делумно се жртвуваат правото на образование, слободата на движење, правото на приватност и други права, и слободата на религија мора делумно да се ограничи во интерес на јавното здравје!