Заедничко соопштение на ДКСК и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата

април 8, 2020

Државната комисија за спречување на корупцијата  (во натамошниот текст ДКСК) како независно тело со јасни и со Закон утврдени надлежности за свое постапување, во соработка со Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата (во натамошниот текст Платформата), во услови на пандемија на Ковид -19 и вонредна состојба, преземаат активности и го издаваат следното:

 

 

СООПШТЕНИЕ

ДКСК и Платформатa, своите активности ги насочуваат кон:

  1. Следење на содржината, транспарентноста и отчетноста во реализацијата на уредбите со сила на закон и мерките што Владата и институциите ги носат во овие вонредни услови, а особено на оние кои вклучуваат трошење на буџетски средства и, користење на донации и слично, a во насока на заштита на здравјето на граѓаните и економската состојба на земјава.
  2. Поддршка на граѓаните и институциите во пријавувањето и навременото откривање на можни недоследности и незаконитости во постапувањето на државните и локални власти, како и на поединци и субјектите во јавниот сектор.

Во оваа прилика уште еднаш, им посочуваме на службените лица и субјектите од јавниот сектор да ги почитуваат начелата на законитост, интегритет, еднаквост, јавност, етичките норми и професионалните стандарди при извршување на своите јавни овластувања и должности. Согласно овие начела службените лица:

  • не смеат да ја користат функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за извршување на дејствие што согласно законските прописи е забрането, односно не смеат да дозволат  пропуштање на дејствие кое се задолжени да го извршат;
  • не смеат да го подредат своето професионално извршување на својот личен интерес, ниту на интересот на друго лице;
  • должни се да го почитуваат јавниот интерес и да постапуваат без дискриминација или повластување на било кого;
  • не смеат да се раководат од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице.

Сакаме да истакнеме дека во услови на криза, постојат зголемени ризици од корупција, за што сведочат досегашни кризи од помали размери како во нашата, така и во други држави. Оттука, ќе се посвети внимание на јавните набавки, дистрибуцијата на државна помош и донациите, како и работата на инспекторатите. Очекуваме дека институциите ќе сторат сѐ, во внатрешните процедури кои се пишуваат врз основа на уредбите со законска сила да бидат вградени соодветни антикорупциски механизми, водејќи се од начелата на етичност, непристрасност и транспарентност. Дополнително очекуваме дека ќе се води јавна евиденција на примателите на државна помош (по различен основ) и донации, добавувачите во јавните набавки и субјектите на инспекциските проверки.