(Не)интегрирање на СЈО во обвинителскиот систем – соопштение за јавноста
март 13, 2019
Граѓанските организации Хелсиншки комитет за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Институт за човекови права, Македонско здружение на млади правници, Центар за правни истражувања и анализи, Институт за европски политики и Фондација Отворено општество – Македонија, кои се дел од Блу принт групата на организации фокусирани на следење на правосудните реформи и застапување за нивно спроведување, не се согласуваат со начинот на кој се одвива носењето на измените и дополнувањата на Законот за Јавно обвинителство (Законот). Со овој закон се уредува понатамошното постоење, функционирање и надлежност на сегашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) без да бидат анализирани значајни проблеми поврзани со работењето на СЈО, познати речиси од самиот почеток на работата на обвинителството, а не се земени и досегашните препораки од граѓанските организации и експертите. Затоа, бараме доработка на измените и дополнувањата на Законот, со фокус на одредбите кои се однесуваат на понатамошниот статус и работа на СЈО.
Како граѓански организации реагираме на нетранспарентноста на процесот во кој се подготвуваше Законот, отсуството на консултации и вклученост на граѓанските организации и стручната јавност а што дирекно влијае на создавање недоверба во понатамошното функционирање на СЈО. Гледано во целина, не беше обезбедено учество на граѓанските организации во работната група која ги подготвуваше измените на законите од кривично правната област. Дополнително, верзијата од Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за Јавното обвинителство, која беше усвоена од Владата, се разликува од верзијата на работната група, а која ни беше презентирана преку Советот за следење на реформите во правосудството. Како граѓански организации кои учествуваат во работата на Советот, сметаме дека на овој начин, непостапувајќи по препораките кои ги дава Советот, неговата улога ќе биде сфатена како декор и нема да ја врши својата главна мисија на дејствување – контрола на процесот на спроведување на Стртаегијата за реформи во правосудството 2017 – 2022 година.
Последно, но многу важно, Законот беше усвоен од Владата, без да биде објавен на ЕНЕР и истиот се носи во скратена постапка, што значи ја исклучува можноста за партиципативност на заинтересираните страни, влијае на квалитетот на Законот и придонесува во нетранспарентен процес да се креираат политиките.
Ја користиме оваа прилика да укажеме дека понуденото решение за понатамошното постоење, функционирање и надлежност на СЈО е спротивно на целите поради кои беше воопшто основано ова обвинителство, а тоа се борбата против високата корупција и организирана и системска злоупотреба на државата и државните ресурси за остварување на приватни интереси и имотна корист ( т.н. „заробена држава“). Ограничувањето на можноста т.н. „бомби“, аудио материјалите да се користат како доказ, го наметнува прашањето пред се: која е суштината на постоењето на СЈО, ако „бомбите“ не може да се користат како доказ? Ваквото решение за бомбите наметнува неколку дилеми:
-Дали може со закон да се ограничи користењето на одреден вид докази за кои домашната пракса и праксата на Европскиот суд за човекови права имаат утврдено дека целта заради која биле прибавени ваквите докази ја оправдува нивната употреба ( националните судови во предметите „Шпион“, „Бебиситерка“ и пресуди на ЕСЧП ),
-Дали законодавецот може да му наложи на судот во веќе започнатите постапки да не ги цени одредени веќе прифатени докази ( н.з. „бомбите“) и дали тоа не претставува директно мешање во независноста на судството и ограничување на принципот на слободна судиска оценка на доказите?
-Дали во суштина има преклопување на надлежностите на веќе постоечкото одделение за гонење на организиран криминал со новопредложеното обвинителство кое треба да го замени СЈО? Имено, во предложеното законско решение воопшто не е јасно прецизирано разграничувањето на надлежностите на веќе постоечкото одделение за организиран криминал и новоформираното одделение кое ќе треба да го замени СЈО. Воедно, не е прецизирано што значи „именуван функционер“?
-Дали со посточекото законско решение ќе се доведе во прашање автономијата и функционалноста на СЈО, како и оправданоста на неговото постоење од аспект на изградени капацитети, човечки и материјални ресурси, ако истото се претопи во јавното обвинителство?
Поради сите горенаведени причини, граѓанските организации бараат Владата на Република Северна Македонија, да го повлече Предлог-законот за Јавното обвинителство и да го врати до надлежното министерство, кое во партиципативен и транспарентен процес ќе го доработи Законот земајќи ги предвид препораките.
Со почит,
Хелсиншки комитет за човекови права,
Коалиција Сите за правично судење,
Институт за човекови права,
Македонско здружение на млади правници,
Центар за правни истражувања и анализи,
Институт за европски политики и
Фондација Отворено општество – Македонија