Граѓанските организации реагираат: Важните закони се носат на нетранспарентен начин и со делумна вклученост на граѓанскиот сектор
март 28, 2019
На денешната прес конференција на организациите вклучени во проектот ,,ЗА ПРАВДА – заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување’’, беа презентирани наодите од вториот мониторинг бриф за реформите во правосудството во периодот декември 2018-март 2019 година. Наодите од мониторингот се засноваат на четири параметри: транспарентност, вклученост, почитување на временската рамка и имплементација.
Делумна транспарентност и вклученост на граѓанските организации
Согласно извештајот и покрај тоа што поголемиот дел од законите се подготвувани во соработка со граѓанските организации, досега преземените мерки предвидени со Стратегијата за реформи во судството 2017-2022 и Акцискиот план, се со делумна транспарентност и вклученост. Ваквата оценка граѓанските организации ја даваат од причина што важните закони се подготвуваат и донесуваат во скратена постапка, нетранспарентно и без вклученост на граѓанските организации.
,,И покрај декларативните заложби за соработка со граѓанските организации, сепак во пракса, законите како што е Кривичниот законик и тој за јавното обвинителство, беа подготвувани без наше учество, што го сметаме за голем пропуст и тоа не говори дека има сериозна заложба да бидеме вклучени во овие важни процеси за нашата земја’’ нагласи Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот Комитет.
Предвидените рокови не се испочитувани, имплементација се уште нема
Од извештајот веднаш може да се согледа дека предвидените рокови не се испочитувани, но овие пречекорувања може до некаде да се сметаат за оправдани со оглед на другите круцијални процеси кои се случуваа во земјава во изминатиот период. Што се однесува до имплементацијата, во извештајниот период биле донесени шест нови закони или законски измени и дополнувања и тоа на Кривичниот законик, Законот за судови, Законот за управен спор, закон за прекршоци, Законот за извршување и Законот за нотаријат, за повеќето закони организациите немаат оценка за импелентација бидејќи сеуште не се објавени и не се стапени на сила. Меѓутоа, предупредувања на организациите за можните правни последици од најновите измени во Кривичниот Законик се остварија ( намалување на казните на обвинетите во случајот „Тотал“).
Дел од проблемите со СЈО навидум се решаваат, но некои се продлабочуваат
Во однос на прашањата поврзани со статусот на Специјалното јавно обвинителство, Нада Наумовска од ФООМ нагласи дека клучно прашање е дали трансформацијата на СЈО ќе даде правна разрешница за наводите за сторен криминал. Таа се осврна на Анализата за проблемите и предизвиците на СЈО, изготвена од професорот Гордан Калајџиев каде е оценето дека со понудените решенија, дел од проблемите навидум се решаваат, но некои се продлабочуваат. Оттука, трансформацијата на обвинителството се решава, но не е јасна неговата поставеност во однос на Одделението за организиран криминал, а проблематични остануваат и роковите за постапување.
Наумовска потенцираше дека главната забелешка е постапката во која се носи овој закон: ,, Кога се носеше првиот закон бевме во политичка и институционална криза. Сега не сме во таква ситуација. Ако тогаш беше оправдано, сега не е случај. Амандманите се нешто што треба да се разгледува, но законот во целост треба да е ставен на расправа на засегнатите страни и граѓанските организации’’.
Гаранцијата како мерка сè уште не е укината и покрај јасните одредби во Законот за кривична постапка
На прес конференцијата беше отворено и прашањето за двајца обвинети во случајот ,,27-ми Април’’, за кои е дадена гаранција, а по утврдената мерка притвор. Гаранцијата како мерка сè уште не е укината, иако согласно Законот за кривична постапка мерката притвор не може ( не смее) да се комбинира со другите мерки за обезбедување присуство на обвинетите. Оценето е дека овие процедурални пропусти се неприфатливи и за тоа е доставен допис до Основниот суд Скопје.
***
ЗА проектот ,,ЗА ПРАВДА -заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување’’
Проектот ,,ЗА ПРАВДА -заедничка акција за следење на судските реформи и застапување за нивно спроведување’’, со поддршка од Фондацијата Отворено општество Македонија, го спроведуваат Хелсиншкиот комитет за човекови права, Институтот за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Институтот за европска политика, Центарот за правни истражувања и анализи и Македонското здружение на млади правници.