Институциите да го истражат проблематичното однесување на директорот на ОУ ,,Лазо Ангеловски”
декември 18, 2019
Коалиција Маргини и Хелсиншкиот комитет за човекови права изразуваат загриженост заради одредени случувања, индиции и факти во однос на однесувањето на директорот на Основното училиште ,,Лазо Ангеловски” во Скопје- Перо Арсеновски. Имено, одредени состојби во училиштето (опишани подолу во хронологијата) се косат со начелата на најдобар интерес и целосен развој на ученикот, грижа за физичката безбедност и здравје, автономност, одговорност и компетентност, предвидени во чл. 4 од Законот за основно образование. Член 5 од Законот за основно образование пропишува обврска за сите вработени во основните училишта да промовираат еднаквост и правичност меѓу сите ученици, а особено активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство. Дополнително, во член 66 од истиот закон се утврдува процедурата за спречување на насилство врз учениците, а истиот член му наложува обврска на директорот на училиштето да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба и занемарување до надлежните институции, утврдени со закон. Се прашуваме како може да се очекува од директорот Арсенковски да ја исполни оваа законска должност, кога самиот тој во повеќе наврати покажал однесувања спротивни на закон.
ХРОНОЛОГИЈА НА НАСТАНИ
- Перо Арсеновски е осуден за семејно насилство во 2013 година затоа што нанел телесни повреди на својата тогашна сопруга. Во 2018 година актуелниот градоначалник на општина Аеродром, Златко Марин го поставува Перо Арсеновски за дирекор на ОУ Лазо Ангеловски во Скопје. Сметаме дека е крајно проблематично човек со историја на насилство, и тоа семејно насилство, да биде дел од образовна институција, а уште понеприфатливо да биде на врвот на таква институција.
- За Перо Арсеновски медиумите пишуваат уште од 2006 година и тоа повторно заради индиции за насилство. Имено, во тој период г. Арсеновски работел како просветен инспектор во Министерството за образование и наука. Како инспектор, постојат индиции, дека физички ја нападнал тогашната директорка на градинката Срничка- Верица Поповска. За овој случај Одделението за односи со јавност на општина Аеродром испратило соопштение за медиуми. За истиот случај известено било и Министерството за внатрешни работи. (https://vecer.mk/node/63175)
- Во септември 2019 година, социјалната работничка од ОУ Лазо Ангеловски е физички нападната од ќерката и сопругата на директорот Арсеновски, за што е известена полицијата, но и медиумите. Имено, неофицијална причина за физичкиот напад се експлицитни фотографии од социјалната работничка и директорот Арсеновски. По извршениот физички напад, во рамки на образовната институција и во работно време, Перо Арсеновски, како овластено лице, односно Директор на образовната институција, не пријавил повреда при работа до надлежните органи. По поднесен допис до Државен инспекторат за труд од страна на адвокатка, а со цел да се утврди дали е поведена постапка за повреда при работа, од надлежната институција се’ уште нема одговор.
- Во 2019 г до Коалиција Маргини се обрати анонимно родителка на дете од 1 одделение од ОУ Лазо Ангеловски. Родителката бараше советување и помош заради проблемите со кои се соочуваат децата во училиштето предизвикани од крајно проблематичното однесување на директорот. Имено, според родителката, честите скандали и непрофесионалната атмосфера во училиштето се предизвикани токму од директорот, а тоа силно влијае врз квалитетот на образованието. Коалиција Маргини поседува записник од анонимната пријава во својата архива.
- Во текот на 2018 и 2019 година, до Државниот просветен инспекторат се поднесени две претставки против директорот на ОУ Лазо Ангеловски.
- На ден 10.12.2019 уште една родителка на ученик од ОУ Лазо Ангеловски упатила писмо до градоначалникот на општина Аеродром (поднесено во општина Аеродром) со цел изразување загриженост за состојбата во училиштето предизвикана од бројните скандали, како и потенцијално влијание на ваквата состојба врз добросостојбата на учениците во училиштето.
ПОТСЕТУВАМЕ ДЕКА:
- Член 29 од Конвенцијата за правата на детето, пропишува дека образованието на детето треба да биде насочено кон подготовка на детето за одговорен живот во слободно општество, во дух на разбирање, мир, толеранција, еднаквост на половите и пријателство меѓу сите народи, етнички, национални и верски групи и лица со автохтоно потекло. Бројните пријавени инциденти на директорот Арсеновски кои се случиле во ОУ Лазо Ангеловски, а за кои се свесни и самите ученици, сериозно го доведуваат во прашање исполнувањето на спомената обврска на државата од Конвенцијата.
- Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW) во член 11 пропишува дека на жените треба да им се обезбеди правото на заштита на здравје и безбедност при работа. Во случајот со ОУ Лазо Ангеловски сметаме дека државата не успеала да ја обезбеди потребната заштита и да ја имплементира оваа обврска како земја потписничка на Конвенцијата.
- Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција), чија потписничка е и нашата земја, пропишува обврска за заштита на жените од сите форми на насилство и спречување, гонење и елиминирање на насилството врз жените и домашното насилство.
Конвенцијата пропишува дека државите потписнички се воздржуваат од учествување во каков било акт на насилство врз жените и обезбедуваат дека државните органи, функционерите, службениците, институциите и другите актери коишто дејствуваат во име на државата, постапуваат во согласност со ваквата обврска. Дополнително, конвенцијата им дава обврска на земјите потписнички да ги преземат сите законодавни и други мерки за превенција и заштита од психичко насилство, физичко насилство, демнење и сексуално насилство и вознемирување.
- Законот за заштита на правата на децата пропишува дека во обезбедувањето на заштитата на детето и неговите права утврдени со закон меѓу другите се вклучени и образовните институции. Имајќи ја предвид ваквата одредба, а vis a vis забраната за дискриминација и физичко и психичко насилство и малтретирање од истиот закон, недопустливо е заштита на правата на децата во образовна институција да биде оставена на човек кој е осуден за вршење семејно насилство.
- Законот за работни односи забранува секаков вид на вознемирување на работно место, како и злоупотреба на правата на вознемирување на работно место. Истиот закон ги инкриминира половото вознемирување и психичкото вознемирување на работното место (мобинг).
- Во членот 5 од Законот за заштита од вознемирување на работното место, исто така се забранува психичко и полово вознемирување на работното место.
Поради сите горенаведени аргументи, ги повикуваме надлежните институции, особно Министерството за образование и наука и Општина Аеродром да ги испитаат индициите и да постапат според истите, имајќи го предвид најдобриот интерес на детето и водејќи се од начелото дека заштитата и превенцијата од родово заснованото насилство и насилството врз жени и девојки треба да биде императив во образовниот процес.