Годишен информатор за дискриминација за 2017 година

јули 25, 2018

Хелсиншкиот комитет за човекови права во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје го спроведува проектот „Промоција на толеранцијата и недискриминацијата“. Една од активностите во рамките на овој проект е подготовка на Годишен информатор за дискриминација за 2017 година кој ги претставува збирните податоци добиени од здруженијата на граѓани за регистрираните случаи на нееднаков третман, информациите од јавен карактер добиени од првостепените судови за бројот на судски постапки во делот на заштита од дискриминација, како и обработка на податоците од годишните извештаи за 2017 година на Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител во однос на регистрираните случаи, поведените постапки и донесените мислења за заштита од дискриминација.

Според добиените податоци како најчести основи за кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се: пол и род , попреченост, етничка припадност, политичка припадност, сексуална ориентација, здравствена состојба, религија.

Најчести области во кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се: работните односи, образованието, пристапот до добра и услуги, медиумите и здравството.

Забележано е зголемување на бројот на позитивни судски одлуки за заштита од дискриминација, особено на подрачјето на Основен суд Битола, Основен суд Скопје, Основен суд Прилеп и Основен суд Берово.